Кога ќе прочитате што прават АДАПТОГЕНИТЕ за вашиот организам, ВЕДНАШ ќе ги вклучите во исхраната

Водич како да ги користиме

Тулси, ашваганда, родиола… Како се користат во исхраната овие билки со егзотични називи, кои, според стручњаците, можат значително да го унапредат нашето здравје? И што точно прават тие во нашиот организам?

Ашваганда: ајувердско злато

Индиската билка ашваганда илјадници години се користи во ајувердата и има широк спектар на дејство. Ги намалува стресот, анксиозноста и депресијата, го зајакнува имунитетот, ја зголемува издржливоста на организмот и помага во случај на хроничен умор. Има смирувачко дејство врз кардиоваскуларниот и централниот нервен систем. Исто така, ја регулира хормоналната рамнотежа и е моќен антиоксидант.

Елевтерокок (Eleutherococcus senticosus): пониско ниво на маснотии и шеќер во крвта

Елевтерококот или сибирски женшен е најпознат руски адаптоген и се применува на подрачјето на поранешен СССР. Најмногу го користат за зајакнување на имунитетот наесен и во зима, за закрепнување на организмот по стресен период, а истражувањата покажаа дека оваа билка има успешно дејство против инфекции и го намалува нивото на маснотии и на шеќер во крвта. Не се препорачува во случај на висок крвен притисок и во комбинација со други стимуланси.

Женшен: лек против сите болести

Женшенот долго време се сметаше за највредна и најскапа лековита билка на светот. Најпознатиот ботаничар Карл фон Лајн ја нарече „лек против сите болести“. Овој корен е најистражуваниот адаптоген досега, а неговата способност да му се спротивстави на стресот и да обезбеди енергија е докажана во многубројни истражувања. Женшенот ја зголемува отпорноста на организмот против разни неповолни фактори, меѓу кои и против тумори и инфекции.

Родиола (Rhodiola rosea): златен корен за подобра мозочна функција

 Родиолата успешно го нормализира нивото на кортизолот во крвта и има уникатна способност да ги полни мозочните клетки со кислород. Оваа лековита билка потекнува од Тибет и го заштитува организмот од штетното дејство на слободните радикали, придонесува за „поостар“ ум, ги подобрува концентрацијата и помнењето и успешно се користи во лекување депресија. Овој адаптоген помага и во случај на несоница, раздразливост, главоболка и умор.

Лековити печурки

Придонесуваат за нормализирање на хормоналната рамнотежа во организмот и помагаат во борбата против стрес, но секоја од нив има и уникатни својства:

РЕИШИ го зајакнува имунитетот, ја поддржува функцијата на црниот дроб и штити од зрачење. Му помага на телото да се приспособи кон разни видови стрес: повреди, инфекции, вируси, напорен режим со малку спиење и друго.

ЧАГА е богата со витамини од Б-групата, флавоноиди и со минерали. Таа е еден од најсилните антиоксиданти. Во Кина ја нарекуваат „царица на билките“, а во Јапонија „шумски дијамант“.

КОРДИЦЕПС го исполнува организмот со кислород, ја подобрува функцијата на мозокот и ја зголемува издржливоста, а едно од најважните дејства на оваа печурка е намалување на канцерогените клетки. Докажано е дека кордицепс ги намалува последиците од стресот врз организмот, ја зголемува неговата способност за обновување и му ја враќа виталноста.

Перуанска мача: хормонална рамнотежа и издржливост

Овој адаптоген потекнува од Перу и првенствено дејствува врз жлездениот систем, па активно се применува во нормализирање на хормоналната рамнотежа. Мача е богата со витамини од Б-групата, калциум, цинк и со железо. Ги поттикнува физичкото и менталното здравје, ја зголемува енергијата, а првите резултати се видливи само по неколку дена од нејзината примена. Многу атлетичари ја додаваат во исхраната за време на натпреварите, бидејќи ја подобрува издржливоста.

Мукуна (Mucuna pruriens): еликсир на среќата

Мукуна е хранлива билка што со векови се користи во Азија за лекување депресија и за подобрување на расположението. Ја содржи аминокиселината Л-допа, која во нашиот организам се претвора во допамин – хормон на среќа и на задоволство. Оваа лековита билка го смирува нервниот систем и ја подобрува мозочната функција. Помага и при слабеење, бидејќи го намалува нивото на маснотии во телото и го отстранува целулитот.

Свет босилек (тулси): релаксирање пред спиење

Индискиот свет босилек или тулси е познат како билка што смирува и опушта. Во ајуверда се смета за столб на холистичката билна медицина. Ја нарекуваат и „еликсир на животот“. Чајот од тулси е одличен за лицата што страдаат од несоница, а инаку е и силен антиоксидант, има антибактериски, антивирусни и антигабични својства. Помага при респираторни болести.

Текст: Катја Јаковлјева

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.