Сама против себе: Никица Ацева отворено за нејзината трансформација и за борбата со вишокот килограми

Нејзината приказна

„Ниту сега ниту во иднина жената со вишок килограми нема да биде исклучена од сурова дискриминаторска критика“

Насловната страница на списанието „Космополитен“ со полнички модели и наслов „Ова е здраво“ наиде на остри реакции. Дали вишокот килограми навистина се здрави? Дали пропагандите за себеприфаќање можеби отидоа предалеку? Го разгледавме овој проблем низ призмата на Никица Ацева (@nikicaaceva), една од највлијателните блогерки на Инстаграм, која ги искусила и двете страни на приказната. Нејзината трансформација е за почит, но патот до целта не бил лесен и подразбирал многу падови, кои ескалирале со борба со сериозно нарушување во исхраната…

„Ниту сега ниту во иднина жената со вишок килограми нема да биде исклучена од сурова дискриминаторска критика“

Никица Ацева е позната по нејзиниот моден блог на платформата Инстаграм, но во последно време на нејзиниот профил може да се најдат и други теми поврзани со здрави навики и здрав животен стил. Нејзината цел е да ги мотивира своите следбеници да практикуваат балансирана исхрана без рестриктивни диети, да дознаат кои се предностите на вежбањето, да научат што му е потребно на организмот и истовремено да се чувствуваат убаво во својата кожа. Како некој што го поминал патот од вишок килограми до организам полн со енергија, Никица ја сподели својата приказна, во која главната битка не е онаа со килограмите туку со самата себе.

„НЕИСКУСТВОТО СИ ГО НАПРАВИ СВОЕТО“

Никица првпат се соочила со вишокот килограми во основно училиште и воопшто не била поштедена од лошите коментари на нејзините врсници: „Како секое друго девојче на таа ранлива возраст, коментарите многу ме погодуваа и решив сама да се справам со проблемот и да ја постигнам општоприфатената големина, која одговараше на традиционалните стандарди за изгледот на телото. Но ниту тогаш, ниту сега, ниту пак во иднина жената со вишок килограми нема да биде исклучена од сурова дискриминаторска критика… Едноставно живееме во таква средина.“

Никица во 2010 година

Така таа се впуштила во акција, но недостигот од искуство си го направил своето: „Сакајќи по секоја цена да ја намалам тежината, испробував разни штетни диети, кои подоцна ми се одразија на здравјето. За една година успеав да ја достигнам целта во смисла на фигурата, но дали тоа беше добро за мојот организам? Пет нецели години од тој момент се соочував со болеста булимија.“

За жал, изложени на притисокот од наметнатите стандарди за убавина, тинејџерките често посегнуваат по нездрави, дури и опасни решенија за да ослабат. И Никица била дел од нив, но успеала да ја преземе контролата во свои раце. „Во периодот на закрепнување ги вратив килограмите назад, бидејќи мојот организам се имаше навикнато да не внесувам никаква храна, па сè што почнав да внесувам ме здебелуваше. Требаше да поминат повеќе години за да го вратам организмот во нормала, а сето тоа поради несоодветната грижа за сопственото тело“, раскажува Никица.

Никица во периодот кога се соочувала со булимија – нарушување во исхраната што се одликува со напади на прејадување и последично празнење
„НАЈТЕШКИОТ ЧЕКОР Е ДА СЕ ОСЛОБОДИМЕ ОД ИЗГОВОРИТЕ“

Кога ни тропна на врата пандемијата на ковид-19, секој од нас почна да се прашува како да го зајакне имунитетот, но и како да ги регулира килограмите во услови на ограничено движење. Поучена од сопственото искуство дека диетите имаат штетно влијание и не даваат долготраен резултат, Никица решила да го смени начинот на живот.

Иако сето ова звучи убаво на хартија, таа признава дека сè е поинаку во практика: „Нема да кажам дека е лесно. Треба да бидете навистина многу мотивирани. Најтешкиот чекор е да се ослободиме од изговорите од типот ‘немам време’ или ‘не можам да го издржам тоа темпо’. Вистината е дека кога ќе се навикнеме, тоа ќе биде само една од многуте навики што го сочинуваат нашето секојдневје. Сите имаме обврски, но 20 минути дневно навистина не се многу и можеме да ги издвоиме, само прашањето е дали ќе ги искористиме за да изгледаме серија или ќе ги искористиме паметно и ќе направиме нешто добро за себе.“

Никица во периодот кога закрепнувала од булимија и постепено почнала да ги враќа изгубените килограми

Сепак, многу добро знаеме дека само со вежбање не може да се постигнат посакуваните резултати. Од клучно значење е градењето здрав однос кон храната, кој подразбира јадење здраво, но и повремено почестување со вкусни задоволства. И Никица го потврдува тоа: „Мене лично ми беше многу интересно да испробувам нови рецепти, но никогаш не си кажав себеси дека нема повеќе да каснам нешто ‘мрсничко’. Сите сме живи суштества, лакоми за вкусна храна, но кога ќе се навикнеш на одредена исхрана, совладувањето на таа желба за нешто ‘мрсничко’ повеќе не е предизвик, туку повремено разгалување на душата.“ Доколку ви требаат идеи за здрави оброци, можете да најдете на нејзиниот инстаграм-профил, каде што секојдневно ги споделува своите оброци, како мала помош за почетниците, бидејќи и самата знае колку е тешко да се почне.

„ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ НЕ ТРЕБА ДА СТАНАТ ТРЕНД“

Надворешната трансформација на Никица е видлива, но вистинската промена доаѓа однатре. „Во процесот на промена на физичкиот изглед, се менувате и како личност. Јас станав посилна, поорганизирана и, најважно од сè, научив дека никој не може повеќе да ти наштети одошто можеш самиот да си наштетиш со непромислени постапки. Никогаш не менувајте се поради нечиј коментар или мислење. Направете го тоа самоиницијативно, за себе, за утре кога ќе се погледнете во огледало да бидете задоволни од она што го гледате“, порачува таа и нагласува дека е невозможно објективно да се дискутира за прекумерната тежина како проблем на современото живеење, туку треба да се дебатира дали овој проблем се должи на лоши навики во исхраната или има здравствено потекло: „Би сакала да ги охрабрам девојките што припаѓаат во првата категорија да не го фаворизираат мотото ‘вишокот килограми се во мода’, бидејќи прекумерната тежина може да биде потенцијална причина за појава на здравствени проблеми, ако не сега, тогаш во иднина. Според мене, во мода е да се чувствуваш удобно во сопственото тело, но не верувам дека вишокот килограми ја даваат таа удобност. Горенаведеното мото не треба да се пропагира без дополнителни објаснувања, бидејќи постои опасност да премине во фраза со негативен ефект. Тоа треба да биде наменето за девојките од втората категорија, кај кои дебелината има здравствени корени, со цел да не се чувствуваат обесправено поради изгледот“.

Никица денес по здравата трансформација – самоуверена, исполнета и задоволна од себе и својот изглед

Да, секое тело е тело за на плажа и килограмите никако не би требало да ве ограничуваат во што било во животот – НО кога влијаат врз вашето здравје и водат кон стекнување нарушен однос кон храната, прекумерната тежина не може и не смее да се пропагира како нешто здраво! Бидете самоуверени и сакајте се себеси, но не заборавајте и да се грижите за себе, не поради убавина туку поради здравје. Подобрениот изглед е само бонус во целиот процес, никако не е приоритет. „Секогаш трудете се да бидете најдобрата верзија од себе – тоа е единствената мотивација што ви треба!“, охрабрува Никица.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

УСПЕАВ: Јована Трајковска ни раскажа сѐ за нејзината фитнес-трансформација
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.