РАЗДВИЖЕТЕ СЕ: Која е разликата помеѓу мобилност и флексибилност?

И зошто се толку значајни?

Разговаравме со Дрита Зеќири (@dritazeqiri), практикантка на аштанга-јога

Флексибилноста и мобилноста (подвижноста) се поими за кои постојат многу дискусии дали се идентични. Станува збор за многу важни способности на телото, кои се заемно поврзани и кои ни овозможуваат ефикасно правилно движење, без болка. Дрита Зеќири ни објасни како тие меѓусебно се разликуваат:

„Флексибилноста претставува способност за слободно движење во зглобот, без ограничувања, и се заснова на способноста за слободни движења, преку контракција и релаксација на мускулите. Односно, флексибилноста претставува способност на ткивото да го промени обликот и да се врати во првобитната состојба. Мобилноста, пак, се дефинира како способност на структури  или делови од телото да се движат или да се придвижат во рамките на функционалниот опсег на движење“.

Прочитајте зошто мобилноста и флексибилноста се толку важни и како тие може да се подобрат со вежбање јога…

ЗОШТО СЕ ТОЛКУ ЗНАЧАЈНИ?

Денешното темпо на живеење е многу брзо, поради што луѓето често се под стрес, не се грижат за себе, лошо се хранат, не спијат доволно и не вежбаат редовно. Од друга страна, прекумерната употреба на технологијата, неправилната седечка положба и гледањето во екранот на паметните уреди доведуваат до искривување на нормалната положба на телото. „Последици од сето тоа се испакнатост на главата нанапред, искривување на ‘рбетниот столб, вкочанетост на карлицата, затворање на колковите, а тоа доведува до намален опсег на движењето“, објаснува Дрита.

Вежбите за флексибилност и мобилност може значително да ги намалат горенаведените проблеми, а јогата е одличен избор како физичка активност за таа намена. „Секојдневното практикување јога ја зголемува флексибилноста на нашето тело и ни помага да станеме поеластични, така што ни го засилува чувството на моќта што ја имаме над своето тело. Притоа, асаните што ги вежбаме за баланс, со цел да го смириме своето тело, видливо ја зголемуваат неговата мобилност“, открива таа.

РАЗДВИЖЕТЕ СЕ!

Пробајте ја серијата вежби со која започнува секое практикување аштанга-јога – „Поздрав на сонцето“ (Surya namaskara), кој традиционално се состои од 12 позиции, придружени со 12 вдишувања.

10 ПРИДОБИВКИ ОД „ПОЗДРАВОТ НА СОНЦЕТО“

1. Рамномерна распределба на животната енергија

2. Го загрева телото, што помага да се отстранат токсините

3. Ја зголемува силата и ја подобрува флексибилноста на мускулите и на ‘рбетот

4. Ја подобрува работата на дигестивниот систем

5. Ги регулира притисокот и маснотиите

6. Ги прочистува белите дробови и ја подобрува работата на срцето

7. Ја стимулира функцијата на целиот ендокрин систем, жлездите и хормоните

8. Ги подобрува концентрацијата, меморијата и спиењето

9. Ги подобрува тенот и сјајот во очите

10. Дава сила и виталност за долговечност

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: @samwlab, Liudmila Baskelovich/iStock via GETTY IMAGES

Јога vs. Пилатес: Која е разликата? Што е за вас?
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.