Дејвид Гир: „Ја разбирам нетрпеливоста на Македонците за што побргу да се премине во следнaта клучна фаза формално отпочнување на преговорите“

Евроамбасадорот за „Економист: Светот во 2021“

Во интервјуто што го даде за годишното издание на Економист: Светот во 2021-та, Н.Е. Дејвид Гир порачува дека „за Северна Македонија е важно да продолжи со реформите, што ќе го забрза пристапувањето на земјата во ЕУ, како и да продолжи со спроведувањето на дијалогот во согласност со нејзината заложба за добрососедски односи.“

Според Вас, кои се главните предизвици за следната година?

Несомнено, справувањето со пандемијата ковид-19 ќе биде меѓу главните глобални предизвици во 2021 година за сите нас. Прво, треба да се справиме со самата пандемија. Неодамнешните најави за развојот на вакцини се охрабрувачки. ЕУ веќе има договори со шест различни производители на вакцини, од кои некои се во завршна фаза на тестирање. И Европската агенција за лекови се надева дека ќе одобри вакцина до крајот на оваа година. Сепак, ЕУ сака да го осигури и пристапот до вакцините во светот.

Затоа собравме 16 милијарди евра за справување со корона вирусот на глобално ниво. Дополнително, придонесовме околу 800 милиони евра во т.н. Ковакс фасилити, за да осигуриме дека вакцината ќе стигне до земјите со низок и со среден приход.

Текот на вакцинацијата треба постепено да го намали товарот врз здравствените системи на земјите, да ги олесни воспоставените ограничувачки мерки и да помогне да се стави крај на пандемијата.

Втората задача е справување со социо-економските последици од пандемијата, кои се сериозни. Се проценува дека економијата на ЕУ ќе се намали за 7,4 отсто во 2020 година, додека ММФ предвидува глобална историска контракција на БДП од 4,4 отсто.

Бизнисите се затворени, инвестициите запреа, луѓето останаа без работа – сето тоа поради вирусот.

Закрепнувањето ќе биде најважна задача и ќе бара координиран одговор и долгорочно планирање. ЕУ ги мобилизира сите ресурси што ги има на располагање и го развива најголемиот стимулативен пакет досега – 1,8 трилиони евра составен од долгорочниот буџет на ЕУ дополнет со посебно наменет, привремен инструмент од 750 милијарди евра дизајниран да го зајакне закрепнувањето.

Истовремено, и покрај тоа што ковид-19 ги трансформира нашите општества и економии, некои од предизвиците со кои се соочуваме ѝ претходат на пандемијата.

Прашањата, како што се климатските промени, деградацијата на животната средина, потребата за развој на ефикасни ресурси, конкурентни економии изградени врз основа на подобрено поврзување и користење нови технологии, како што е дигитализацијата, се на високо место во нашата агенда веќе некое време.

Така, во обидот за справување со последиците од пандемијата, ЕУ работи на „повторна, подобра изградба“, инвестирајќи во закрепнувањето, промовира позелена, подобро поврзана, дигитализирана иднина.

Покрај справувањето со ковид-19, кои се главните приоритети на Северна Македонија за 2021?

Како што земјата се подготвува да започне преговори за членство во ЕУ, постои потреба да се задржи моментумот на реформите. Тие се во интерес на сите граѓани и се дизајнирани да создадат попросперитетно општество, преку создавање динамична инвестициска и деловна клима; за промовирање на транспарентност и одговорност, за поправедно општество и за градење издржливост, така што Северна Македонија ќе биде во состојба да се справи со големиот број предизвици.

Ако пристапните разговори на ЕУ со Северна Македонија не започнат до крајот на 2020 година поради билатералниот спор со една земја-членка, дали може да се очекува преговорите да почнат во 2021 година?

Историската одлука за отпочнување преговори со Северна Македонија беше донесена во март, со договор на сите земји-членки на ЕУ. Таа одлука сè уште стои. Следниот чекор е усвојување на рамката за преговори неопходна за одржување на Меѓувладината конференција и формално отпочнување на преговорите.

Овој процес може да потрае. Ја разбирам нетрпеливоста на Македонците за што побргу да се премине во оваа следна, клучна фаза. Но, додека продолжуваат дискусиите на ниво на ЕУ, за Северна Македонија е важно да продолжи со реформите, што ќе го забрза пристапувањето на земјата во ЕУ, како и да продолжи со спроведувањето на дијалогот во согласност со нејзината заложба за добрососедски односи.

 Текст: Светот во 2021-та

Фото: Приватна архива

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.