Дуда Алапача во епизодата: Јас се трудам и давам сè од себе, а ти…

Кои компромиси се потребни за да се победи во трката со времето и да се престигне отуѓеноста меѓу емотивните партнери, па наместо осаменост во двојка, да постои надеж за она „живееја среќно до крајот на животот“

Маж ми во последно време размислува многу. Порано не беше таков, беше, како да кажам, попрактичен. Сега се врти кон други нешта. А омилена дисциплина му е да размислува гласно. А тоа многу ме нервира, ако ме прашате мене. До пред некое време, со него ми беше лесно. Сега мора да внимавам на секој збор, се навредува од секоја дреболија, има помудар поглед во иднината. Порано, иднината ја гледаше исклучиво на ТВ, но сега ни фудбал не го интересира. Стана филозоф.

„Знаеш, Дудо, понекогаш си размислувам… како ќе ни биде на стари години…“ „Боже, Владо, што нема да ти текне – дај да видиме што ќе правиме денес, кој ќе оди по Бони на тренинг, батали ги далечните денови.“ „Ама, Дудо, јас сум сериозен… јас и ти сме толку различни што се плашам за нас на стари години.“ „Добро, обиди се да гледаш на работите од посветол агол – јас и ти бевме различни и кога се сплеткавме по свирката во гимназија, па еве, по толку години, сè уште сме заедно. И што ни фали?“ „Ни фали“, вели тој. Тоа не беше одговорот што го очекував.

„Се отуѓивме. Наутро излетуваме од дома, секој по својата работа, кога попладне ќе се вратиме, повторно секој на своја страна… ти ќе зготвиш нешто, ќе ручаме, јас ќе го земам далечинскиот во рака, ти книгата и одиш во соба, и така. Немаме кога да разговараме како луѓе.“

ШТО ТЕ МАЧИ ПОТОЧНО?

„И тоа те мачи?“, прашав. „Те измачува тоа што немаме кога да разговараме?“ „Да. А уште повеќе тоа што се обидувам да нè замислам триесет години отсега… мислам дека нема добро да се согласуваме.“ „Навистина?! Па, што предлагаш, веднаш да се разведеме? Да не губиме време? И што толку не ти се допаѓа кај мене, па страв ти е заедно да остариме?“ „Па, не знам, некако се оддалечи… некако веќе не си нежна, кај тебе сè стана некако рутински, веќе не си мојата Дуда. Некако си ми груба, не приоѓаш, не ме прегрнуваш… сè морам јас!“ „Извини“, го прекинав.

„А кога ти стана емотивен? И не е точно дека сум се сменила. Те сакам исто. Само немам време да се занимавам со тебе. А тоа се вика живот, Владимире. Луѓето на наши години сè уште се борат да создадат нешто. За да не биде потоа – каде беше, никаде, што правеше, ништо. Ќе има кога да се сакаме и да разговараме.“

САМОТНИЧКА ЦРТА

„Дали се сменив“, ја прашав идниот ден Гога. „На што мислиш?“ „Па, не знам, Владо ми кажа дека веќе не сум онаа старата.“ „Душо, никој веќе не е оној стариот“, рече Гога и одмавна со раката. „Но нему не му се допаѓа како се менувам. Вели дека се оддалечувам од него. Дека некако не сум своја, уште помалку негова.“ „Тоа е бидејќи се плаши дека ќе те загуби“, рече Гога. „Зошто да се плаши?

Цел живот сме заедно. Единствено може да ме загуби во трговски центар, и тоа накратко. Толку долго сме заедно што губењето веќе не е опција.“ „Тој не мисли на такво губење, и ти многу добро го знаеш тоа. Се плаши дека ќе се затвориш во својот свет, во своите навики, во своите мисли во кои нема да има место за него. Се плаши дека животот ќе ви стане една голема осаменост во двојка.“

Одмавнав со раката. „Де, де, само ти негодувај, но ја имаш таа самотничка црта…“ „Јас? Не е точно“, почнав да се бранам. „Јас само сакам да бидам сама понекогаш. Но тоа не е ненормално, Гордана, и други луѓе чувствуваат потреба да бидат сами.“ „Навистина? А колку други луѓе познаваш што одат сами во кино? Јас не познавам таков освен тебе“, рече Гога. „Ти дури и во шопинг одиш сама. А која жена купува сама? Да не те знаев, ќе се загрижев за тебе.“ „Точно.

Одам сама на кино. И во шопинг, И сама сакам да пијам кафе. Веќе не се ни преправам дека чекам некого. Знам дека тоа е време за мене и уживам во него. Дали е тоа толку ненормално?“ „Не знам, колку често ти се случува?“ „Пречесто. Судејќи по мојот маж и најдобрата другарка.“

СЕ ПЛАШАМ ОД СТАРОСТА СО СЕБЕ

Логично, јас сум баксуз. Баксуз што се осамува на своите четириесет и кусур. Има право Владо што се плаши да остари со мене. И јас се плашам да остарам со мене. Мислам, ако сега сум ваква, каква ли ќе бидам за десет-дваесет години… Подобра сигурно не ма да бидам, само полоша. Тоа е, ќе седнеме денес како луѓе и ќе му кажам:

„Владо, ваква и ваква е работата… Точно, се согласувам дека не сум некое нежно женче, околу мене вреска сè, гласна сум, се дерам, негодувам, ретко се смеам, но тоа сум јас. Те сакам исто како и порано, но немам потреба тоа да го покажувам секој ден и на секое место.

Нашата врска и нашата љубов се единственото стабилно нешто во мојот живот, единствено за што не мора да се трудам, карпа што ќе биде тука и денес и утре и за сто години. Ме навредува тоа што мислиш дека сум се отуѓила, бидејќи дури и кога се отуѓувам, јас сум тука. Тешко дека ќе ме видиш да ти се умилкувам, јас не правам нешто за да ти се допаднам тебе.

Похувам тиквички затоа што ги сакам, а ти ги сакаш затоа што ме сакаш мене. И не знам што ќе биде кога ќе наполниме седумдесет години. Можеби ќе имаме внуци. Можеби ќе нè послужи здравјето. Можеби ќе бидеме болни, можеби воопшто и нема да бидеме, од каде да знам? И којзнае кој ќе пријде прв и кога… Ако мислиш дека ќе бидам напорна и тешка, мислам дека нема да бидам. Се надевам дека нема да бидам.

Од тебе барам само еднаш неделно да ми ги полеваш цвеќињата кога ќе бидам…“ „На гробишта?“ „На море, будалетинке! Зар мислиш дека ова лумбаго во најава ќе се излекува само од себе? И ајде, станувај, одиме на кино!“ „Ти и јас?!“ „Да, ти и јас. Да не речеш потоа дека се отуѓувам.

Само, те молам, немој да ми мелеш и да ми коментираш за време на филмот, и немој да јадеш пуканки, и немој да ми бараш да ме држиш за рака, и немој да сркаш низ цевката или да типкаш во телефонот, и седи поблиску до излезот за да не ме стануваш нонстоп, и немој да ме гушкаш бидејќи потоа ме боли вратот…. Што е сега, Владимире, нешто си лут? Јас се трудам и давам сè од себе, а ти…“

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.