Уредување модерен дом за самец

Санктпетербуршкото студио за дизајн и визуализација на ентериери „Ујотов“ било задолжено за уредување на станот што ви го претставуваме во продолжение на оваа објава..

Проектот е работен за клиент од Москва, кој планира вселување во нов стан од 43 квадрати, а главна задача на дизајнерите била да осмислат добра функционална организација за релативно малиот простор.

Новостекнатиот сопственик на стан во Москва го ангажирал санктпетербуршкото студио „Ујотов“, за да му помогне да осмисли функционална организација и дизајн на новиот простор за живеење, кој има површина од 43 квадратни метри.

Иако станува збор за стан за самец, квадратурата сепак е релативно скромна за да се сместат во неа сите потребни функционални целини. Токму поради таа причина, организацијата на просторот била главната задача и најголемиот предизвик за дизајнерите.

Врз основа на визуализацијата на ентериерот, можеме да заклучиме дека тој е успешно совладан.

Во структурна смисла, станот претставува гарсониера. Иако квадратурата дозволува да се раздели спалната соба, дизајнерите не прибегнале кон ова решение затоа што сакале максимално да ја искористат една од најголемите предности на просторот: големи стаклени површини што обезбедуваат многу дневна светлина.

Наместо sидови или панели, просторијата за спиење од дневната соба е одделена со преградна полица, која делумно го затскрива приватното катче на сопственикот, но не го спречува навлегувањето на природната светлина во дневната соба. Другите зони се дефинирани со групирањето и со ориентацијата на мебелот.

Кога станува збор за стилското уредување на станот, сопственикот имал јасно дефинирана желба: модернизмот од средината на минатиот век е стилот што совршено одговарал на неговиот вкус, така што дизајнерите го осмислиле решението соодветно на тоа.

Во просторот доминира неутралниот колорит, па до полн израз доаѓаат два колоритни детали – сината софа во дневната соба и црвениот фрижидер со старински дизајн во кујната.

Така е „разбиена“ црно-белата основа, додека паркетот со голем формат, кој го покрива подот низ целиот простор, му дава на просторот топлина и убаво ја комплетира темата на скандинавскиот модернизам од средината на минатиот век.

Поради скромната квадратура, дизајнерите при уредувањето на сите функционални потцелини имале минималистички пристап, елиминирајќи ги сите парчиња мебел што не биле неопходни.

Во дневната соба има само тросед и клуб-масичка, а за да не изгледа катчето премногу празно и недовршено придонесува полицата што ја одделува од просторијата за спиење.

Софата со грбот е свртена кон трпезаријата, со што дневната соба е јасно дефинирана како посебна целина. Зад дневната соба се наоѓа кујната со шанкот, која служи како трпезарија.

Кујната е организирана како линеарна, а граница помеѓу неа и остатокот од просторот е споменатиот шанк. Кујната и трпезаријата се всушност највпечатливиот дел од ентериерот, во кој на најдобар начин е применет стилот што го сакал сопственикот.

Фрижидерот, шанкерските столчиња и висулките над шанкот ѝ даваат на оваа целина јасен модерен изглед од средината на минатиот век, а индустриските детали, како што се шинското осветлување, ѕидот од тули и кујнските апарати од инокс, совршено го комплетираат.

Катчето за спиење е во аголот на просторијата, покрај помалиот прозорец. Како што споменавме, тоа е одделено од дневната соба со полица, додека меѓу двата прозорци е поставен ѕид, кој го одделува од кујната и работното катче.

Во ова катче има само кревет со темносиво тапацирано зглавје. Ѕидот зад него е обоен во истата сива нијанса, која послужила како одлична заднина за декорација во облик на светлечка мапа.

Работното катче се наоѓа на другата страна на тесниот ѕид спроти креветот, а се состои само од работна маса во форма на плоча, вградена помеѓу прозорецот и тесната преграда.

Иако станува збор за мал стан, во бањата квадратурата не претставувала проблем – напротив. Во оваа просторија има сосема доволно место за сите неопходни елементи: надграден мијалник со орманче, тоалетна шолја и простран туш во нивото на подот.

Обликот на просторијата ја наметнал нејзината организација, така што сите горенаведени елементи се наредени во низа еден по друг. Во рамките на просторот за тушот е сместена практична полица.

Во бањата доминира комбинацијата на бели, светли и темни нијанси на сива боја, а како одличен акцент е осмислен мозаик што прикажува зајдисонце во градски пејзаж.

Една од причините зошто бањата е пространа и ненатрупана е тоа што во неа немало потреба да се сместува машината за перење. Таа го нашла своето место во оставата, која е искористена како гардероба со сушилница.

Текст и фото: Home Style

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.