Диета во бројки: Ви ги откриваме цифрите што имаа важна улога во вечната борба со килограмите – низ историјата!

1087 Година во која првпат во историјата е забележано дека некој држи диета. Англискиот крал Вилијам Освојувачот, кој бил премногу дебел за да јава коњ, одлучил да ослаби држејќи „алкохолна диета“. Загубил килограми, но истата година и загинал паѓајќи од коњ.

12-от век остана забележан и по тоа што тогаш шкотските калуѓери ги направиле првите апчиња за слабеење, на база на билки, за кои се тврдело дека го елиминираат чувството на глад со недели.

32 Оптимален број џвакања на секое залче, според Хорациe Флечер, стручњак за диети од 19-от век.

24 Број години за време на кои овој стручњак го пропагираше „флечеризмот“, кој му го донесе прекарот Големиот џвакач.

50.000 Просечната заработувачка на американските диететичари и нутриционисти за 2007 год., изразена во долари.

2005 Годината во која компанијата „Кока-кола“ го промовира новиот производ „кока-кола зеро“, наменет за луѓето што не го сакаат зборот „диетално“ на пакувањата на производите.

Ана Винтур и Карл Лагерфелд

1.200 Дневна калориска вредност на храната што дизајнерот Карл Лагерфелд ја консумирал во 2001 година, кога ослабел 40 килограми за конечно да може да облече тесен костум.

57 Бројот килограми на славниот поет Бајрон откако, по петгодишната диета со оцет, симнал 30 килограми.

1869 Година во која лондонскиот погребник  Вилијам Бантинг ја објави книгата „Писма за дебелината“, во која пропагира исхрана богата со протеини, а сиромашна со масти и шеќери.

 1950 Годината во која оперската дива Марија Калас наводно почнала да голта кучешка тенија за да ослаби.

1952 Американскиот магазин „Паџнт“ го објави текстот „Како ја одржувам формата“, во кој Мерилин Монро ги откри своите тајни на исхраната.

1957 Објавена е книгата „Симнете килограми преку молитвата“ на американскиот свештеник Чарли Шед, во која тој дебелината ја нарекува грев, пропагира постење и сугерира молитви за да се пронајде задоволство во физичките активности.

12.000 Бројот калории што секојдневно ги внесува пливачот Мајкл Фелпс, олимписки освојувач на злато.

9 Толку килограми Бијонсе загубила за филмот „Дримсгрлс“, држејќи ја диетата „мастер чаленџ“, која подразбира консумирање вода со лимон, јаворов сируп и чили-пиперче.

7 Бројот килограми што Бијонсе ги качила за улогата во филмот „Кадилак рекордс“ во 2009 година. За овој режим на исхрана пејачката изјави дека бил „многу полесен и повкусен“.

10 Толку дена поминаа по породувањето на Никол Кидман кога њујоршкиот весник „Дејли њуз“ објави дека ги симнала сите килограми што ги накалемила за време на бременоста.

1987 Филмската дива Елизабет Тејлор ја објави својата книга во која зборува за борбата со килограмите, но и со алкохолот.

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.