Чек-листа: Дознајте како музичарот Јон Ајди го поминува слободното време!

Топ-предлози

Предлози што да гледате, слушате, читате…

Во слободно време, музичарот Јон Ајди (@yon_idy), кој многу брзо го доби епитетот „светски а наш“, добива инспирација за творење од поезијата на Неруда, а се опушта со интересни филмови и серии. Ова се неговите топ-предлози!

КЛУЧНИ АЛАТКИ ЗА СОЗДАВАЊЕ

Можеби не се толку интересни, но мобилните апликации што најмногу ги користам периодов се Notepad и Recorder. Во последно време сум зафатен со планирање и работење на нов материјал, се надевам и албум, па Notepad е апликацијата во која пишувам текстови, а на Recorder снимам идеи и мелодии што ми доаѓаат во моментот кога создавам песни.

ОМИЛЕНА СЕРИЈА

Better Call Saul е една од моите омилени серии. Едвај чекам да почне новата и последна сезона во април. Ако не сте ја гледале досега, сега е вистинскиот момент да ги изгледате претходните сезони, за да ја дочекате новата навреме.

КОНЦЕРТ ЗА ПАМЕТЕЊЕ

Бендот The Lumineers е мојот фаворит во моментов. Минатиот месец мојот најдобар другар ме изненади со билет за нивен концерт, па имав среќа да ги слушнам во живо во Амстердам, токму на турнејата за нивниот најнов албум Brightside. Еден од најубавите концерти на кои сум бил, ќе го паметам засекогаш!

ИЗВОР НА ИНСПИРАЦИЈА

Збирката поезија на Пабло Неруда „Поезијата на Пабло Неруда“ е книга што ја купив пред неколку години. Веќе ја имам прочитано, но во последно време често се навраќам на неговата поезија ако ми треба инспирација за моите песни.

КОМЕДИЈА СО СИЛНА ПОРАКА

„Не гледај нагоре“ е комедија со силна и сериозна порака за денешните општествени предизвици во светски рамки. Секогаш ми се допаѓа кога се комбинираат два или повеќе жанрови што обично не одат заедно. Мислам дека овој филм одлично го постигнува тоа. На интересен начин успева да испрати важна порака до гледачите.

А наш предлог е да преслушате една од неговите песни, во која несомнено ќе уживате…

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, ИНТЕРНЕТ, Julia Lemba/iStock/Jason Koerner/Stringer/Getty Entertainment

Чек-листа: Што слуша, гледа и чита пејачката Наташа Миха во слободно време?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.