#Profemina2023: Сите нијанси на убавината

Четврта панел-дискусија

Зборувавме за тоа како да го спречите, избегнете или одложите легнувањето „под нож“ во естетски цели

Што нè прави убави и женствени? Дали естетските корекции се прават за постигнување и одржување убавина или веќе се претвораат во опасен тренд? Како правилно да се негуваме и да ја одржуваме убавината во сите нејзини нијанси и разлики? Што нè прави женствени? Дали женственоста се дефинира со изгледот, личноста или спецификите што ги носиме?

Токму овие прашања ги дискутиравме на панел-дискусијата Сите нијанси на убавината, поддржана од Афродита козметика.

Тв-водителката Марија Латиновска, која ја презеде улогата на модераторка, го започна разговорот со прашањето „што е убавина“, а нејзините соговорнички понудија интересни одговори.

„Секој различно ја доживува убавината. Надворешната убавина е впечатлива и многу е важна, но не е единствена. На неа се надврзува внатрешната убавина. Тоа е она по коешто човекот се истакнува од другите“, започна д-р Билјана Додева Симоновска, психијатар во ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија, Скопје.

Како да ја поттикнеме женската енергија ни откри д-р Весна Бојчева, општ лекар, општ лекар, дипломиран козметолог, специјализант по дерматовенерологија:

„Мора да бидете исполнети со многу љубов кон некого или нешто, да бидете исполнети со голема нежност и трпение, за да можете да постапувате женствено и грижливо.  Но грижата почнува од себе. За да се грижиме за другите, мора прво да се погрижиме за себе.“

На тоа се надоврза Амра Чековиќ, фармацевтка и стручен советник во „Афродита козметика, која посочи дека убавината започнува од самодовербата, но и од базичната нега:

„Сите треба да ја најдеме убавината внатре во нас. Самодовербата е најважна, а таа почнува од обичните ритуали, како што е чистењето на кожата. Грешка е да се чисти лицето со мицеларна вода. Чистењето почнува со млеко или пена за чистење. Потоа, следува тоникот, кој не треба да се измива, се продолжува со серум и на крајот се нанесува хидратантен крем. Тоа се некои основи на кои треба да обрнеме внимание со текот на годините. “

Марија Васиќ-Атанасовска, пак, која денес е специјалист по анестезиологија, се потсети на деновите кога беше Мис на Македонија.

„Пред 20 години бев Мис на Македонија и секако дека убавината дава одредени предности во животот, но тоа е меч со две сечила. Додека студирав, на професорите им беше тешко да сфатат дека и мисиците се исто толку квалитетни и паметни како останатите. На почетокот морав да се докажувам, но за се’ треба време.“

Потоа, д-р Билјана Додева Симоновска ја посочи важноста на психичкото здравје, како неопходен сегмент од негата на убавината. Пиењето кафе со пријателките, читањето добра книга и слични други мали задоволства, се клучни за одржувањето на внатрешната убавина и исполнетост.

Естетски корекции: тренд или потреба?

„Општеството ни наметнува дека треба да имаме ботокси и други инвазивни корекции. Поддржувам се’ што ќе и’ даде поголема самодоверба на жената, но само ако е умерено. Не е во ред 18-годишни, 20-годишни, млади убави девојки, да посегнуваат по естетски корекции. Кај некои луѓе, ниту една корекција не може да го скрие незадоволството од животот“, објасни Марија Васиќ.

Марија Латиновска го посочи трендот на прекумерно обработување на фотографиите на социјалните мрежи, па се постави прашањето: која е потребата на човекот да се прави нешто што не е?

„Одредени психички проблеми можат да ја натераат личноста да направи естетски корекции и тоа да доведе до губење на нејзината индивидуалност. Затоа, експертите за естетски корекции треба да проценат дали нивната пациентка можеби има некаков проблем на психички план и да ја советува прво да се консултира со психолог или психијатар, па потоа да донесе дефинитивна одлука дали да ја направи посакуваната корекција. Потребно е многу да се разговара со тие личности. Живееме во време кога треба да се остане млад, акцентот секогаш се става на надворешниот изглед, притисокот е огромен“, објасни д-р Додева Симоновска, а на тоа се надоврза Марија Васиќ:

Не постои совршено убава жена, се’ зависи од перцепцијата на нештата. Не постои грда жена. Постои негувана и женствена жена и жена која помалку се негува. Но секоја жена има своја убавина, која треба да ја потенцира. Не смееме да паднеме под притисокот дека мора да имаме совршено лице или совршено тело. Како девојките денес да ја изгубиле самодовербата, не знам зошто е тоа така. Затоа, добро е да се разговара со психолог. “

Амра Чековиќ ја заокружи дискусијата со изјавата дека секоја доба си носи своја убавина, а преостанатите соговорнички се согласија. Панел-дискусијата заврши со лотарија, а извлечените добитници си добија вредни подароци од „Афродита козметика“.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.