Правило 80/20: Можеме ли да очекуваме 100 отсто од врската, партнерот, но и од нас самите?

У&З колумна

Можеби сте чуле за правилото 80/20, кое многумина го применуваат…

Повремената трка со килограмите е неизбежна одвреме-навреме, дури и кога целта не е да се направи „тело за на плажа“ (не заборавајте дека всушност не постои тело што не е за на плажа!). Па, така, и јас паднав во таа замка на броење калории, секојдневно вежбање и информирање за тоа кој е најдобриот режим, најздравиот појадок и најбезгрешниот десерт. Сето тоа само затоа што си ставив во глава дека мојата идеална тежина е пет килограми полесна од моменталната.

Сè уште не сум ја достигнала таа замисла, можеби и никогаш нема, но тоа е сосема во ред. Поважно ми е што дознав многу корисни работи, научив што е најдобро за моето тело и која храна му годи. Исполнив 80 отсто од целта, преостанатите 20 ќе ги компензирам со стекнатото знаење.

Можеби сте чуле за правилото 80/20, кое го применуваат многу познати личности за да ја одржуваат својата линија, меѓу кои и манекенката Миранда Кер. Тоа подразбира дека 80 отсто од храната што ја консумирате треба да биде здрава, додека преостанатите 20 отсто од храната може да бидат нешто покалорично или нездраво. Главната идеја е да не се претерува, но и да не се откажувате целосно од омилената храна. Звучи изводливо и прифатливо, нели? (Добро, освен за екстремистите што функционираат по принципот „сè или ништо“.)

Како функционира правилото 80/20 во љубовните врски?

Интересно е тоа што ова правило може да се примени и во партнерските односи. Притоа, не мислам на принципот 80/20 на Парето, според кој 80 отсто од резултатите произлегуваат од само 20 отсто од сите наши активности (побарајте го на Гугл за повеќе информации – и ова правило може многу да ви се најде). Овој пат мислам на тоа дека не можеме да добиеме 100 отсто од една здрава љубовна врска, туку максимум 80 отсто. Преостанатите 20 отсто мора да ги обезбедиме самите. Тоа би значело дека не можеме да очекуваме од еден човек сè што бараме.

На пример, можеби тој е паметен, грижлив и трудољубив – тоа се 80 отсто од квалитетите што ви е важно да ги поседува вашиот партнер – но не е многу романтичен и спонтан – а тоа се преостанатите 20 отсто што недостигаат. Можеби тој е внимателен, секогаш ве ислушува и ви дава добри совети, но не сака да излегува толку често и претпочита да седи дома, а вие секогаш сте расположени за забава во град.

Љубовните експерти токму тоа го наведуваат како причина за најголемиот број неверства, односно тие 20 отсто луѓето обично тргнуваат да ги бараат кај друга личност, надвор од врската. Ова можеби ви звучи себично, но ако ги потиснувате вашите неисполнети потреби, постојат големи шанси дека на крајот ќе станете несреќни и огорчени. Од таа причина, психолозите предупредуваат дека не треба толку брзо да се осуди нечие неверство. Тоа речиси секогаш е знак дека нешто недостигало во врската (тие 20 отсто).

Дали вреди?

Но вреди ли да се ризикуваат осумдесетте отсто што веќе ги добивате од врската за преостанатите дваесет? Секако дека не треба да се потценуваат и вашите најмали барања и желби, меѓутоа постои и друг начин да ги исполните. Вашиот партнер не мора да биде задолжен за тоа! На крајот на краиштата, сигурно и вие самите не исполнувате 100 отсто од неговите замисли за совршена врска.

Решение? Престанете да очекувате 100 отсто! Од себе и од другите. Осумдесетте нека бидат новите сто. Тие 20 отсто што ви недостигаат во врската, надоместете си ги самите. Не форсирајте го партнерот да излегува ако не сака. Затоа се тука вашите пријатели! Наместо да очекувате романтичен гест од него, почестете се самите со тоа што ќе си посветите цел ден на себе или, уште подобро вие, направете нешто романтично за саканиот. Бидете совршени во работата, диетата и вежбањето 80 отсто од времето, а преостанатите 20 отсто слободно „забошотувајте“. Дозволено ви е тоа!

Пишува: Марија Лукаревска

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.