КАТЕРИНА АНГЕЛОВСКА за животните промени: „Сонувам за свет полн со креативни индивидуи со слободен дух“

Промени што водат напред

Иако промените честопати тешко ни паѓаат, тие истовремено се и најдобрата шанса за раст. Дознајте како нашата соговорничка успеала да го извлече максимумот од животните промени

Пред да ја пронајде својата мисија, мислела дека знае што сака и зошто ги прави работите, но отсекогаш имала некој внатрешен глас што ѝ велел дека тоа не е нејзиниот вистински позив. Уште на 19 години започнала да трага по својата лична вистина, постојано истражувала, учела и за време на едно исклучително искуство што го доживеала преку шаманска медитација, добила визија за она што го работи денес.

КАТЕРИНА АНГЕЛОВСКА, советник за личен развој, учител по свесна медитација, реики-мастер енергетски терапевт и мотивациски говорник
Како изгледаше твојот процес на транзиција од една во друга професионална област?

За мене тоа беше навистина тежок период, бидејќи кога си заминував од претходната работа и кога сакав да започнам нешто ново, мојата мајка почина. Се соочував со изразена грижа на совест, ништо не се помрднуваше од место и не сакав да бидам помеѓу луѓе. Имав панични напади проследени со срцебиење и гушење. Си дозволив извесен период да ја исцелувам оваа траума и потоа ја започнав оваа божествена авантура на будење на колективната свесткоја целосно ми го промени личниот и професионалниот живот.

Кој е најголемиот предизвик што го имаш моментално во твојата работа?

Во моментов ги привршувам последните подготовки за мојата онлајн-програма за личен развој „Будење на свеста“. И за мене ова претставува голем предизвик, бидејќи првпат во Македонија ќе излезе ваква професионална програма за личен развој со одлична содржина која ќе ѝ помогне и ќе ја поттикне секоја индивидуа да погледне подлабоко во себе, да го пронајде својот копнеж и свесно да создава реалност каква што посакува.

Која е најголемата промена што ти оставила најдлабока трага?

Најголемите промени мисе случијакогамоите родители си заминаа од овој физички свет.Сум се соочувала со различни предизвици, и пријатни и непријатни, и бескрајно сум благодарна за секој од нив. Благодарна сум за секоја пролеана солза, за секое соочување со моите најдлабоки стравови, за секоја радост што сум ја доживеала,зашто го отворија моето срце и ја разбудија мојата свесност.

Каде се гледаш себеси во иднина? За што сонуваш?

Сонувам за свет со добрина, сочувство и емпатија, каде што луѓето живеат во заедници и си помагаат меѓу себе. Свет во кој децата безгрижно се изразуваат, се сакаат и се почитуваат меѓусебно. Сонувам за свет полн со креативни индивидуи со слободен дух, чии лични вредности, визии и внатрешно водство ќе дадат придонес кон постигнување сочувство, мир и љубов. Е, тука се гледам себеси во иднина.

Лекциите на Катерина

Кој е твојот најголем животен учител?

За мене, предизвиците се лекции од кои постојано учам и токму тие ме направија да бидам таква личност каква што сум сега и да бидам таму каде што сум. Сето знаење и искуство што го стекнуваме е величествен начин да ги надминеме своите граници, да ја живееме својата мисија и да бидеме промената што сакаме да ја видиме во светот.

Кога би требало да му дадеш некому само еден совет за успех и за среќа – што би било тоа?

Бидете свои, вистински, искрени и спонтани. Почнете да се будите од колективната несвесност и станете свесни битија.Сè додека ја проектираме моќта надвор од нас и не сме во можност да ја препознаеме внатрешната моќ која вистински нè исцелува, го поддржуваме сето страдање што му се случува на светот. А ова се случува кога не сме во допир со внатрешната природа и тогаш нашето постоење не е во хармонија и баланс.Затоа е потребно е да ја поттикнеме личната и духовна трансформација, да го ослободиме телото од емоционалните трауми кои ги носи во себе и да се прифатиме себеси како божествени битија. Нема секогаш да биде пријатно и лесно, но колку повеќе се исцелуваме толку повеќе ќе уживаме во неограниченото изобилие на универзумот. А тоа ќе го постигнеме преку нашата автентичност, спонтаност и искреност.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

УСПЕШНИ И САМОУВЕРЕНИ: Како изгледа денот на рок-дивата Ружица од „Ареа“?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.