Време е да блеснете: Идеи за урбана шминка во режија на мејкап-артистката Дани Митановска

Убавина & стил

Кој мејкап-изглед ви се допаѓа најмногу?

Вештите раце на Дани Митановска (@muaellasbeauty) секојдневно разубавуваат голем број дами, а нејзините мејкап-изгледи предизвикуваат восхит. Оваа есен блеснете со помош на нејзините драгоцени совети за модерна шминка.

Дани Митановска, мејкап-артистка
Есенска магија

Креативната и уникатна шминка е мојата зона, тука се чувствувам како вистински уметник кој може да се изразува без ограничувања! Овој изглед претставува ода на есента. Користев неутрални нијанси, потемни и посветли за да постигнам контраст. За да ја добијам посакуваната форма, употребив есенски лист и потоа само дефинирав и сенчев. На очите додадов ајлајнер во истите тонови. На усните нанесов темен кармин за да му дадам поголема моќ на целиот изглед. Со овој изглед освоив награда за најдобра есенска шминка во Франција.

Драма и гламур

Изгледот што ми донесе признание на U&Z Influencer Awards 2022 најмногу ме отсликува како уметник. За да го постигнам, ја користев техниката „cut crease“, употребив темни сенки и додадов светки за да ги истакнам очите. Усните ги нагласив со контури и нуд-кармин. Како да го постигнете и самите?

1. Дефинирајте ги веѓите.

2. Истакнете ги очите.

3. Изедначете го тенот на лицето.

4. Додајте контури или бронзер за да го дефинирате лицето и нанесете руменило за свежина.

5. Ставете го омилениот кармин!

Природно!

Овој мејкап е мојот омилен и најчесто го нанесувам на себе. За да го постигнете, можете да користите тонирачки серум или ББ-крем со СПФ за природна завршница на кожата. Додајте крем-руменило или тонирачки балм, што јас го користам и за усните и за образите. Средете ги веѓите со гел, може и да ги пополните малку со моливче. На очите нанесете неутрална сенка, омилената маскара и тоа е сè што е потребно за овој секојдневен изглед.

Шик елеганција

Обожавам елегантна шминка. Тука ја користев техниката „cut crease“ за да креирам зачаден фокси-поглед. Употребив не премногу темна сенка на очите во долниот дел за да добијам длабочина, а со карминот го акцентирав целиот изглед и му дадов доза елеганција и гламур.

Трендовски изглед

Ова е најмодерниот мејкап-изглед во последниве две години што се бара за секоја пригода! Повторно ја користев техниката „cut crease“, а тоа е кога посветлата нијанса на сенка за очи ја пресекува браздата на очниот капак, креирајќи драматичен контраст што прави очите да изгледаат крупни и дефинирани. Употребив неутрална палета на сенки, омилениот коректор, ги дефинирав цртите на лицето, нанесов ајлајнер за поголема длабочина на очите и додадов трепки со соодветна форма.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.