Рејчел Галовеј: „Силната поддршка и долгогодишната соработка помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија ќе продолжи да расте и да се зацврстува“

Амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија за „Економист: Светот во 2021-та“

Н. Е. Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија, и во годинешното издание на „Економист“ го претставува својот поглед во иднината за претстојната година. Во ексклузивното интервју за „Светот во 2021-та“, кој третпат излегува на македонски јазик под ексклузивна лиценца на компанијата „Колор медиа плус“ порачува дека:

Обединетото Кралство останува силен билатерален партнер на Северна Македонија и нашата заложба за зацврстување на односите со Северна Македонија, се потврди и со новопотпишаната Спогодба за партнерство, трговија и соработка.“

Кои се вашите очекувања за Северна Македонија во 2021?

Тргнувајќи ја настрана глобалната пандемија и пристигнувањето на вакцината на почетокот на следната година, оптимист сум за иднината на Северна Македонија во 2021 година. Северна Македонија ќе продолжи да работи на потребните реформи и ќе продолжи да ги исполнува обврските кон НАТО како полноправна членка на Алијансата. Светска банка предвидува дека економијата полека ќе почне да закрепнува и да отвора нови можности за трговија.

2020 година беше година со големи предизвици на глобално ниво, но достигнувањата што ги постигна Северна Македонија не треба да бидат засенети поради ковид-19. Зачленувањето на Северна Македонија во НАТО беше историска одлука што придонесува кон сигурност и стабилност во регионот.

И покрај пречките на патот кон ЕУ, напредокот што го направи Северна Македонија во поглед на спроведени реформи, законодавство и правосудство не смее да остане незабележан. Предизвиците што се јавуваат на патот кон ЕУ не смеат да ги уназадат напредокот и спроведувањето на реформите во земјата. Тие треба да бидат мотивација за понатамошно подобрување на македонското општество и  народ.

Дали Обединетото Кралство ќе остане еден од најголемите поддржувачи на државата и по напуштањето на ЕУ?

Поддршката на Обединетото Кралство за Северна Македонија и нашето долгогодишно пријателство сега се поевидентни од кога било претходно. Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство за Западен Балкан и Обединетото Кралство е главниот партнер или најголемиот директен странски инвеститор во земјата. Во 2019 година, трговијата помеѓу нашите две земји изнесуваше 1,8 милијарди фунти за извоз и увоз.

На 3 декември, Обединетото Кралство потпиша билатерална Спогодба за партнерство, трговија и соработка со Северна Македонија. Потпишувањето на спогодбата означува нова ера на соработка меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Оваа соработка ќе продолжи да се развива, проширува и зацврстува.

Повластените трговски услови поставени во оваа спогодба ќе им овозможат на компаниите во Обединетото Кралство и Северна Македонија да продолжат да тргуваат, како што го прават тоа и денес, кога Обединетото Кралство и не е повеќе дел од спогодбите на ЕУ. Бизнисите и потрошувачите ќе имаат придобивки од постоечките трговски услови помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, како и од бесцаринската трговија и либерализацијата на одредени производи.

Овој договор ќе придонесе и за заштита на економската стабилност и напредок на Северна Македонија, нешто што е многу важно, земајќи предвид што и понатаму се бориме и закрепнуваме од ковид-19 пандемијата.

Обединетото Кралство ја поддржува Северна Македонија во многу области. Ја поддржуваме подготовката на Законот за буџет  и зајакнувањето на капацитетите за негова имплементација, бидејќи целта на законот е да овозможи поголема транспарентност, полесно предвидување и учество во создавањето и спроведувањето на државниот буџет. Исто така, работиме со Светска банка на поддршка на владата во подготовката и спроведувањето на мерките што го ублажуваат влијанието на ковид-19 врз економијата.

Еден од нашите проекти ја поддржува подготовката на планот за имплементација на националната Стратегија за енергетика, чија подготовка ја поддржавме минатата година. Овој план ќе ги идентификува можностите за еколошки, обновливи извори на енергија и се надеваме дека некои од овие проекти и инвестиции ќе можат да бидат изведени преку јавно приватно партнерство, уште еден проект што го поддржуваме.

Дигиталните вештини, исто така, се идентификувани како приоритет во одредени индустрии, како на пример во текстилната и во градежната индустрија, каде што УНДП, со наша поддршка, развива нов модел за стекнување вештини, каде што ќе бидат вклучени приватниот сектор и компаниите на кои им требаат нови вештини.

Приоритет на Обединетото Кралство во текот на следните 12 месеци ќе биде сè поголемата амбиција да се справи со климатските промени на глобално ниво. Обединетото Кралство ќе биде домаќин на Конференцијата за климатски промени COP26, заедно со Италија, која ќе се одржи во Глазгов следната година. Со нетрпение ги очекуваме новите амбициозни заложби на Северна Македонија и се надеваме дека следната година заедно со Северна Македонија ќе се вклучиме во активности поврзани со подигнувањето на свеста за важноста на справувањето со климатските промени и дека ќе се поддржуваме едни со други, со цел да изградиме подобра, позелена иднина за сите.

Континуираната соработка во областите на безбедност помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, во поглед на одбраната, ќе продолжи да се зацврстува уште повеќе сега и кога Северна Македонија е земја-членка на НАТО. Минатиот месец, заедно со министерката Шекеринска, го посетив армискиот полигон Криволак и присуствував на обуки на македонските вооружените сили, под менторство на тимот за обука од првиот Ирски баталјон на Обединетото Кралство, кој беше дел од обуката за лесната пешадиска баталјонска група од Штип, додека се подготвуваа за НАТО, како дел од воените сили на Северна Македонија.

Кои ќе бидат најголемите предизвици за државата во 2021?

Глобално гледано, надминувањето на кризата од ковид-19 е најголемиот предизвик и, секако, ова важи и за Северна Македонија. Ублажувањето на влијанието на ковид-19 врз економијата, но и зачувувањето на здравјето на народот ќе бидат предизвик.

Во овие тешки времиња, Северна Македонија мора да остане посветена на имплементацијата на реформите, на борбата против корупцијата и да остане транспарентна во своето работење. Владата и пратениците во Собранието, невладините организации и граѓанскиот сектор ќе мора да работат заедно за да ги надминат внатрешните, но и надворешните предизвици.

Исто така, треба да се обрне внимание на поларизацијата во општеството, која сè уште е и ќе остане предизвик на земјата кон патот кон ЕУ. Во меѓувреме, Северна Македонија мора да продолжи да биде посветена на напредокот и промените во областите на владеење на правото и доброто владеење како приоритет за 2021.

Во 2021 се надевам на подобар економски развој, повеќе инвестиции и продлабочување на соработката меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија во сите области.

Текст: Економист: Светот во 2021-та

Фото: Приватна архива

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.