Дали го работите тоа што го сакате? Пронајдете се себеси на професионален план, со помош на совети од психолог

Совети за личен развој

Совети побаравме од Душица Цандова, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија

Многу луѓе се соочуваат со тешкотии при наоѓањето професија што ќе ги исполнува и ќе ги прави среќни, па неретко завршуваат на работно место што не им се допаѓа само заради приходите, додека нивното незадоволство секојдневно расте. Како да се пронајдете себеси на професионален план советува Душица Цандова, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија.

Како да откриеме што сакаме да работиме?

За жал, наоѓањето работа што ќе нѐ исполнува и не е така лесна работа. Некогаш принудени сме да прифатиме одредена работа само заради финансиите, што понатаму е проследено со незадоволство кое не може долго да се толерира. Факт е дека никој не може да биде среќен ако не ужива во тоа што го работи. Од друга страна, пак, не можеме да очекуваме дека секој ден еднакво ќе уживаме во работата. Но дури и во тие денови, доколку работата се заврши правилно и со позитивен став, на крајот од работното време ќе почувствуваме големо задоволство и уживање во слободното време.

Како да се постигне баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот?

Во последно време сите сме премногу фокусирани на градење кариера и успех на професионален план, без да бидеме свесни што сѐ друго занемаруваме или пропуштаме заради тоа. Технологијата, несигурноста на работното место, недостигот од вработени, обемот на работните обврски и слично, го зголемуваат нивото на стрес но и должината на работните часови. Истовремено, динамиката на животот, очекувањата, желбите и амбициите, исто така имаат своја тежина. Не постои совршен баланс помеѓу работата и приватниот живот. Сè зависи од работните обврски и од тоа како некој се справува со своето секојдневие. Сепак, генерално, се постигнува така што не се фаворизира едниот аспект повеќе од другиот и не се дозволува тие меѓусебно да си попречуваат.

Треба да бидеме свесни дека баланс не значи буквално еднакво распределено време. Обидот да се распределат еднаков број часови за секој различен аспект е нереален. Балансот може да варира од недела во недела, па дури и од ден на ден, а исто така и од човек до човек. Балансот за некој што е сам и некој што е во брак и има деца не може да биде ист. Не фокусирајте се на тоа да ги завршите работите совршено, туку направете реален распоред за тековниот ден. Сосема во ред е некои денови да сте попосветени на работата, а некои денови да посветите повеќе време на семејството, пријателите, хобито… Но секогаш давајте му приоритет на вашето здравје. Ако секојдневно сте оптоварени со работа, нема да имате простор за личен развој и секогаш ќе ви треба време за одмор.

Кога е вистинското време за промена на работното место?

Колку што е важно да се разберат причините што ги тераат вработените да ја напуштат организацијата, исто толку важно е да се разбере зошто вработените остануваат. Студиите сугерираат дека вработените по одреден период стануваат приврзани за нивните работни места и за заедниците. Тие развиваат мрежа од врски и конекции, и на работното место и надвор од него, што значи дека напуштањето на работата би барало и прекинување или преуредување на овие социјални и вредносни мрежи. Па така, вистинското време да се направи промена на работното место е кога ќе забележиме дека балансот за којшто зборувавме претходно го нема или целото наше време е посветено само на професионалниот аспект од нашиот живот. Во такви ситуации не треба да се плашиме да излеземе од нашата удобна зона и да бидеме отворени кон нови искуства.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

М-р Ивана Хаџиванова: „Доколку утврдите дека се соочувате со одреден тип насилство во вашата партнерска релација, не молчете!“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.