ПОДАРЕТЕ ЉУБОВ: Ви помагаме да ги разберете сите лица на најмоќната емоција на светот!

Развивајте ја љубовта

Имаме тенденција да мислиме дека љубовта се случува само меѓу романтични партнери, но тоа е далеку од вистината. Постојат толку многу нејзини варијации, што Старите Грци смислиле дури осум збора за да ја опишат секоја од нив. За да ги зацврстите постојните врски и да научите како правилно да дарувате љубов, добро е да ги разберете сите лица на најмоќната емоција на светот…

Љубовта е нашиот најголем учител. Може да ни го скрши срцето и потоа повторно да ни го состави. Сите трагаме по неа, но напати не успеваме да ја препознаеме, а некогаш навистина ни е тешко да ја покажеме. Не постои сомнеж дека станува збор за сложена емоција што секој ја доживува на различен начин. Најчесто се поврзува со односот помеѓу двајца романтични партнери, но љубовта воопшто не е еднодимензионална.

Дали знаете што е катализатор? Тоа е агенс што провоцира или забрзува одредена промена или дејство. Љубовниот катализатор го засилува чувството на одреден тип љубов. На пример, катализатор на љубовта кон себе е душата, а на пријателската љубов е умот. Со оглед на тоа што сите видови љубов имаат различен катализатор, секоја од нив ни влијае различно. Но без оглед дали станува збор за љубов кон партнер, пријател или родител, за да ја зачувате, потребно е секојдневно да ја негувате, искажувате и развивате – а ние во продолжение ќе ви помогнеме подобро да ја разберете преку нејзините осум грчки збора и толкувања: ерос, прагма, лудус, манија, филија, сторге, филаутија и агапе.

РАЗВИВАЈТЕ ЈА ЉУБОВТА

Најмногу се зборува за романтичната љубов помеѓу двајца партнери. Речиси секој ја доживеал и се разочарал од неа некогаш во животот, а не е тајна дека предизвикува и физички промени во телото. Многу истражувања покажуваат дека ако сме вљубени во некого, кога ќе се сретнеме со таа личност, па дури и само кога мислиме на неа, доаѓа до вклучување на центарот за наградување во мозокот. Нивото на допамин, кој е познат како невротрансмитер за добро расположение, расте. Физичката интимност предизвикува и пораст на окситоцинот, смирувачка хемикалија што игра голема улога во поврзувањето. Па, не е ни чудо што сме зависни од љубовта! Но дали сте знаеле дека постојат повеќе видови романтична љубов, кои се јавуваат во различни фази од развојот на врската? Сè започнува од лудус, а главната цел е да се стигне до највозвишената прагма.

  • Лудус – Лудус е разиграна љубов, која се базира на флерт и најчесто се случува во почетните фази од врската. Овој тип љубов се состои од задевање, смеење и играње. Иако е типична за младите двојки, повозрасните партнери што го негуваат овој тип љубов се позадоволни од врската. Нејзин катализатор е емоцијата што прави да се чувствувате возбудено, заинтересирано и ентузијастично. Како да покажете лудус:

1. Флертувајте и водете интересни разговори.

2. Забавувајте се и смејте се заедно.

3. Не плашете се да се однесувате како деца.

  • Ерос – Ерос е основната љубов што им доаѓа како природен инстинкт на повеќето луѓе. Страсна е и се покажува на физички начин: со бакнежи, прегратки, држење за раце… Оваа љубов ја претставува физичката желба за партнерот, а нејзин катализатор се хормоните. Како да покажете ерос:

1. Давајте комплименти.

2. Не плашете се од физички контакт, прегрнувајте се и бакнувајте се.

3. Бидете романтични.

Поглед одблизу: Романтична љубов

ЗРЕЛОСТ И СТАБИЛНОСТ

Последната и најцврстата фаза на љубовта е прагма. Станува збор за уникатна љубовна врска што созрева со текот на годините. Трае вечно и може да се постигне само кај партнери што решаваат да вложат еднаков труд во врската. Потребна е голема посветеност за да се достигне прагма. Не само што се вљубувате туку и останувате вљубени во партнерот засекогаш. Катализатор е потсвеста што ги поврзува партнерите на подлабоко ниво.

Како да покажете прагма:

1. Продолжете да ја зацврстувате поврзаноста со партнерот.

2. Грижете се за партнерот, бидете посветени и лојални.

3. Донесете одлука дека засекогаш ќе му бидете поддршка на партнерот.

НАДГРАДЕТЕ ЈА ВАШАТА ВРСКА

Среќните долгогодишни двојки често се занимаваат со проширување на своите активности во нови животни сфери, а секоја таква новина е возбудлива и освежувачка. Тоа им помага на партнерите да се развиваат и како индивидуи и како двојка. Без разлика дали сонувате да освоите некој планински врв, да отпатувате на егзотична дестинација или да се запишете на часови по готвење, сега имате уште една добра причина за тоа.

Внимавајте љубовта да не премине во манија – опсесивна љубов кон партнерот. Таа доведува до љубомора и козависност. За да не дојде до тоа, одбегнувајте посесивно однесување, фокусирајте се повеќе на себе и изградете доверба

ЗАЦВРСТЕТЕ ГИ И ОВИЕ ВРСКИ

Љубовта кон пријателите е резултат на добра волја. Пријателството е однос со значително помал притисок, бидејќи со пријателите не сте принудени да ги делите домашните обврски, финансиите или грижата за децата. Освен тоа, можете да се опкружите со цела екипа пријатели, со сосема различни квалитети, без да зависите само од еден човек, кој треба да ги исполни сите ваши потреби. Од друга страна, можете да ја раскинете врската или да го прекинете пријателството, но не можете толку лесно да се разделите од брат или сестра! Врските што ги имаме со семејството се формираат од самото раѓање и остануваат за цел живот. Постои непишано правило дека семејството ќе биде тука за вас секогаш, кога и да ви затреба. Секако, и блиските пријатели можат да ви понудат безусловна поддршка. Старите Грци нашле начин да ги објаснат и овие типови љубов, познати како филија и сторге.

  • Филија – Филија е љубов без романтична привлечност, која се случува помеѓу пријатели или членови на семејството. Таа се појавува кога двајца луѓе имаат слични вредности и се почитуваат меѓусебно. Нејзин катализатор е умот, бидејќи тој ви открива со кои пријатели сте на иста бранова должина и кому можете да му верувате. Како да покажете филија:

1. Водете длабоки разговори со пријателите.

2. Бидете отворени и искрени.

3. Дајте им поддршка на пријателите што минуваат низ тежок период.

  • Сторге – Сторге е љубов што природно се случува помеѓу родителите и децата, како и помеѓу најдобрите пријатели. Станува збор за безусловна љубов, која се гради врз основа на меѓусебно прифаќање и длабока емоционална поврзаност. Сеќавањата се нејзин катализатор, бидејќи токму тие ги поттикнуваат долготрајните врски. Како што создавате нови сеќавања, така вредноста на вашиот однос расте. Како да покажете сторге:

1. Жртвувајте ги вашето време и личните задоволства.

2. Бидете подготвени да простите.

3. Споделувајте ги значајните мигови.

Поглед одблизу: Пријателски и семејни врски

ИСКРЕНА ПОДДРШКА

Лесно е да се занемарат врските со пријателите и со семејството, бидејќи мислиме дека секогаш можеме да сметаме на нив, без да се трудиме многу. Дури и да е така, и овие типови љубов треба да се негуваат и развиваат со истото внимание како и романтичната љубов.

НАДГРАДЕТЕ ГИ ВАШИТЕ ВРСКИ

Дружењата и излегувањата лесно може да се претворат во рутина и да завршат на вашата листа на обврски. Но важно е да го вреднувате времето поминато со блиските пријатели. Тоа е исто толку неопходно колку и другите видови грижа за себе. Совет: Закажете редовно кафе или мини-забава со пријателите секоја втора среда или договорете редовен телефонски повик во недела наутро, на пример.

ФИЗИЧКО ИСКАЖУВАЊЕ НА ЉУБОВТА

Не земајте ги здраво за готово членовите на вашето семејство. Создајте навика да ја искажувате вашата наклонетост. Истражувањата покажуваат дека физичките изрази на љубовта може позитивно да влијаат врз здравјето. Прегратката, но и нежното тапкање по рамо, можат да го снижат крвниот притисок и да го намалат нивото на кортизол. Замислете си само што може да предизвика едно обично „те сакам“!

Зошто ги обожаваме домашните миленици?

Нашите односи со животните се неверојатно едноставни, тврдат психолозите. Домашните миленици можат да предизвикаат огромна љубов, бидејќи ни овозможуваат да го покажеме нашето вистинско „јас“, без никаков страв или срам.

 

ЗАСАКАЈТЕ СЕ СЕБЕСИ

Психолозите велат дека најважниот однос е оној што го имаме со себеси. Кога ќе научиме да се сакаме себеси, тогаш се отвораме и за повеќе љубов од другите. Можеби мислите дека станува збор за нарцисоидност, но љубовта кон себе не значи дека постојано треба да си го „пумпаме“ своето его, ниту да се опсипуваме со позитивни афирмации. Наместо тоа, поентата е да се свртиме кон себеси, да се прифатиме, да се негуваме и да си покажеме сочувство. Старите Грци на овој феномен му го дале името филаутија и го опишале како здрава форма на љубов во која ја препознаваме сопствената вредност и не ги игнорираме личните потреби. Љубовта кон себе започнува со преземањето одговорност за сопствената благосостојба. Нејзин катализатор е душата, бидејќи таа ни овозможува да ги препознаеме потребите од кои ни зависи физичкото, емоционалното и психичкото здравје.

Како да покажете филаутија:

1. Создајте услови во кои ќе ви биде пријатно да се грижите за себе.

2. Поставете цврсти граници и почитувајте ги сопствените потреби.

3. Поминувајте време со луѓе што ве поддржуваат.

Зошто овој тип љубов им паѓа толку тешко на жените? Во текот на животот, ни се наметнува мислењето дека љубовта е условна, дека е достапна само ако постигнеме професионален успех или нè краси одреден изглед. Но љубовта кон себе е верба во сопствената вредност, без оглед на туѓите предрасуди.

Дали е толку радикално? О, да! Замислете си дека сте мигрант, геј и жена. Во тој случај, развивањето љубов кон себе е радикален чин што се соочува и со расизам и со микроагресии. Жените се научени да бидат силни и да се грижат за сите други, а љубовта кон себе ќе ве научи да се ослободите од очекувањата на околината, да си дозволите себеси да покажете лутина, да се одморите од сè, да бидете нежни и ранливи.

Совет: Одредете време во вашиот пренатрупан календар што ќе го посветите само на вашето „сопствено јас“. Тоа ќе ви даде можност понекогаш само да постоите, без да правите нешто. И да сфатите дека и такви сте си доволни сами на себе.

 

Поглед одблизу: Несебична љубов

НАЈВИСОКАТА ФОРМА НА ЉУБОВ

Според Старите Грци, агапе е највисоката форма на љубов што може да се покаже. Таа се дарува без никакви очекувања дека ќе се добие нешто за возврат. Станува збор за одлука да споделувате љубов во секакви услови, па дури и во деструктивни ситуации. Интересно е што практикувањето љубов кон себе може да предизвика агапе, бидејќи саморефлексијата помага да ја погледнете пошироката слика. Катализатор е духот, кој ве поттикнува да пронајдете смисла и ве мотивира да бидете добри кон другите.

Како да покажете агапе?

1. Обидете се да им го подобрите животот на другите. Посветете се на оваа мисија.

2. Бидете свесни за вашите постапки и насочете ги кон правење добро за човештвото.

3. Бидете хумани и помагајте секогаш кога можете.

Совет: Започнете календар во кој ќе ги забележувате сите ваши добри дела. Тоа ќе ви даде чувство на исполнетост и ќе ве охрабри почесто да практикувате хуманост.

ПОДГОТВИЛА: МАРИЈА ЛУКАРЕВСКА

ФОТО: Martin Barraud/LittleBee80/iStock via GETTY IMAGES

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.