Рецепт за сладок леб без кој Италијанците не можат да си ги замислат празниците: Извонреден вкус што надалеку е познат!

Омилен колач на многумина

Никој не може да им каже НЕ на воздушестата текстура и богатиот вкус

Панетоне е познат сладок леб со суво овошје кој потекнува од Милано, но го освои целиот свет со својот неодолив вкус. Тој е задолжителен дел од божиќната трпеза во Италија, а може да се приготвува во разни варијанти. Големите сладокусци го јадат со топено чоколадо или крем. Иако Божиќ помина, никогаш не е погрешно време за панетоне!

Состојки:

За овошниот фил:

  • 300 г мешано суво овошје по желба (суво грозје, слива, брусница)
  • 100 г кандирани лимонови или кори од портокал
  • 6 лажици рум

За лебот:

  • 6 големи јајца
  • 480 г остро брашно
  • 250 г путер
  • 180 мл млеко
  • 50 г шеќер
  • 30 г бадеми
  • 1 и пол лажица сув квасец
Приготвување:

Вечерта пред да го приготвувате, исечкајте ги сувото овошје и кандираниот цитрус на помали парчиња, ставете ги во чинија, прелејте ги со алкохолен пијалак по желба. Добро промешајте, покријте со крпа и оставете вкусовите да се соединат на собна температура прекуноќ.

За лебот, загрејте 150 мл млеко и оставете го да достигне млака температура. Потоа, додајте ги шеќерот и сувиот квасец, добро промешајте и почекајте квасецот да се активира, околу 5 минути.

Во миксер ставете брашно и приготвениот квасец, па матете со продолжетокот за правење тесто, за да се поврзат состојките. Додајте пет јајца и продолжете да матите додека добиете хомогено, но лепливо тесто.

Малку по малку, во тестото додавајте 250 г омекнат, но оладен путер, исечкан на помали коцки. Матете со миксер додека добиете мазна смеса.

Префрлете ја смесата во намрсен сад, цврсто покријте ја со фолија и ставете ја во фрижидер да преноќи. Бавното нараснување на тестото гарантира лесна и воздушеста текстура.

Наредниот ден, на набрашнета површина расучете го тестото во правоаголник. Исцедете го овошниот фил од течноста во која се маринирал, па половина нанесете на расученото тесто. Преклопете го тестото, па повторно расучете го во правоаголник. Повторете ја постапката со преостанатото овошје.

Тестото со кандирано и суво овошје формирајте го во топка.

Намрсете кружен висок калап за печење панетоне, обложете го со хартија, па ставете го тестото во него. На врвот на тестото втиснете бадеми, ставете крпа преку сето тоа и оставете го лебот да нараснува 2 до 3 часа на топло место.

Нараснатото тесто премачкајте го со мешавина од преостанатото млеко (30 мл) и едно јајце. Ставете го да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени Целзиусови, околу 20 минути. Потоа, намалете ја температурата на 150 и печете уште 40 минути. Со чепкалка проверете дали тестото е убаво печено.

Лебот мора да биде добро исушен пред да го послужите. Добар апетит!

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.