Писмо од читателка: „Многу сум загрижена за психичката состојба на мојот брат“

Не воздржувајте се да побарате стручен совет!

Пишувајте ѝ на психотерапевтката м-р Снежана Апостолова на redakcija@ubavinaizdravje.mk (за психо-катче).

Многу сум загрижена за психичката состојба на мојот 40-годишен брат. Мислам дека зад неговиот тирански однос кон луѓето што работат за него се крие друг проблем. Не знам како ги избира жртвите, но тоа не го прави со сите. Понекогаш таа личност е навистина мрзлива и не работи, така што го заслужува таквиот однос.

Сепак, ми изгледа премногу сомничав и параноичен, често бара скриена намера во комуникацијата со другите. Од друга страна, отсекогаш имал изразена емпатија кон послабите, децата, возрасните, па тоа не ми се вклопува во шаблонот на болеста за која во најцрните мисли размислувам. Исто така, многу се инаети и тоа го припишувам на неговата инфантилност и на стравот од одбивање.

Генерално е затворена личност, но воедно и мошне духовит и подготвен да се одолжи за направената услуга, поради што луѓето сакаат да се дружат со него. Многупати во животот беше покрај мене. Едноставно, не знам што да мислам. Од друга страна, често ме обзема срам кога ги гледам реакциите на луѓето на лошото негово однесување. За психичкиот замор и да не ви зборувам, пишува Билјана од Скопје, а одговара нашата стручна соработничка, психотерапевтката м-р Снежана Апостолова.

Особините на вашиот брат нужно не се показател за постоење на некое психичко нарушување. Во примерите што ги наведовте, очигледно вашиот брат таквите ситуации не ги гледа како негативни, ниту ги доживува како проблем.

Причината за неговата внимателност можат да бидат некои стари негативни искуства што го научиле да биде дополнително скептичен кон луѓето. Сепак, доколку забележите дека потешкотиите во односите со другите луѓе траат подолго време, стануваат понагласени и отстапуваат од општествените норми на однесување, обидете се да поразговарате со него за причините поради кои се однесува на тој начин и за проблемите со кои веројатно се соочува.

Доколку вие и неговата блиска околина поминувате низ изразени проблеми во односот со него, тоа е доволна индикација за сомнеж за постоење психичко нарушување, кое често влијае врз севкупното семејство на болниот.

Сепак, таквата дијагноза би требало да ја одреди стручно лице, како и следните чекори за воспоставување здраво и социјално функционирање и покрај постојниот проблем.

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.