Велнес-ритуали: Освојте го утрото и сте го освоиле денот!

Утро што ќе смени сè

Дали сте размислувале како би изгледал вашиот идеален ден? Оној по кој ќе се чувствувате задоволно и исполнето! Доколку сакате секој ден да ви биде таков, почнете од – утрото! Не сте утрински тип? Нема врска. Сè се учи…

Никогаш не се сметав за утрински тип. Станувањето рано наутро за мене беше најголемо мачење. Кога требаше да патувам или поради неодложни обврски да се разбудам со првите петли, претпочитав воопшто и да не спијам цела ноќ. Будењето за мене беше рамно на противприродно насилство.

Едноставно, не ми беа јасни луѓето што од рано утро се насмеани и полни со енергија, како сестра ми на пример. Таа речиси 15 години се буди во 5 часот наутро, се подготвува и – води утринска емисија! Ведра и расположена! Затоа ја доживував како некое повисоко суштество, кое од раѓање е надарено со супермоќи, кои за мене и за преостанатите циници засекогаш ќе останат во рангот на непозната метафизика.

Е, потоа дојдов на возраст кога ми стана јасно дека изговорите од типот „едноставно не сум таква и што да правам“ не држат вода. Сè може да се смени. Секоја личност е процес. Одлучив да ја преуредам мојата утринска рутина по примерот на стручните совети и се фрлив на истражување. Очекував процес што во почеток ќе биде мачен, но со текот на времето ќе даде добри резултати, како кога ќе почнете да вежбате.

Всушност, ми успеа од прва. И овој текст е напишан наутро, со насмевка.

СПИЈТЕ ДОВОЛНО

Не постои утринска рутина што може да го надомести здравиот сон.

Сонот е од витално значење за нашата физичка добросостојба, ментална рамнотежа и квалитетен живот“, истакнува Мелиса Ејслер од центарот „Чопра“.

Нарушувањата на сонот можат сериозно да влијаат врз здравјето, но и врз нашето размислување, реакции, работа, учење, воспоставување односи со другите… Обидете се секоја ноќ да спиете од шест до осум часа и, колку што е можно, да ги уредите околностите во кои спиете, за да имате поквалитетен сон. Дали душекот ви е соодветен? Дали просторијата во која спиете е доволно проветрена? Можеби постои освежувач за постелнината што ќе ви одговара повеќе? Секогаш постојат мали нешта што можат да придонесат да го подобриме квалитетот на сонот, а со тоа и нашиот живот.

БУДЕЊЕ

Каков ќе ви биде денот зависи од тоа што ќе се случува, а на тоа треба и да влијаете.

Ако го освоиш утрото, си го освоил денот“, вели една поговорка.

А кои ви се првите мисли штом ќе ги отворите очите? Дали си велите дека сте уморни и дека станувањето поради работните обврски претставува космичка неправда насочена токму кон вас? Или дека ви недостигаат пари и не знаете како да дојдете до нив? Или го вклучувате телевизорот додека во креветот ги прелистувате мејловите и пораките на социјалните мрежи, кои ви го полнат мозокот со непотребни информации? Ако го правите тоа, не е ни чудно што не ви се станува од креветот.

Штом ќе ги отвориме очите, треба да се потсетиме на тоа што го имаме. Секој од нас има нешто поради кое би требало да е благодарен. Топол дом, здраво семејство, добра работа, укажана шанса… Дури и кога животот ни е прекрасен, премногу време им посветуваме на нештата што ни недостигаат“, истакнува Стефан Џејмс, бизнисмен и животен тренер.

Ова дефинитивно функционира. Во првите свесни мигови во денот, ваквиот пристап нè одвојува од чувството на неволност, предизвикува насмевка на лицето, а на мозокот му испраќа информација дека почнува ден што е шанса за нешто ново. Исто така, првиот час во денот е скапоцен, бидејќи можеме да го контролираме и да си го посветиме себеси. Па, штета е да не го искористиме за нешто корисно, нели?

Фото: Unsplash

Мене сето тоа ми звучеше феноменално пред спиење, но кога ќе се разбудев наутро, не се сеќавав на ништо. Затоа постојат будилници, кои, и пред да ги отворите очите, можат да ве потсетат на убавата страна на утрото. Изберете видео на Јутјуб што ќе ве буди или најдете друг начин првите пораки што ќе слушнете да бидат оние вистинските. Разликата е огромна.

СТАНУВАЊЕ

Кога ќе го слушнете алармот, станете. Немојте да го одложувате. Опцијата snooze не доаѓа предвид! Џим Квик, популарен тренер на „умот“, истакнува дека одлуката за станување е првата што ја донесуваме во текот на денот. Важно е да не ја одложуваме. По станувањето, прво наместете го креветот.

Рутината на местење на креветот е многу важна, затоа ѝ се посветува големо внимание во војската“, истакнува Квик, додавајќи дека подоцна, кога ќе се вратиме дома од работа, наместениот кревет симболизира успех, а ненаместениот има спротивна конотација.

Бидејќи повеќето луѓе дехидрираат за време на сонот, нутриционистите препорачуваат веднаш по будењето да испиеме чаша вода за да ги надоместиме загубените течности и да го прочистиме организмот. Џим Квик особено ја истакнува важноста на некористењето мобилен телефон и други електронски уреди минимум половина час по будењето. Ако не можете да се разбудите без аларм, тоа е океј, но читањето пораки и мејлови оставете го за подоцна.

 

КРЕАТИВНА ВИЗУАЛИЗАЦИЈА

Откако ја основав компанијата, секое утро, како дел од медитацијата, практикувам креативна визуализација“, објаснува Вишен Лакхиан, основач на компанијата „Мајндвали“. „Едноставна визуализација на успехот подоцна се преведува во конкретни резултати. Како да почнете? Доволни ви се само неколку минути на дневно ниво“, додава.

Препораката на Лакхиан е да замислиме голем ТВ-екран на кој ќе се одигрува нашиот „филм“. Во првата фаза ја дефинираме ситуацијата од која сакаме да излеземе и ја набљудуваме таа слика.

На пример, сте се повредиле на тренингот и сакате брзо да закрепнете. Замислете се како се движите отежнато, почувствувајте ја таа фрустрација. Истражувањата покажаа дека креативната визуализација е поефикасна кога почнува со доживување на ситуацијата што сакаме да ја смениме. Значи, гледајте се себеси и доживејте ги болката и лутината. Но не задржувајте се во таа визуализација подолго од една минута. Потоа, замислете како ја бришете таа слика, како на школска табла. Следен чекор е замислување на целите и оживување на посакуваното сценарио во својата глава.

Замислете ја сликата во полна резолуција, обидете се да ги вклучите сите сетила. Доколку проблемот е болен грб, замислете се како трчате, како го подигате детето без проблем, како танцувате… Почувствувајте ја радоста, а клучни се емоциите на пријатност и гордост“, појаснува Лакхиан. „Накрај, замислете двајца или повеќе луѓе што уживаат во остварувањето на вашата желба. Во нашиот пример можете да го видите детето што е радосно што си играте со него или мајка ви на која конечно можете да ѝ помогнете во вршењето на некоја домашна задача. Секоја визуализација треба да завршува со афирмација – нека биде вака или подобро“.

И тоа е тоа. Денот може да почне.

РАЗМРДУВАЊЕ

Без разлика дали медитирате или не, наутро е многу важно да ги разбудите телото и мозокот. Ако немате време за џогинг, доволно е да направите неколку вежби.

Секогаш по медитацијата се размрдувам за да го придвижам организмот по постигнување мир“, објаснува Џим Квик и додава дека потоа се тушира со поладна вода, со што ја придвижува циркулацијата и ја поттикнува состојбата на будност. Потоа е време за здрав појадок.

ЛИСТА ПРИОРИТЕТИ

Пред да тргнете на работа, зошто да не составите листа на личните приоритети за новиот ден?

Можеби денес ви е важно да се појавите на работа со сиот свој сјај, да го искористите работниот ден за максимална продуктивност, или можеби ви е важно да сте љубезни со блиските. Одредете сами“, истакнува Стефан Џејмс.

Од друга страна, Џим Квик оди чекор подалеку и секое утре прави три листи: to do, to feel и to be.

Читањето и пишувањето го активираат мозокот. Тоа време го посветувам на пишување дневник. Можете да ги запишете и своите желби во него. Истражувањата покажаа дека пишувањето со рака е поефикасно од куцањето на компјутер. Алберт Ајнштајн и Да Винчи, најголемите умови на човештвото, пишувале дневник. Научниците денес се прашуваат дали пишувале дневници затоа што биле генијални и креативни или рутината на водење дневник влијаела врз развојот на нивната креативност.“

ВРЕМЕ ЗА РАБОТА

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.