Не, воопшто не се шегуваме: Тикток-трендови за убавина со предзнак ХРАНА

Да, да, добро прочитавте!

Сите трендови што „експлодираа“ на оваа социјална мрежа пристигнаа од супермаркетот. И знаете кој ги почна речиси сите? Непобедливата Хејли Бибер!

Присетувајќи сè низ што поминавме во 2023 година, се задржуваме на полесни, позабавни теми. Па така, забележавме дека ако ги пребарувате трендовите за убавина на ТикТок и Гугл, ќе добиете стотици текстови во кои се анализира секој хаштаг што се појавил на таа мрежа дури и за еден ден. Токму ТикТок се покажа како добра почва за идеи во врска со шминкањето и дотерувањето, бидејќи брзата видеоприрода на мрежата е одлична за кратки туторијали.

Она што е исто така карактеристично за ТикТок е тоа што трендовите се лансираат и исчезнуваат за еден ден, како Халеевата комета. Сепак, тие оставаат трага во форма на хаштагови, а некои од нив имаат милиони и милиони поставени видеа на истата тема. Да, полека се помируваме со фактот дека живееме во доба на хистерична хиперпродукција.

Ако почнете да ги анализирате најголемите трендови, доаѓате до многу смешен заклучок: сите тие се инспирирани од храна и пијалак! Секако, отсекогаш постоела јасна врска помеѓу храната и шминката, бидејќи и во античко време луѓето користеле зеленчук за да додадат малку боја на лицето.

Ќе ги спомнеме само 18-от век и образите „цвекло“. На почетокот на новиот милениум постоеја разни маски за лице и кожа – од кромид, јајца, краставици и пиво, сè што можеше да се најде во тоа време во фрижидерот. Тој што не пробал пилинг со талог од кафе – нека фрли камен прв! Храната се споменува и во имињата на нијансите на производите за убавина – студијата на професорката Дебора Мерскин од Универзитетот во Орегон во 2012 година покажа дека жените секогаш се позаинтересирани да купуваат кармин чие име е поврзано со храната или сексот. Да го земеме како пример брендот Too Faced, кој повторно ја лансира палетата чоколадо во 2012 година, која стана бестселер за неколку секунди (сенките дури и мирисаат слатко).

До 2018 година, оваа опсесија растеше и растеше, и еве, само пет години подоцна, трендсетерката Хејли Бибер го лансира својот бренд за убавина Rhode, преку трендот „кожа како глазирана крофна“. Можеби за момент ни звучеше глупаво, но милионските резултати од продажбата на производите се доста сериозни.

Оваа година, таа учествуваше во креирањето на мегатрендовите за кои сигурно сите сте слушнале, а од ги издвојувам: #lattemakeup, #strawberrymakeup и #tomatomakeup. Без сомнение, ова е годината кога Хејли ја сврти маркетиншката игра и ни остави „вкусни“ предизвици за убавина.

#ESPRESSOMAKEUP

Реално, постојат два тренда на тема кафе, кои се преплетуваат, па дури и за стручните познавачи е тешко да се опише како тие се разликуваат. Но грубо да кажеме дека лате-шминката се препознава по беж и кафените тонови, додека за еспресо треба да се користат појаки кафени нијанси. Универзалниот рецепт вклучува бронзер на јаболчните коски и на капаците и темнокафена сенка со бронзен сјај во центарот на капакот.

#MARTINIMAKEUP

Како што се приближуваме до Новата година, трендовите се насочуваат кон шанкот. Сега на менито се и алкохолните пијалаци, поточно во фокусот е мартини, како целосна спротивност на топлиот изглед на јагода – трикот е да користите силни, но ладни нијанси на сенки за очи (идеално е да се користи маслинесто-зелена). Задолжителен е и ајлајнер, малку сјај на очните капаци и јаболчните коски, додека руменилото целосно се избегнува.

#STRAWBERRYMAKEUP

Во август, видеото во кое Хејли носи #strawberrymakeup имаше над 18 милиони прегледи. Она што е најгенијално е што тоа е доста едноставен начин на шминкање – Хејли нанесе светкав серум, ги среди веѓите, додаде малку коректор под очите, малку бронзер на јаболчните коски, па руменило, кое го додаде и на очните капаци и носот, а потоа ги дефинираше пегите и нанесе сјај на усните. Иако сега ни е јасно дека овој минимален мејкап беше дел од кампањата за лансирање на брендот, тој неочекувано ја надмина својата цел. Толку многу, што дури и Џиџи Хадид во кампањата на Jacquemus во септември се одлучи за него.

#TOMATOMAKEUP

Томато всушност беше летна епизода која им се надоврза на јагодите. Визуелно, овие изгледи се слични, а главната разлика лежи во тоа што за доматот е неопходно да се користи повеќе црвено руменило, идеално ако е во боја на цигла, како што го носеле поп-ѕвездите во текот на 1980-тите. Идејата е да се биде внимателен поради драматичната нијанса, а искусните шминкери тврдат дека решението лежи во крем-руменилото за да се добие посветол ефект.

#BLUEBERRYMILKNAILS

„Млеко од боровинки“ е многу светлосин лак, таков каков што сите го имавме во нашите фиоки веќе две илјади години. И сега доживеа ребрендирање – особено од моментот кога Софија Ричи беше забележана со таа нијанса на ноктите. Иако се работи за боја која одлично се вклопува со летните денови, овој тренд сепак изгледа многу добро и продолжува да доминира и во студените.

#HONEYLIP

И конечно, тренд за кој не е одговорна Хејли. Медната усна ја создаде тиктокерката Ева Лароса, која покажа интересен начин како да ги направи своите усни да изгледаат попривлечно. За ова, потребни ви се три производи: златна светкава сенка за очи и неутрален молив за усни и сјај за усни.

Користете ги прстите за да нанесете сенка во центарот на усните, фокусирајќи се особено на горната усна, а потоа обојте ги со моливот и како финале – додајте им сјај!

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.