Дали треба да ги облекувате кучињата на ладно време? Совети за сите сопственици на крзнени миленици

Дознајте!

Облекувањето на кучињата е сѐ попопуларно, но дали навистина е неопходно или станува збор за помодарство?

Ова е тема што предизвикува голема дебата меѓу сопствениците на кучиња, но одговорот на ова прашање зависи од неколку фактори.

Зимата носи студ, снег и ниски температури, па повеќето луѓе размислуваат дали да ги облечат своите миленици и така да ги заштитат од студот. Зимската облека за кучиња навистина е симпатична, но дали навистина постои оправдана причина за да се користи?

Облекувањето на кучињата стана сѐ попопуларно, па на улиците често може да се видат разни модни комбинации на домашните миленици, како што се дуксери, палтенца, дождовни мантили и елеци, обувки, вратоврски и разни модни додатоци. Но еве од што зависи дали тие се неопходни за вашиот миленик…

Расата и големината на кучето

Помалите кучиња и кучињата со кратко влакно имаат тенденција да бидат почувствителни на студот и побрзо ја губат телесната топлина, за разлика од поголемите кучиња со густо влакно.

Тоа значи дека помалите кучиња и оние со тенко влакно се кандидати за носење јакни во текот на зимата, за да се згреат.

Активноста и времето поминато надвор

Нивото на активност на вашето куче и времето што го поминува надвор, исто така, се важни фактори. Кучињата што поминуваат многу време надвор, особено ако се активни и трчаат, можеби имаат помала потреба за јакна. Но ако планирате долга прошетка или подолго време седење на ладно, јакната може да му обезбеди дополнителна заштита.

Температурата и условите

Температурата и условите во кои живеете исто така играат улога. Во многу ладна и влажна клима, кучето може побрзо да ја изгуби телесната топлина, што го прави поподложно на хипотермија. Во такви услови, носењето јакна може да биде корисно за одржување на топлината.

Староста и здравјето на кучето

Староста и здравјето на кучето можат да влијаат на неговата чувствителност на ладно. Постарите кучиња и кучињата со одредени здравствени проблеми, како артритис, може да имаат поголема потреба за топлина и удобност за време на зимата.

Приспособливоста на кучето

Конечно, треба да се земе предвид приспособливоста на вашето куче. Некои кучиња природно подобро го поднесуваат студот и нема да им треба јакна, додека на други им е неопходна.

Одговорот на прашањето дали на кучињата им требаат јакни во зима не е едноставен. Зависи од многу фактори, вклучувајќи ги големината, расата, активноста, температурата и условите. Најдобро е внимателно да го следите вашето куче за време на студените месеци и да ги препознаете знаците на непријатност или студ. Ако забележите дека вашиот миленик се тресе, ги влече шепите или се обидува да се сокрие од студот, размислете за користење јакна за да го заштитите и да му биде удобно во текот на зимата.

Во секој случај, благосостојбата и удобноста на вашиот миленик треба да ви бидат приоритет.

6 раси на кучиња што најмногу страдаат кога ќе останат сами: Паѓаат во депресија!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.