„Ме воодушевуваат храбри жени“: Модниот дизајнер Роберт Ивановски ни откри какви дами го инспирираат

У&З разговор

Модниот дизајнер Роберт Ивановски е препознатлив по своите смели креации за мажи и жени, па како некој што ја познава и машката и женската мода, нè интересираше какви дами го инспирираат

Неговите модни дизајни се одликуваат со уникатност, ексцентричност, строги кроеви и уметнички печат. Храброста и иновативноста, кои се главните карактеристики на неговото творештво, се токму особините што најмногу го воодушевуваат и кај женскиот пол. Роберт Ивановски ни потврди дека многу жени од различни сфери му биле и сè уште му се непресушен извор на инспирација…

Која женска фигура ти има оставено најголем впечаток во детството?

Листата е долга, но ќе се задржам на поп-културата, бидејќи во детството можеби најмногу се интересираме за таа област. Тоа е периодот на 1990-тите години кога ги добив првите интереси за модата и естетиката. Тука би ги издвоил Мадона и Грејс Џонс, кои со својата храброст и иновативност ги рушат сите стереотипи и поставуваат нови граници и правила.

Колку жените од сферата на модата, но и генерално, те имаат инспирирано во текот на твојата кариера?

Жената секогаш била една од главните инспирации во сите гранки на уметноста, па така и во модата. Има многу жени од разни сфери кои ми биле и сè уште ми се непресушен извор на инспирација.

Која жена најмногу влијаела врз твојот професионален развој?

Тоа е дефинитивно мајка ми, која секогаш ме подржувала, мотивирала и ми помагала да го остварам мојот професионален сон. Тука се и моите сестри, кои го препознале мојот талент и верувале во моите можности, со што дополнително придонеле за мојот развој.

Колку е важна улогата на жената во модниот свет?

Не само во модниот свет, улогата на жената е важна во сите области и професии. Без разлика за каков бизнис станува збор, клиентите доаѓаат од различни страни, различен пол, раса и слично. Па така колку подобро работното место ги претставува своите клиенти, толку поуспешен ќе биде бизнисот.

Сметаш ли дека жените денес добиваат сè позначајна улога во општеството за разлика од порано?

За мене жената секогаш имала значајна и еднаква улога со мажите во општеството. Никогаш не ми биле разбирливи поделбите, особено не денес во модерно време. Факт е дека сè уште постои овој проблем, но се надевам на повидлива промена и се надевам дека ваквите ставови во општеството ќе бидат дел од историјата.

Какви жени те воодушевуваат? Кои особини треба да ги поседуваат за да ти остават впечаток?

Секогаш ме воодушевуваат жени кои се успешни, моќни и свои. Индивидуалност, храброст, независност и самодоверба се дел од карактеристиките кои секогаш се привлечни и оставаат добар впечаток.

Кои жени имаат добар моден стил според тебе? Можеш ли да ни издвоиш неколку примери од светската или домашната сцена?

Во последните години големо внимание ми привлекува стилот и уникатноста на Росалиа. Секако би ја издвоил и Ријана, која е моден феномен и модна икона на новото време. Нашата сцена не би можеле да ја споредиме со светската, но секако има жени кои се трудат и работат на својот стил.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Искрено со Давид Мука за убавината и здравјето: „Физичкиот изглед е важен, бидејќи тој е одраз на нашата внатрешна состојба“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.