Сите страни на мајчинството: Мајка на три деца и мајка на близначиња ни открија како ги променила оваа значајна животна улога!

Родителски лекции

Кои се најголемите стравови и како да се организираат обврските?

Елена има три ќеркички и се има остварено како мајка во тинејџерските години, а Кристина има две близначиња – ни раскажаа што сè им донело мајчинството, кои лекции ги научиле од него и колку ги променила оваа значајна животна улога…

МАЈЧИНСТВОТО МЕ НАУЧИ НА ТРПЕНИЕ

Елена Наумовска (@mother.of.three.daughters), мајка на три деца

Како е да се биде мајка тинејџерка?

Првото дете го добив кога имав 15 години и најголемиот предизвик беше да го завршам средното училиште како вонредна ученичка. Но никогаш не сум зажалила поради мојот избор и ништо не ми недостига од претходниот начин на живот. Напротив, јас и сопругот имавме желба за големо семејство, особено три ќерки. Навистина, огромна среќа е кога животот ќе те награди со тоа што отсекогаш си го сонувал.

Кои се најголемите стравови?

Сомнеж и страв се јавува кај секоја бремена жена. Најчесто тие се однесуваа на тоа дали ќе бидам добра мајка, дали ќе успеам да се грижам за бебето и слично. Но искуството си го прави своето и втората и третата бременост веќе беа друга приказна.

 

 

Како да се организираат обврските?

Балансот помеѓу секојдневните обврски и родителството е најважен. Понекогаш многу е поважно да им посветиш внимание на децата отколку да ги средиш куќата и расфрланите играчки. Помага и тоа кога децата сами знаат кога е време за ручек, за играње, спиење и слично. Најголемата поддршка ја имам од сопругот. Не постои нешто за што не ми помогнал, психички и физички. Покрај ќерките, тој ми ја дава најголемата мотивација да бидам успешна мајка и жена.

Кои се најважните лекции?

Мајчинството ме натера да го гледам животот од поинаква перспектива. Можеби затоа што ќерките се дел од мене и ми ја разјаснуваат причината за моето постоење. Научив што значи да те сака некој искрено и чисто, без да бара нешто за возврат. Од првиот ден кога станав мајка до денес, секојдневно учам нешто ново. А најголемата лекција што ја научив е како секогаш да ставаш некого пред себе. Мајчинството ме научи и на трпение. Бебињата се будат на секои два часа, па потоа се почнува со дохрана, а ти посакуваш што побрзо да почнат да одат и да зборуваат – но потребно е трпение, бидејќи сè ќе се случи во свое време.

ПОДДРШКАТА Е НАЈВАЖНА

Кристина Најдовска Илиевски (@kikinda_ricci), мајка на две деца

Како е да се стане мајка во 30-тите години?

Кога имав 20 години сметав дека треба да се раѓаат деца по 30-та година и подоцна, но сега мојот став е „колку порано, толку подобро и полесно“. Се остварив како мајка со навршена 31 година и мислам дека тоа е некоја горна граница за да се ужива во бременоста, без таа да биде стресна и тешка. Непознатото секогаш го доживувам со доза страв, но да се биде мајка не е нешто што може да се научи, тоа е чувство и моќ што ги носиме во себе.

Како изгледа грижата за близначиња?

Честопати знаат да ни кажат „лесно ви е, две наеднаш“. Искрено, воопшто не е лесна грижата за две бебиња одеднаш. Секое бебе е со различни потреби, а во исто време. Но мајката е семоќна, па сè се успева, иако помошта е повеќе од добредојдена. Пред да дојдат близнаците на свет, искрено, ништо не знаев за бебиња, немав ниту една пелена сменето. Првиот момент кога ми ги донесоа во соба, си помислив „и што сега, што да правам ако заплачат, не е едно, две се“, но и тогаш и денес одлично се справувам со двете одеднаш. Стравови и сомнежи секогаш ќе постојат. Како што растат и се менуваат, така се менуваат и стравовите и предизвиците на мајчинството.

Како да се организираат обврските?

Заемната поддршка на партнерите е најважна. Обврските и брзото темпо на живот ни налагаат да се адаптираме и истовремено да им посветуваме целосно внимание и љубов на бебињата. Сепак, не треба да се занемари ниту грижата за себе. Ако мама е одморена, и децата ќе бидат смирени. Психичкото здравје е најважно во првите месеци, бидејќи приспособувањето на новиот начин на живот воопшто не е лесно. На почетокот мислев дека со две деца нема да најдам слободни мигови, но со добра организација и со помош од сопругот и бабите, мама има време и за себе.

Кои се најважните лекции?

Многу сум сменета, станав посмирена и потрпелива. Близнаците секој ден изненадуваат, а непроспиените ноќи лесно се забораваат кога ќе ти се насмевнат и ќе ти се израдуваат штом те здогледаат. Но најважно од сè, уживам во секој ден од мајчинството, без разлика дали е сончево или облачно.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: evgenyatamanenko/iStock via GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

7 познати мајки кои не ја разубавуваат реалноста на социјалните мрежи: Ги покажуваат сите лица на мајчинството!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.