Принципите на бавната мода: Има ли формула за подобар избор на облека?

Што навистина можеме да преземеме за да ја направиме нашата гардероба поодржлива?

Со години се обидувам да ја направам мојата – и гардеробата на моето семејство – поодржлива. Во тој процес, поминав низ различни фази. Првиот беше екстремен – се чувствував виновна кога го купував секое парче, особено ако не беше во согласност со сите можни еко-сертификати. А еко-облеката, која е обично многукратно поскапа од просечната цена, чест беше некомпатибилна со мојот буџет.

Многу години подоцна, успеав да извлечам неколку поуки од сопствените обиди и грешки, за да влијаат моите модни избори што е можно помалку врз создавањето отпад и загадувањето на планетата. Иако не можам да се пофалам со совршено одржлива гардероба, сепак, во споредба со почетокот на процесот, ситуацијата е значително подобра.

Во продолжение, ви презентирам дел од правилата што даваат резултати, а од лично искуство можам да кажам дека навистина се применливи. Се надевам дека ќе ви бидат корисни барем како инспирација доколку и самите се обидувате да ги усвоите принципите на slow fashion.

ОСНОВЕН ПРИНЦИП: КУПУВАЈ ПОМАЛКУ

Наместо да се фокусираме на купување артикли со еко, органски и слични етикети, клучен и основен принцип на патот кон поодржлива гардероба е оној кој гласи: „Купувајте помалку“. Знам, воопшто не е лесно ако сте импулсивен купувач (како мене). На почетокот, морав да избегнувам дури и да одам во кино во трговскиот центар бидејќи знаев дека ќе ми биде тешко да одолеам да не купам нешто штом сум таму.

А непромисленото купување е огромна грешка, која води до плакар полн со – меѓусебно некомпатибилни работи, кои, можеби, не го отсликуваат на најдобар начин нашиот стил. Можеби не ни одговараат затоа што ги купивме без да ги пробаме.

Извештајот објавен во 2022 година од берлинскиот Центар за истражување на животната средина сугерира дека „доволни ни се 74 парчиња облека, односно 20 парчиња облека, со купување во просек пет нови парчиња годишно“.

Научниците дојдоа до овие бројки со анализа на јаглеродниот отпечаток на модната индустрија во 20-те најбогати земји во светот и одредување на правична целна еколошка трага за секој човек. Не броев, но сигурна сум дека има многу повеќе од 74 парчиња облека во мојот плакар.

Ако е така и кај вас, не треба да се чувствуваме виновно за тоа, туку да се запрашаме: зошто, на прво место, имам толку многу облека? Дали е тоа затоа што модната индустрија ни продава идеал кој не постои? Пред да купам, секогаш си ги поставувам следниве прашања: дали навистина ми треба тоа нешто? Можеби веќе имам нешто слично во мојот плакар?

Исто така, давам сѐ од себе да истражувам различни опции: дали можам да најдам сличен предмет направен од поквалитетни и поодржливи материјали? Може ли да го купам од мали претприемачи? И во крајна линија, ако е нешто што ми треба за одредена пригода, а не за секојдневна употреба – дали можам да го позајмам од некого?

РАЗМИСЛУВАЈТЕ ОДНАПРЕД: ПОГЛЕДНЕТЕ ГО СОСТАВОТ

Минатата недела во плакарот на ќерка ми најдов џемпер со етикета, кој никогаш не го носела (го доби за роденден, но не е во нејзин стил). Го погледнав составот: мешавина од полиестер, вискоза, волна и најлон. Дали знаевте дека е невозможно да се рециклира облека направена од комбинирани влакна и дека тоа е причината зошто само 1% од облеката се рециклира?

Покрај тоа, таквите ткаенини не се биоразградливи. Со други зборови, дали џемперот што не ѝ се допаѓа и само ѝ зафаќа простор во нејзиниот плакар и со кој не знае што да прави – ќе остане засекогаш на планетата?! Исто така, треба да се има предвид дека модната индустрија произведува 20% од сите отпадни води. На пример, потребни се околу 3.781 литри вода за да се направат еден пар фармерки. Имам десетина од нив во мојата гардероба.

Повеќето од нив многу брзо ја изгубија формата и не изгледаат исто како кога ги купив. Зошто? Бидејќи додавањето еластин во памукот, за време на производството на фармерки, го прави материјалот помалку издржлив. Тоа го прави и несоодветен за рециклирање. Тоа е причината зошто следниот пат треба да внимавам и да купам фармерки од чист памук.

САКАЈТЕ ЈА ВАШАТА ОБЛЕКА: ПЕРЕЊЕ И ЧУВАЊЕ

Колку долго нешто ќе трае во голема мера зависи од тоа колку ние се грижиме за тоа нешто. Кај нас, културна норма е да се перат работите откако ќе се носат, без разлика дали се валкани или не, а тоа е една од навиките што треба да се сменат. Перењето ја деградира облеката, создава отпадна вода и ја загадува планетата. И тоа не е сѐ!

При перење, синтетичките влакна испуштаат микропластика, која ги загадува водните текови, од каде што преминува во почвата, во растенијата, во организмот на животните, па дури и во нашиот организам. А текстилот е најголемиот извор на микропластика – тие сочинуваат 34,8% од глобалното загадување со микропластика.

Истражувањето на Универзитетот во Лидс во Велика Британија покажа дека намалувањето на должината на циклусот на перење и температурата на водата може значително да го продолжи животниот век на облеката и да ја намали количината на боја и микровлакна што се испуштаат во околината.

Со други зборови, перењето, кое го земаме здраво за готово, всушност е еден вид луксуз што не треба да го користиме кога не е потребно.

ЗАКЛУЧОК: ИМА ЛИ ФОРМУЛА ЗА ПОДОБАР ИЗБОР НА ОБЛЕКА?

Иако не постои општо правило, можеби не е лоша идеја да започнете со поделба на вашата гардероба во две категории: инвестиции и трошоци. Предметите што ги сакаме и ги носиме, во кои се чувствуваме добро, што го одразуваат нашиот идентитет и вредности – тие се инвестиција.

Од друга страна, оние за чие потекло не сме сигурни, во кои се чувствуваме непријатно, кои ни висат неносени во гардеробата – тие се трошок. Треба да се потрудиме да категоризираме што поголем дел од нашата облека како инвестиција и колку што е можно помалку трошок.

Авторка: Јасмина Убипарип

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.