Посетете го ОСТРОВОТ НА БУДА – Шри Ланка: СИРОМАШНА ЗЕМЈА СО НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ

Еве зошто, а и како!

Една од најголемите предности се најубавите плажи на светот – која и да ја изберете, ќе ве воодушеви!

Ако од одморот очекувате целосна релаксација, оваа земја ќе ви го овозможи тоа. Ќе уживате во тропскиот раскош, во т.н. бисер на Индиски Океан.

Задолжително резервирајте лет многу месеци однапред! Кога ќе уловите нискобуџетен лет, ќе завршите половина од работата!

Мојата мисија во оваа земја беше да ги учам децата англиски јазик во основно училиште, во приватно сместување. Ако одите туристички, ви предлагам да земете аранжман во некоја агенција во соседството или сами да уловите некоја суперпонуда на booking.com.

Идеално време за посета на Шри Ланка е во ноември, кога нема многу туристи. Цените на намирниците се ниски, така што ви останува само да уловите евтин лет и – вашето летување од соништата може да почне!

СИРОМАШНА ЗЕМЈА СО НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ

Будистички скулптури што го одземаат здивот, брз живот во современите градови и села, плантажи со чај на југот, рудници со скапоцени камења и бујни прашуми во средишниот дел на островот – сето тоа се среќава и се спојува со искрените насмевки на локалното население.

Жителите се добронамерни, постојано насмеани и весели, иако поголемиот дел е сиромашен. Токму тие оставија најголем впечаток на мене – весели добри луѓе, со неверојатна леснотија на постоењето. Тие никогаш не брзаат, работат полека и не возат повеќе од 20 на час. За оние со подлабок џеб, добра алтернатива е да изнајмат возач.

ДРЕВНА БУДИСТИЧКА ПРЕСТОЛНИНА

Населението е будистичко и многу гордо на своето културно наследство. Задолжително посетете го главниот град Коломбо, како и Анурадабура – место на кое се наоѓа дрво старо 1.500 години. Легендата вели дека токму под тоа дрво Буда доживеал нирвана.

Во Кенди посетете го Храмот на забот, каде што се наоѓа забот на Буда – света реликвија, која се смета за симболично отелотворение на Буда. Токму поради таа реликвија се воделе голем број војни, затоа што се смета дека има магична моќ. Уште едно место вредно да се посети е сиропиталиштето на слонови, каде што ќе видите голем број мали и слатки слончиња.

Незаборавно искуство! Сепак, една од најголемите предности се најубавите плажи на светот – која и да ја изберете, ќе ве воодушеви! Исто така, ќе уживате и во ненормално вкусната храна – секое јадење е деликатес за себе.

Понесете облека што го покрива телото, како знак на почит кон нивната култура, или купете сари и целосно сплотете се со локалците.

ТЕКСТ: Невенка Михајловска

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.