Патувајте со Кала: „Најскапиот град во кој сум била е Њујорк, јадев пржени скорпии во Бангкок и вечерав под свеќи на карипскиот остров Курасао!“

Време е за патување

Чувствувате неиздржлива желба да отпатувате, но немате идеја која дестинација да ја одберете? Побарајте инспирација од искуствата на нашата соговорничка…

Велат дека патувањата се инвестиција во сопствениот развој, а нашата соговорничка живее според тоа правило. Таа лета од едниот до другиот крај на светот, запознава најразлични култури, шета по прекрасни плажи и планински патеки, ужива во фантастични предели, им се воодушевува на старите градби.

Благодарение на социјалните мрежи, и ние можеме да се соживееме со нејзините искуства. Инстаграм е заслужен што денес ви ја претставуваме Кала Неткова (@kalalalaaaa).

Намибија
Патувајте со Кала

КАЛА НЕТКОВА, @kalalalaaaa

Кала веќе осум години живее во Холандија, каде што се преселила поради студиите по медицина. Иако отсекогаш сакала да патува, оваа страст особено ѝ се разгорела по медицинскиот стаж во Индонезија. Веднаш потоа заминала на патување само со еден ранец, што за многумина е незамисливо, но за неа тоа било бесценето искуство, бидејќи ѝ ги проширило видиците и, што е најважно, ѝ помогнало да стекне долгогодишни пријателства со луѓе од целиот свет.

Најубавите фотографии: Основното правило за добра фотографија е добра светлина. Во фотографијата постои терминот „златен час“, што се однесува на периодот околу изгрејсонце и зајдисонце. Во тие моменти можат да се направат најдобрите фотографии. Друг трик за добри фотографии е да се посетат туристичките места рано наутро, веднаш по отворањето, за да се избегнат метежите.

Јужна Африка

Најромантичното место: Карипскиот остров Курасао. Овој остров му припаѓа на Холандското Кралство, па покрај нивниот официјален јазик папиаменту, таму зборуваат и холандски. Плажите се со бел песок и високи палми, а водата е тиркизна и полна со најразлични риби и корали во сите бои. Вечерата под свеќи на една таква плажа е дефинитивно едно од најромантичните искуства што можам да ги издвојам.

Костарика

Најевтино и најскапо: Најскапиот град во кој сум била дефинитивно е Њујорк. Цените за храна и пијалак се превисоки, особено на Менхетн. Како најевтини локации би издвоила некои од земјите во Југоисточна Азија, како Тајланд, Камбоџа, Непал или Индонезија. Таму може да се најде сместување со 4 или 5 ѕвезди за 30-40 евра, а еден оброк чини околу 1,5 – 2 евра.

Највкусното и најчудното јадење: Секогаш кога патувам одам на локалните пазари за да пробам што е можно повеќе национални специјалитети. Ако морам да издвојам една кујна, тоа би била виетнамската. Виетнамците користат многу свежи зачини во своите јадења и тоа ги прави доста необични. За најчудно јадење би ги избрала пржените скорпии во Бангкок (Тајланд). А за најчуден пијалак – копи лувак, традиционалното кафе што го пијат на Бали (Индонезија). Ова кафе важи за најскапото кафе во светот и е направено со помош на цивети (вид животно). Најпрво тие ги јадат зрелите зрна кафе, а потоа нивниот измет се преработува и од него се прави ова луксузно кафе. Вкусот е доста сличен на нашето турско кафе.

Камбоџа

Најфасцинантната природа: Топ 3 би биле:

1. Костарика поради дождливата шума и егзотичните животни. Тука можат да се видат најразлични животни и птици, како мрзливци, јагуари, мајмуни, тукани, папагали.

2. Саба, карипскиот остров, поради таканаречените „шуми во облаците“, каде што вегетацијата е на толку висока надморска височина што всушност се наоѓа во облаците.

3. Намибија поради дините, пустината Намиб и извонредните формации од камења. Изнајмивме возило 4х4, кое имаше шатор на покривот. Беше прекрасно искуство да си толку блиску до природата, каде што наутро можеш да го отвориш прозорчето од шаторот и да видиш слонови, жирафи, носорози.

Непал

Нај(не)пријатната клима: Кога ја посетив Јужноафриканската Република, температурите беа 25-27 степени и немаше дождови. Тоа беше совршената клима за сафари, планинарење, но и за вински тури на лозјата околу Кејптаун. Со делумно лошо време се соочив на почетокот на мојот престој во Непал, бидејќи беше крајот на дождливата сезона. По секој дожд, влажноста на воздухот беше превисока и тоа ми пречеше. Друга ситуација поврзана со климатските услови беше периодот на сарагоса во Мексико. Сарагоса е вид алга што се појавува на плажите во Мексико во одреден дел од годината. Па, така, плажите што се познати по тиркизни води, одеднаш се преплавени со алги. За среќа, постои веб-сајт каде што може да се провери актуелната ситуација на алгите на секоја плажа.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

ЦЕЛОСНА РЕЛАКСАЦИЈА: Антипарос – скапоценост на Егејско Море
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.