Предлози за 7 традиционални ручеци за 7 дена: Брзо се приготвуваат, вкусни се и здрави, а многу заситуваат!

Неделно мени

Знаеме дека најтешко е да се смисли мени за неделата што ни претстои, па затоа ви предлагаме седум идеи за домаќински ручек

Прв ден: Грав

Измијте 500 г грав и оставете го да отстои во вода цела вечер. Тоа ќе го забрза варењето на гравот.

Ставете го гравот во голем лонец, прелејте го со вода и ставете го да зоврие на шпорет. Потоа, намалете ја температурата и варете го гравот додека омекне, што може да трае околу еден час.

Во меѓувреме, исечкајте 2-3 моркова, 2 главици кромид и 2 чешниња лук. Ако сакате, може да додадете и 100 г суво месо.

Во посебно тавче, пропржете сечкан кромид и лук, додека станат стаклести. Кога ќе омекне гравот, додајте ги сечканите моркови, пропржените кромид и лук, како и сувото месо ако го користите. Зачинете со сол, бибер и црвен пипер по вкус. Гответе го сето тоа заедно уште 15-20 минути со повремено мешање.

Послужете го гравот топол со парче домашен леб.

Втор ден: Телешка чорба

Исечкајте 500 г телешко месо на мали парчиња. Ставете го месото во лонец со вода и варете го додека стане меко. Додајте исечкани компири, моркови и кромид во лонецот со месото. Гответе го сето тоа заедно додека омекне зеленчукот. Зачинете со сол, бибер и посипете сечкан магдонос пред послужување.

Трет ден: Леќа

Пропржете кромид и сланинка. Додајте морков, па динстајте уште малку. Додајте добро измиена леќа и зачини. Сипете вода да ги покрие состојките. Гответе околу 30 минути. Додајте свеж магдонос, па гответе уште неколку минути. Јадењето треба да биде чорбесто и многу е здраво, бидејќи е полно со влакна.

Четврти ден: Чорба од домати

Исечкајте 1 кг домати, 2 моркова и 1 главица кромид. Пропржете го кромидот на малку масло додека стане стаклест. Додајте сечкани домати и моркови во лонецот и гответе додека омекнат.

Изблендирајте ги сите состојки за да добиете хомогена чорба. Зачинете со сол, бибер и посипете со сечкан магдонос пред послужување.

Петти ден: Сарми

Благо сварете кисела зелка во зовриена вода за да омекне. Исцедете ја. Пригответе го полнењето така што ќе измешате мелено месо, ориз, сечкан кромид, сол и бибер. Во секој лист кисела зелка ставете малку фил и завиткајте сарма. Наредете ги сармичките во подлабок лонец, покријте ги со преостанатите листови зелка и сипете вода. Гответе ги сармите на тивок оган, 2-3 часа.

Шести ден: Шпагети болоњезе

Сварете шпагети. Во тавче динстајте кромид, па додајте месо. По 15 минути додајте и сос од домати и зачини. Гответе околу 15 минути. Додајте ги шпагетите во сосот, промешајте и изрендајте кашкавал. Уживајте!

Седми ден: Пиперкаш

Исечкајте 500 г пилешко месо на мали парчиња. Пропржете го месото во подлабок лонец додека добие златнокафена боја. Додајте сечкани пиперки и домати, како и сечкан кромид. Додајте доволно вода за да ги покрие сите состојки, зачинете со сол, бибер и црвен пипер по вкус. Гответе го пиперкашот додека сите состојки станат меки и вкусни.

7 здрави рецепти кога немате многу време
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.