Во кој танцувачки тип спаѓате?

Во ритам на музиката за танц...

Ја освои целата планета, па нека ве освои и вас! Танцот никогаш не бил попопуларен, а воедно и една од најзабавните и најефикасните физички активности

Без разлика на степенот кондиција и физичка способност, секој може да танцува и да ужива во тоа.

Танцот им користи на сите луѓе, независно од животната доба и од нивото физичка подготвеност. Тоа е забавен, аеробен облик на активност, идеален за истегнување на екстремитетите и за зајакнување на централниот дел од телото.

За повеќето курсеви по танц не е потребна дополнителна опрема. Во случај да е потребна, најдобро е да почекате неколку часа за да бидете сигурни дали танцот ви одговара, пред да потрошите многу пари за опрема што веројатно веќе никогаш нема да ја облечете. Ќе ви послужи и гардеробата што веќе ја имате – хеланки (или долно тренерки) и спортска маица.

За рекреативно занимавање со кој било вид танц, не ви се потребни никакви телесни предиспозиции – одредена висина, тежина, обем на половината или на колковите.

Вие не сте професионалец, па немојте да се срамите, ниту да се грижите што другите мислат за вашите танцувачки способности. Сите почетници се еднакво невешти и нервозни како и вие.

Со тек на време, кога ќе ја надминете несигурноста, играта ќе ви стане неверојатно уживање. Обидете се, бидејќи немате што да загубите – освен неколку килограми!

Зошто танцот веднаш го подобрува расположението?

Главната причина поради која танцот опстојува од времето на пештерскиот човек па се до денес е основната човекова потреба да бидеме среќни.

Британските истражувачи открија дека и на депресивните пациенти, по деветнеделен курс по салса, значително им се подобрува менталната состојба.

Истовремено, германските научници утврдија дека кај танцувачите на танго, по танцот, се снижува нивото на стрес-хормонот, како и дека се многу поопуштени, бидејќи се чувствуваат попривлечно.

Зошто? Ендорфинот е природен опијат на мозокот што се активира за време на пуштање музика. Освен тоа, физичката активност го поттикнува транспортот на невротрансмитери низ телото.

Бидејќи танцот ги обединува овие два позитивни ефекта, дефинитивно е најдобар облик на вежба, а особено заради социјалниот контекст.

Како дејствува на…

Срце

Движењата во ритамот на музиката се забавен вид вежбање, кој го забавува пулсот и го снижува крвниот притисок.

Стомак

Ако танцувате динамично, вашите стомачни мускули фантастично ќе се затегнат.

Нозе

Многу видови танц вклучуваат скокови, што е одлично за зајакнување на мускулите на нозете. Освен тоа, страничното движење на телото, кое е исто така елемент на многу танци, ги зајакнува коските што се носители на тежината, и на тој начин се спречува појава на остеопороза.

Самодоверба

Бидејќи спаѓа во социјално активности, танцот ги зајакнува самодовербата и чувството на блискост со другите луѓе, го подобрува расположението, а истовремено го намалува и стресот.

Раце

ОК, Мадона не ги обликување мускулите на рацете само благодарение на своето диско-минато. Сепак во многу танци рацете се активни и со тоа зајакнуваат. 

Задник

Активностите во кои активно се согоруваат калории, како што се зумба и хипхоп, предизвикуваат интензивно потење и обезбедуваат долготрајна енергија. Тоа ќе ви помогне да ослабите и да ја задржите идеалната тежина.

Во кој танцувачки тип спаѓате?

СТАНДАРДНИ ТАНЦИ

Ако сакате елеганција

Ако ве воодушевуваат движењата на танцувачко-актерските ѕвезди на некогашниот Холивуд, тогаш изберете класични танци. Провокативниот ча-ча-ча, енергичниот џајв или елегантниот валцер ја зголемуваат физичката издржливост, ја подобруваат функцијата на срцето и ги зајакнуваат сите мускули.

ЗУМБА

Ако сте за атмосфера во забавата

Зумба е комбинација од енергични латино, африкански,

карипски и салса-движења, со која ќе се чувствувате како да сте среде Бразил. Исто така, зумба е најдобар метод за согорување калории – за време на еден час се согоруваат до 600 калории.

УЛИЧЕН ТАНЦ (хипхоп)

Ако ви е потребна поголема самодоверба

Можеби изгледа дека овој вид танц тешко се совладува, но сепак многу е забавен, популарен и достапен за сите. Можете да ѝ се придружите на некоја група што самостојно изведува танц-точки на отворено, или да се запишете во некој клуб.

САЛСА

Ако претпочитате динамичен социјален живот

Ова е еден од глобално најпопуларните и најмасовните танци, кој можете да го практикувате на повеќе места. Овој танц го зголемува белодробниот капацитет и е совршен согорувач на масти.

Совет-плус По совладување на основните танци, можете да пробате и некои нови танцувачки вештини.

 Стомачен танц Се темели на основите на источните танци и претставува совршена вежба за стомачните мускули. Исто така, согорува и многу калории.

Аргентинско танго Овој еротски латино-танц е одличен за обликување на мускулите на целото тело, особено на нозете.

Степување Степувањето не е само за луѓето што сакаат класични мјузикли. Оваа вежба ги затега задникот и бутовите, и ги обликува листовите.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Pixabay

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.