Се храни вегански, но полесно ѝ е да каже дека пости: Дознајте како изгледа менито на Снеже Велков!

Како се хранам

Познатата водителка и инструкторка по пилатес започнала да практикува веганска исхрана од здравствени причини, а промените што ги забележала биле неверојатни…

Снеже Велков е еден од најпрепознатливите ликови на малите екрани, благодарение на многубројните успешни телевизиски проекти, а составен дел од нејзиното динамично секојдневје се и часовите по пилатес. Секогаш ведра и расположена, таа вели дека нејзината енергија се должи на исхраната што ја практикува. Откако во 2006 година ѝ биле откриени интолеранции и алергии на храна од животинско потекло, таа се храни вегански. Приспособувањето на новиот режим во почетокот било тешко, но сега таа е среќна и исполнета, бидејќи ја внесува храната што ѝ одговара. Снеже ни откри нешто повеќе за веганството и за нејзините навики…

„ПОЛЕСНО МИ Е ДА КАЖАМ ДЕКА ПОСТАМ“

Во времето кога Снеже станала веганка, овој начин на исхрана сè уште не бил познат за пошироката популација: „Некои ме гледаа чудно, угостителите во рестораните мислеа дека се фолирам. Немаше свест за веганството, па беше чудно ако побарам да не стават сирење во салатата или ако прашам дали компирот е печен со животинска маст. И денес ми се случува да кажам дека јадам само посна храна, бидејќи така полесно ме прифаќаат. Бев осамена во барањето информации и рецепти. Правев грешки што ме чинеа скапо и резултираа со повраќања и јадежи по телото, но по една-две години, сè си дојде на своето место. Сега сум среќна, ведра и весела веганка Снеже“.

„ВИДЛИВИТЕ ПРОМЕНИ БРЗО НАСТАПИЈА“

Откако станала веганка, Снеже најпрво забележала спласнување на отоците што биле присутни поради алергиите, а не биле вишок килограми: „Кожата ми се исчисти и стана мека и мазна. Енергијата ми се зголеми, благодарение на храната што ми одговараше и не ме правеше тромава, сонлива и безволна.“

На прашањето дали е добро да си веган, таа гласно вели „да“ и додава дека тоа никако не ги попречува другите животни функции и активности: „Износив две бремености. Родив две деца хранејќи се исклучиво со растителни производи и доев без проблем. Вежбам, активна сум секој ден и немам никаков проблем со недостиг од енергија или храна. Па, и најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ е веган!“

„ПРЕТПОЧИТАМ ДА СИ ГОТВАМ САМА“

Снеже признава дека не може да се пофали со редовност во оброците, но ни откри што најчесто консумира: „Наутро, вегански протеински шејк, во комбинација со едно лажиче кафе и некое овошје. Ручекот најчесто се состои од киноа со зеленчук, а тука се и мачканиците од наут, пире од грашок, грав, компир, печурки, ориз. Разни ќофтиња од зеленчуци, суши, рибата исто така е составен дел од моето мени. Сакам густи супи од карфиол, брокула, тиква. За вечера, претпочитам салати богати со зеленчук. Ги обожавам слатките вегански специјалитети, како што се тортите, колачите и житните плочки. Признавам дека не им верувам многу на рестораните, па мојот најчест избор е домашно готвената храна. Не можам да им одолеам на пржените компирчиња, ама ако си ги направам дома сама…“

„СЕКОЈ ТРЕБА ДА СИ ГО ПРОЧИСТИ ОРГАНИЗМОТ“

Според Снеже, секој треба малку да го испости организмот и да го прочисти од животинска храна. „Во почетокот ќе биде тешко, зашто организмот се бунтува, но треба да се издржи. Промената е убава а и ќе се изненадите од тоа колку вкусни вегански продукти има. Може прво да се почне со еднодневно постење, па да се зголеми тоа на тридневно, па да се стигне до седум дена, постепено. Нам не ни е непознато постењето, бидејќи имаме постови во религијата, кои се одлични ако некој сака да се обиде да стане веган“, порачува таа.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: МАРИО АНДОНОВСКИ, vaaseenaa/iStock via GETTY IMAGES

Како се храни познатата Викторија Лоба: Вечера рано, но не се откажува од чајот со торта или колач!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.