„Не сакав да се погледнам во огледало“: Инспиративна приказна на Фаниа Гиачо што ќе ве поттикне да го прифатите сопственото тело!

Го прифаќам моето тело

Оние што ја следат нашата модна сцена, сигурно се сеќаваат на Фаниа Гиачо

Во светски рамки, слабиот изглед полека станува архаичен тренд. Се појави нова генерација на енергични и бестрашни девојки што ги прифаќаат промените низ кои минува нивното тело и се сакаат себеси такви какви што се. Една од нив е и нашата поранешна моделка Фаниа Гиачо. Откако трипати драстично ја намалила и зголемила својата тежина, денес за неа постои само еден и единствен стандард за убавина: енергично и здраво тело!

„Посреќна сум со вишок килограми, зашто сум здрава, силна и успешна“

Оние што ја следат нашата модна сцена, сигурно се сеќаваат на Фаниа Гиачо – моделка со нежен лик и впечатливи зелени очи. Речиси сите некогаш сме се бореле со вишокот килограми, но познато е дека моделите особено се изложени на овој притисок, па, така, ни Фаниа не била исклучок. Иронично, но токму во периодот кога била најслаба и најмногу внимавала на тежината, тогаш најмалку била задоволна од себе. Сега има вишок килограми, а е посреќна од кога било претходно, зашто секојдневно внимава на исхраната и вежба. Таа признава дека би сакала повторно да се занимава со моделство и да го достигне својот идеален изглед, што за неа претставува некоја златна средина помеѓу начинот на кој изгледала кога била најслаба и тоа како изгледа денес. Сепак, најважното нешто што го научила по нејзината трансформација е да ужива во сопственото тело, без да се грижи што ќе кажат другите!

Фаниа во деновите кога се занимавала со моделство
„НЕ САКАВ ДА СЕ ПОГЛЕДНАМ ВО ОГЛЕДАЛО“

Кога била помлада, Фаниа премногу вежбала, а премалку јадела. Сепак, била несреќна и незадоволна од изгледот, и покрај тоа што била слабичка. А потоа, во 2017 година, отишла во друга крајност и почнала да ја зголемува телесната тежина, како последица на стрес:

„Ме отпуштија од работа и доживеав голем стрес, кој предизвика хормонско нарушување, а тоа доведе до вишок килограми. Второто зголемување на мојата телесна тежина беше поради прекинување на љубовната врска. Се случува некој што го љубиме да ја прекине комуникацијата со нас. Мене тоа ми влијаеше така што извесен период се затворив дома, бев тажна и единствено храната ми будеше чувство на среќа. Внесував многу чипсови, гледајќи убави филмови. Не велам дека не уживав и во тоа, но, секако, не ми се допаѓаше резултатот. Мора да внимаваме што правиме со исхраната, затоа што по извесен период, тоа се одразува на нашиот изглед. Чувствуваш незадоволство, немир, не сакаш да се гледаш во огледало. Едноставно не се препознаваш повеќе. Тажно, многу тажно“, раскажува Фаниа и додава дека никој сосила не ни дава големи количества храна, самите си го правиме тоа.

Фаниа првпат се соочила со зголемување на телесната тежина во 2017 година

 

„ВЕРУВАМ ВО СЕБЕ“

По секое зголемување на тежината, таа лесно успевала да се врати во форма, но сега на социјалните мрежи повторно сподели дека ја започнува годината со понекој килограм вишок. Иако третпат ѝ се случува ова, овој пат разликата е во тоа што не се чувствува лошо поради својот изглед, напротив, го прифаќа варирањето на тежината и верува во себе:

„Едноставно се случи. Се лажев со фрази од типот ‘уште денес јадам, па од утре не јадам’ и тоа траеше два месеца. Но верувам во себе. Знам дека и овој пат ќе се вратам во форма, подобра од кога било претходно!“

На Фаниа никогаш не ѝ било проблем да се врати во форма, па, така, брзо успеала да ги симне качените килограми
„ТРЕБА ДА СЕ ПОСТИГНЕ ЗЛАТНА СРЕДИНА“

Факт е дека за вкусовите не се дискутира, па така секој има различен поглед кон тоа што е убава форма на тело. Според Фаниа, премногу крупните жени, со голем процент маснотии, се еднакви на премногу слабите девојки:

„И едниот и другиот изглед се нездрави. Треба да се постигне златна средина. Сепак, многу е тешко да се биде умерен, особено за личност како мене, која оди од крајност во крајност. Денес се обидувам да балансирам и во исхраната и во сè друго, но тоа не беше секогаш така. Порано претерував со вежбањето, а не е убаво и здраво премногу да вежбаме исто како што не е добро ни премногу да јадеме.“

Сега, Фаниа е пресреќна зашто е здрава, силна и успешна, иако има вишок килограми:

„Станав многу силна девојка, со голема самодоверба. Многу се променив карактерно. Морам да признаам дека кога бев моделка, често добивав коментари дека сум арогантна. Зголемувањето на тежината ме направи понежна, помила и покротка. Но ми требаше многу време за да го постигнам тоа.“

Денес Фаниа повторно ја зголемила телесната тежина, но среќна е и задоволна од себе, бидејќи правилно се храни и редовно вежба – а една од омилените физички активности ѝ е возењето велосипед

Првиот чекор што ѝ помогнал да стане позадоволна од себе бил промената на лошите навики.

„Многубројните обврски не ни дозволуваат да посветуваме многу внимание на готвење здрава храна и на правилно вежбање. Но ги советувам сите да ги променат лошите навики и да се обидат да најдат време за сè. Само 10 минути пешачење или возење велосипед е доволно за да се расположите и да се чувствувате убаво во своето тело. Обидете се и не откажувајте се!“

„ХРАБРО ГИ ПРИФАТИВ СИТЕ ПРОМЕНИ НА МОЈОТ ИЗГЛЕД“

По сите осцилации на тежината и на емотивната состојба, Фаниа денес смета дека убавината не е само во совршените мускули туку и во природниот изглед, кој се менува со текот на годините.

„Храбро ги прифатив сите промени на мојот изглед, како и ова трето и последно качување на телесната тежина. Се сакам себеси и крупна. Би работела и како моделка, но, колку што знам, кај нас сè уште не се актуелни моделите со вишок килограми. За мене, тие се прекрасни! Зрачат со посебен вид енергија, која веројатно се должи на тоа што пукаат од здравје! Сепак, би ги советувала премногу крупните жени да се обидат да ја намалат телесната тежина – за сопственото здравје и за чувство на леснотија понатаму во животот“, искрено зборува таа.

Помладата Фаниа би ја советувала никогаш да не си дозволува да оди во екстреми со исхраната. Таа смета дека е најдобро да се оди на консултации кај професионалец во оваа област, кој би можел да помогне околу здравата исхрана, бидејќи не е добро да се таложат премногу маснотии. Сè уште се стреми да го достигне својот идеален изглед, но воопшто не ја интересира што ќе кажат другите:

„Гледајте се во огледало и велете си: ‘Најубава сум!’. Треба да се прифатиш себеси и да уживаш во сопственото тело. Ако чувствуваш незадоволство, треба да промениш нешто во стилот на живот, треба да го одржуваш психичкото и физичкото здравје. Верувајте во себе и грижете се за вашето тело“, искрено порачува Фаниа, а ние се согласуваме со неа и ве охрабруваме да изградите здрав однос кон своето тело, само и единствено преку стекнување здрави навики!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Сама против себе: Никица Ацева отворено за нејзината трансформација и за борбата со вишокот килограми
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.