Женски приказни: за вистинските и за погрешните избори

Брак со грешка

Постои една изрека: „Биди паметна кога го избираш човекот што ќе го сакаш, бидејќи ако згрешиш тогаш, ќе мора да бидеш паметна цел живот“. Но што ако се случи токму тоа – ако згрешиме? Искуствата што ги стекнуваме во љубовните врски се драгоцени. Како такви, со голема доверба ги разменуваме со најдобрите другарки. Ние разговаравме со вас, наши читателки, и ви пренесуваме дел од искуствата.

Ако на бракот се гледа како на конечен избор кој не може да се смени, тогаш таквата позиција на лицето што страда во заедницата навистина може да му се чини безизлезна. Но зошто би го гледале на тој начин? Не е возможно никогаш да не згрешиме во изборот. Ако си дадеме право да згрешиме и ако ја прифатиме одговорноста за грешката, ќе се ослободиме од притисокот во секој миг да правиме идеални избори, кои всушност не постојат.

Дали може нешто да се направи за да не дојде до развод? Сè зависи од конкретниот случај и од тоа колку се и двете страни подготвени да се потрудат за спасување на бракот. Пред сè, важно е во колкава мера партнерите го препознаваат проблемот. Колку се подготвени отворено да поразговараат за тоа што се за нив најголемите пречки за добар брак и дали се подготвени заедно да направат стратегија за нивно успешно надминување. Одговорот на ова прашање гласи: многу отворен разговор и подготвеност заедно да се работи за надминување на конфликтот.

 На кој начин партнерите можат да го унапредат односот? Познатиот психотерапевт Ирвин Јалом вели:

Ако не сме во состојба да ја прифатиме сопствената осаменост, тогаш другите ќе ги користиме само како штит од изолираноста. Само кога некој е во состојба да живее како орел – без никаква публика – може со љубов да се заврти кон некој друг, само тогаш може да води сметка за експанзија на тоа друго суштество.“

Често се случува луѓето да влезат во врска/брак затоа што мислат дека партнерот ќе ги направи среќни, исполнети и заштитени. Потребно е да имаме волја сами да се мотивираме, да се направиме среќни и задоволни, да умееме да најдеме поента во својот живот независно од партнерот. На тој начин сме подготвени да влеземе во зрел однос, кој се базира на љубов и на разбирање, а кој може и понатаму да се развива.

Кои се сигналите дека повеќе нема надеж за бракот?

Сериозен фактор е насилство во семејството. Последниве години доста се работи на освестување на жените дека не треба да трпат насилство, како и на создавање законски и политички рамки да се заштитат жртвите. Ова го истакнувам бидејќи живееме во општество во кое се толерира по некоја шлаканица одвреме-навреме…

А не би требало да е така. Сведоци сме дека толерирањето на овие појави, кои погрешно се сметаат за доказ на љубовта, доведуваат и до убиства, при што жените се најчести жртви. За жените да умеат да препознаат секаков вид насилство и без дилема да повлечат граница дека нема да го трпат тоа, многу е важно државата и општеството во целост да имаат јасен став дека насилството не се толерира.

 Како децата го доживуваат разводот и како да им се помогне?

Разводот може лошо да влијае на децата – може да им опадне концентрацијата, да попуштат на училиште, да им недостига самодоверба, да се обвинуваат себеси и сл. Сите деца не реагираат исто. Некои се помалку, а некои повеќе чувствителни на промените. Сепак причинител на негативните последици врз децата не е разводот, туку лошиот однос помеѓу родителите. За правилен развој на детето подобар е добар развод отколку лош брак.

Има ли шанси за нова љубов?

За љубов секогаш има шанси доколку сте подготвени да ја примите и да ја дадете. Љубовта и заљубеноста често се мешаат. Љубовта подразбира разбирање, почитување, прифаќање на другиот во целост, со сите квалитети и мани, а за таков однос е потребно време да се развие. Од друга страна, заљубеноста подразбира силни позитивни чувства, кои се повеќе резултат на привлечност и идеализирање на партнерот. Тоа значи дека личноста не ја гледаме каква што реално е, туку како што сакаме да ја видиме и каква што ни треба. А тоа чувство може да нè измами.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.