Отворете ги очите! Стручни совети како да препознаете манипулација во партнерскиот однос

Исповеди на нашите читателки

Нашите соговорници со лични приказни за манипулациите и лагите со кои се соочиле нѐ натераа да размислиме како да се заштитиме од врските во кои стануваме жртви.

Кога ги слушнавме овие признанија, на почетокот изгледаа нереални и слични на филмски заплет, а потоа сфативме дека лагите, кои го менуваат текот на животот на другиот, за жал, се вообичаени. Психотерапевтката Мина Радосављевиќ нѐ советува како да ги откриеме и да се ослободиме од токсичните врски.

ТУЃО СРЦЕ

Пред неколку години почнав да се допишувам со едно момче преку социјалните мрежи. Тој беше нашинец, кој живееше и работеше во Финска. Преписката прерасна во заемни симпатии, а потоа следуваше неговото доаѓање во Скопје. Започнавме љубовна врска и поминавме шест одлични денови, по што ја продолживме врската со допишување и јавувања. На секои неколку месеци доаѓаше во Скопје за да се видиме и уживавме во зближувањето.

Ми беше чудно што не ме кани во Финска, особено што ми кажа дека има одлична работа во ИТ-секторот, како и дека има убав и удобен стан, но не сакав моите сомнежи да ме натераат на грешка со овој стабилен и посветен човек. Пролетаа две години, почнавме да планиравме деца и се согласивме да одиме и на клиника за ИВФ, бидејќи и двајцата наполнивме четириесет години. С

реде тие големи планови, добив повик во кој ми кажа дека раскинуваме без да добијам објаснување и дека ќе дојде во Скопје, за да не завршиме сѐ по телефон. Никогаш не добив никакво објаснување, па откако ми слегна шокот, почнав да истражувам (тоа е долга приказна) и на крајот дознав дека е оженет, па сѐ што се случуваше доби целосна смисла.

Му послужив за бегство од рутата на животот и бракот, а јас последните две години од можното остварување на мајчинството ги потрошив на врска со него.

А.Р., бренд-менаџерка

ВЕРУВАЈ МИ, ЛАЖАМ

Привлечен, тренира, има одлична работна позиција во реномирана компанија… По многубројните љубовни бродоломи и разочарувања, не можев да поверувам дека конечно имам среќа во љубовта. Одевме секаде заедно, не се противеше кога го носев со мене на друштвени настани (на кои одев службено), заедно одевме и во теретана и ме следеше секаде и во сѐ. Наскоро, по два месеци врска, ме праша дали сакам да се преселам кај него.

Иако не сум поддржувач на толку брз почеток на заедничкиот живот, прифатив. Неколку месеци по преселувањето, почнаа советите дека треба да живееме мирен и затскриен живот, да се оддалечуваме од другите, да си го градиме животот. Тој немаше социјални мрежи, а јас постојано добивав пораки од пријатели, другари, па дури и поранешни партнери со кои останав само добар пријател. Љубоморните сцени што ми ги направи поради тоа беа неподносливи.

Ми кажа дека социјалните мрежи се само губење време, дека ми го одземаат драгоценото време со него, ме советуваше да ги избришам профилите. Тоа траеше толку долго и изгледаше веродостојно, што дури и размислував да ги избришам, иако ми се извор на приходи. Постојано сакаше да ме менува – од моите навики, особини, па дури и физички изглед. Почнаа да му пречат и повиците на моите пријатели…

Некој внатрешен глас ме потсети дека се претворам во нешто што никогаш не би сакала да бидам и сето тоа како резултат на манипулација од страна на човек, кој знаеше со кого стапува во врска. По раскинувањето, следуваа бројни повици, молби за смирување и страшни навреди бидејќи останаа неуспешни.

И.С. инфлуенсерка

БУКВАЛНА ЗАМЕНА

Бев пет години во брак со мојот сопруг и – веќе имавме две деца, кога неговото семејство почна приватен бизнис кој почна да се развива со голема брзина, па и јас и тој станавме дел од тимот. Тој беше многу ангажиран, а јас, како што растеа обврските со децата, сѐ почесто отсуствував од работа. Имав грижа на совест поради незавршените обврски во фирмата, па ѝ предложив на моја другарка и поранешна колешка да прејде на работа кај нас за да ги поделам со неа работните обврски.

Од тој момент, сѐ беше уште подобро за нас, и дома и на работа, сѐ до моментот кога мојот сопруг почна да станува се понервозен и нетрпелив кон мене и дома и на работа. На почетокот, тоа го оправдував со притисокот од работата, но кога сето тоа се претвори во незаинтересираност за мене, почнав да се сомневам дека има друга.

Моите стравови прво ѝ ги доверив на мојата другарка, која ме советуваше да имам разбирање и да не мислам само на себе. Не ми требаше многу време да истражувам, за да ги потврдам своите сомнежи, тој имаше друга, и тоа поблиску отколку што мислев. Почна пеколот од развод, како и судската битка за поделба на имотот и старателството над децата, која сѐ уште трае. А трае и љубовта на директорот и заменичката.

J. J., претприемач

ДВОЈНА ИГРА

Кога првпат го запознав, беше прекрасен, дарежлив и харизматичен човек, кој веднаш ме освои, но за помалку од две недели во врската, првпат ми побара пари на заем во износ од 50 евра за да стави гориво бидејќи банкоматот му ја проголтал картичката. Наскоро, секој денар што го потроши на нашите први состаноци, си го врати со ситни позајмици од мене, секогаш со, барем за мене, убедливи изговори, а се доведов во ситуација да му „позајмам“ и добар дел од мојата заштеда.

Секојпат беше нешто неверојатно итно, во клучната ситуација се работеше и за спасување човечки живот. По три месеца се охрабрив да се јавам кај неговиот брат, кој ми рече дека е зависник од коцкање уште од рана возраст и ме молеше да не му давам ниту денар. Бидејќи се најдов во небрано, направив грешка останувајќи уште некое време во тој однос со надеж дека ќе си ги добијам парите назад, но не дојде до тоа.

Сега сум среќна што не се случија и полоши работи, со оглед на тоа дека се работи за бескрупулозен коцкар.

Н.А. наставник

Збор на психотерапевтката и психолог Мина Радосављевиќ

Изневерена доверба токму таму каде што очекуваме љубов и поддршка

Измамата, лагите и манипулациите од една страна и верувањето и учеството од друга се стари колку и партнерствата, но и другите врски.

Откако ќе биде изложена на таков ментален и емоционален маневар, личноста со која се манипулира останува повредена, разочарана, често со промена во целиот свој живот, или барем со промена во погледот кон тоа.

Лагите и измамите ги користат луѓе кои се интелектуално и/или емоционално незрели. Кога не можат да се справат со своите нагони внатре во себе, го ставаат партнерот со кој се во подредена положба во однос на нивниот незрел порив.

За секој човек да созрее, важно е да ги знае своите нагони, да прифати дека ги има, но и свесно и рационално да одлучи што да прави со нив. Често се случува луѓето во процесот на развој да се препуштат на своите нагони за да ги запознаат, во таквите врски можете да бидете само жртва, бидејќи личноста не е со вас заради вас, туку за да се запознае некои делови од себе, а вие и‘ користите за тоа. Кога ќе ја завршат својата задача, го напуштаат партнерот и продолжуваат со животните и развојните задачи.

Луѓето кои се склони кон измама често мислат дека љубовта кон себе е импулсивно задоволување на сите нивни потреби, како и безрезервно слушање и спроведување на сите свои нагони. Не, самољубието е всушност одговорност кон себе, но и кон луѓето со кои го делите животот. Дали измамата ќе повреди некого?

Да. Па што е тогаш со емпатијата? Јасно е дека луѓето од овие примери ја немаат или е на многу ниско ниво. Овде зборуваме за луѓе кои се отуѓени од другите, кои немаат врска со другите, па затоа немаат љубов кон ближните, ниту кон нив.

Парадоксално, нели? Секоја од овие измами се случија во партнерство чија цел е да создаде место за поврзување и љубов. Сега, преку задната врата го воведуваме концептот на способност за љубов, од кој тргнуваат почитуваните соговорници кога ја раскажуваат својата приказна.

Сите се шокирани што нивниот партнер направил вакво неочекувано нешто. Имаше очекување дека нивните партнери се способни да сакаат зрело и одговорно, а не арогантно, себично и бесчувствително, како што покажа крајот на секоја од приказните. Не сите луѓе имаат развиено капацитет за љубов. Некои имаат среќа да растат во семејство каде постарите ќе ги научат што е тоа, додека други, работејќи на себе, на пример преку психотерапија, си даваат шанса да доживеат љубов во својот живот.

Како да препознаете манипулација во партнерски однос? Не мижете со двете очи! Не размислувајте само за вашата цел и не гледајте на партнерот како средство за постигнување на некоја цел. Зошто? Затоа што тоа е плодна почва за манипулации. Кога ќе бидете заслепени од среќа поради потенцијалното остварување на вашиот најголем сон, тешко дека ќе можете целосно да ја видите личноста со која сте во врска.

Честопати манипулаторот (кој е добар во тоа) знае да препознае што сака личноста, дава навестување дека тоа ќе го добие од него, само за да ја мотивира да учествува во играта и да продолжи да го прави она што го сака манипулаторот. Не замижувајте со едното око Прашајте ги роднините, пријателите, познаниците што знаат за (потенцијалниот) партнер. Дознајте од партнерот кои се причините за раскинувањето во минатите врски и што е тоа доминантно во дадените модели на однесување, обрнете внимание. Зборувајте за тоа.

Личност што нема скриени намери, која не е манипулатор и која не крие ништо важно, нема да има проблем да разговара со вас за сите сомнежи кои ги имате поврзани со врската. Ако на почетокот наидете на неоснован отпор или неоснован напад како одбрана, внимавајте.

Кога ќе видите дека некој ве лаже, манипулира со вас, колку и да разбирате зошто го прави тоа, повлечете се од таа врска. Ако некој функционира така, на крајот на краиштата така и сака – дури и да не сака да пропадне, ние не можеме да го спречиме, а тој ќе нѐ повлече надолу со него.

Текст: Надежда Јокиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.