МАРТИНА ТРАЈКОВСКА: „Здравиот живот не треба да претставува фаза, туку нешто до кое ќе се придржувате долгорочно“

Инфлуенсерки што сакаме да ги запознаеме подобро

Разговаравме со Мартина Трајковска, на Инстаграм попозната како @martinas_healthy_kitchen

Пред две години, Мартина Трајковска го објавила првиот рецепт на нејзиниот инстаграм-профил @martinas_healthy_kitchen, откако претходно го правела тоа на својот приватен профил. Оттогаш па сè до денес, секојдневно ги уверува своите десетици илјади следбеници дека здравата исхрана, спортувањето и правилното планирање на времето можат да им станат навика која никогаш веќе нема да сакаат да ја сменат.

Како изгледа твоето секојдневје надвор од социјалните мрежи?

Јас сум доктор по општа стоматологија, имам 26 години и работам во фамилијарната ординација за естетска и реконструктивна стоматологија со имплантологија, а моментално сум запишана на специјализација по орална хирургија. Моето слободно време моментално е наменето за спортување (3 пати неделно се искачувам на Водно и 3 пати вежбам во вежбалница), учење (мојата работа постојано ми налага да читам и учам за да можам секојдневно да напредувам) и дружење со најблиските.

Кој е твојот омилен рецепт што го имаш објавено?

Протеинскиот чоколаден леб со банана, бидејќи нема кој не се воодушеви кога го проба, а и оние што ме следат и го направиле, на мое големо задоволство, истото го потврдија.

Со кое јадење најчесто одбираш да се почестиш кога имаш „ден за мамење“?

Тој ден секогаш ми е различен и сè зависи од моите планови. Некогаш може да се случи да го јадам ручекот на мајка ми, а некогаш тоа е некој ручек во кафеана. Но вака кога размислувам што најмногу сакам да јадам на „ден за мамење“, тоа секогаш се специјалитетите од италијанската кујна.

Трикови за воведување поздрави навики во исхраната?

Пијте повеќе од 2 литри вода во денот, спијте минимум 7 часа, вежбајте 3-5 пати неделно. Внесувајте повеќе храна со извор на протеини (месо, риба, грчки јогурт, протеин) во секој оброк, направете неделен план што ќе јадете секој ден, пазарете само тоа што е во неделниот план, не пијте алкохол, јадете само домашно приготвена храна. Правете 8000-10.000 чекори дневно, имајте една протеинска ужинка во денот за да не чувствувате премногу глад помеѓу оброците. Внимавајте на внесувањето здрави масти (јатки, маслиново масло, кокосово масло, авокадо, црно чоколадо, мајонез, моцарела, лосос, путери, кокос, жолчки итн..) бидејќи ако во 1 г протеин има 4 калории, во 1 г масти има 9 калории. Не внесувајте калории преку течни напивки (сокови, кафе со млеко и шеќер, коктели, газирани сокови). Доколку немате време да готвите во текот на денот, пригответе ги сите оброци претходната вечер. Не купувајте грицки и благи, бидејќи ќе ги изедете при секоја криза. Оброците нека ви бидат балансирани со сите макронутриенти (јаглехидрати, протеини и масти), не јадете 2 часа пред спиење и уште многу други работи кои ги споделувам на инстаграм секојдневно. И, секако, цврста волја и истрајност, бидејќи ова не треба да претставува фаза, туку нешто до кое ќе се придржувате долгорочно.

Како најлесно да ги изброиме калориите што ги внесуваме доколку имаме одредена фитнес-цел?

Доколку почнувате да броите калории, треба целосно да се посветите на домашно зготвени јадења и сè што користите во оброците во текот на денот, да го внесувате во апликација, како што е My Fitness Pal. Сметам дека не може да броите калории ако јадете секојдневно надвор, бидејќи не знаете на колку масло е испржен еден обичен стек или колку сос има ставена во некоја салата.

Кои инстаграм-профили ти се допаѓаат?

За вежбање: @rachaeljdillon и @krissycela. За храна: @coconutbliss и @panaceas_pantry. Многу ми се допаѓа и профилот @nemanjamilovic, бидејќи има многу поучни подкасти за здравиот начин на живот.

МАЈА АТАНАСОСКА: „Ако водите квалитетен профил со интересна содржина за одредена публика, спонзорите сами ќе си дојдат“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.