Патувачкиот дневник на Ана Јаневска: „Најромантичното место е Тиват, најскапо имам поминато во Австрија, а островот Крф ќе ве воодушеви!“

Време е за патување

Чувствувате неиздржлива желба да отпатувате, но немате идеја која дестинација да ја одберете? Побарајте инспирација од искуствата на нашата соговорничка….

Во мај минатата година Ана Јаневска го добила стручниот назив „дипломиран туризмолог“ по завршувањето на студиите на Природно-математичкиот факултет. Желбата за патување и фотографирање ја поттикнала да го започне нејзиниот инстаграм-профил @travelwithana_ _ , каде што секојдневно ги споделува своите искуства поврзани со посетите на различни земји.

Најубавите фотографии

Секоја држава е магична на свој начин, со сите свои уникатни природни и културни убавини. Но кога би морала да одберам каде ги имам направено најдобрите фотографии и видеа, тоа дефинитивно би била кралицата на Дунав, Будимпешта.

Најромантичното место

Зборот романтика секогаш ме навраќа на романтичните вечери во Тиват – неодолив медитерански рај, кој претставува уникатен спој на Монте Карло и Сен Тропе. Прекрасни јахти, отмено шеталиште, зајдисонце и романтична вечера со поглед кон бескрајното море. Примамливо, нели?

Најевтино и најскапо

Европа е преполна со неверојатни градови, богата историја, разновидна култура, одлична кујна… Сето тоа има своја цена. Од сите земји што ги имам посетено, во Австрија имам поминато најскапо, а во Албанија најевтино.

Највкусното и најчудното јадење

Познатата торта сахер (чоколадна торта со џем од кајсии и чоколадна глазура) има доживеано светска слава со причина. Доколку одите во Виена, задолжително пробајте ја, бидејќи важи за заштитен знак на австриската престолнина.

Како едно од најспецифичните јадења што ги имам пробано, пак, би ги издвоила полскиот пиероги. Тоа е полска верзија на кнедли направени од тесто и може да се послужат солени или благи. Популарните филови вклучуваат месо, кисела зелка, урда и сезонско овошје.

Најфасцинантната природа

Островот Крф е еден од најубавите грчки острови, што, несомнено, ќе ве воодушеви. Од најубави скриени плажи, како што е Рајската плажа, до недопрен природен пејзаж, овој остров е совршена дестинација за одмор и летна авантура. Како едни од најфасцинантните природни појави на овој остров би ги издвоила: Каналот на љубовта, Ла Грота, Палеокастрица, Порто Тимони, Паксос и Антипаксос.

Најбезбедно и најризично

Најбезбедно, секако, се чувствувам во мојата земја, а надвор од неа – во Србија. Тоа е така, пред сè, затоа што имам голем број познаници таму. Од друга страна, за среќа, досега се немам соочено со непријатно искуство.

Нај(не)пријатната клима

Како некој што ужива во летните денови, морските дестинации би ги издвоила како места со најпријатна клима. Во Варшава се соочив со спротивното. Оваа неверојатна метропола ме дочека со магливо и дождливо време, но сепак не ме остави рамнодушна.

Препорака за продолжен викенд

Националниот парк Тара, познат по најубавите погледи во Србија. Голубац со Сребрено Езеро, а за љубителите на метрополи и шопинг – Солун и Белград. За оние што го немаат истражено источниот дел на нашата земја – градот Берово и околината.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Патувајте со Кала: „Најскапиот град во кој сум била е Њујорк, јадев пржени скорпии во Бангкок и вечерав под свеќи на карипскиот остров Курасао!“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.