Економист: Светот во 2024 – Истражување на трговските трендови, предизвици и можности за 2024

Време е за третиот и последен панел на годинешниот The Economist, the World Ahead Meet UP.

Третата панел-дискусија, насловена Истражување на трговските трендови, предизвици и можности за 2024, ја модерираше Билјана Василева Трендафилова, која им се обрати на гостите.

Почитувани присутни, ве поздравувам од панелот посветен на трговските трендови за следната година. Имаме одлични панелисти, врвни експерти и етаблирани бизнисмени, кои ќе дадат стручно мислење за овие трендови.

Со нас денеска се: Ина Милошевска, менаџерка за продажба во Ecotip, Душко Чифлиганец, заменик претседател на ADORA BUSINESS GROUP, Даниjела Гачевиќ, вршителка на должноста директор на Секретаријатот на ЦЕФТА во Брисел и Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на Инвестициски форум за Западен Балкан.

Изминативе години, ние бевме жртва на селективен мораториум, кој ги узурпира и целосно ги стопира нашите инвестиции во матичниот град Скопје, но мотивирани да создаваме висококвалитетни недвижнини, брзо и концизно пристапивме кон ефикасни анализи и реализиравме неколку проекти во Србија. Адора се соочи со многу предизвици и непланирани потешкотии при реализација на проектите надвор од нашата држава, но од денешна перспектива, задоволни сме и горди на нив! Најважно за нас е задоволството што го увидовме кај клиентите надвор од земјата, кое е еднакво на она што го гледавме кај нашите Македонци, открива Душко Чифлиганец и додава:

Љубители сме на размислувањето за иновативни решенија и за прогресивни идеи. Влегувањето во дејноста на топлификацијата ни се чинеше како добра основа за навлегување на енергетиката како дејност поради постоење регулатива. Видовме голем простор за напредок и модернизација на топлификацијата во нашата земја, но се соочивме со вистинска бура – војната во Украина, поскапување на енергенсите, притисоци од јавноста, правни небулози, но останавме будни и горди сме што најдовме решение за се’. Оваа инвестиција на Адора би ја оценил како добра, од аспект на граѓаните, затоа што Топлификација веќе не е во стечај и во сопственост е на докажана домашна компанија, која никогаш нема да дозволи да се случи тоа што се случуваше во минатото.

ЦЕФТА е една од клучните институции одговорни за поставување на заеднички пазар за Западен Балкан. Интеграциите се важни затоа што им овозможуваат на економиите да го достигант својот максимум. Поедноставување и хармонизација на структурата, дигитализација и признавање – 3 принципи на кои почива нашата активност. Наша цел е документот издаден од страна на една администрација во една економија да биде признаен од страна на сите седум пазари, вели Даниjела Гачевиќ, и додава:

Зелените коридори се нешто по што ЦЕФТА е препознатлива. Благодарение на оваа иницијатива, успеавме да ја одржиме трговијата во регионот во услови на пандемија и затвореност. Сржта е во дигитализацијата. Оваа инцијатива е основа за соработка меѓу царинските процедури во регионот, веќе нема доцнење и чекање, и не само што беше важна во изминатиов период, сигурни сме дека ќе биде важна и во иднина. 

Кризата во која функционираме изминативе години можеби полесно беше прифатена од компаниите од Западен Балкан, па справувањето со непредвидливоста поради пандемијата и поместувањата во светски рамки им беше полесно на компаниите во регионот. Ние имаме две активности: регулаторна активност и максимизирање на придобивките од работењето заедно наместо одделно, вели Татјана Штерјова Душковска, додавајќи:

Еден регион, една економија – тоа е нашето мото. Имаме компании што немаат никаков проблем да ги истражуваат сами потенцијалите на странските пазари, но кај нас нивниот број е мал, бидејќи многу фактори влијаат на тоа. Секоја економија на Западен Балкан има свои специфичности, но направивме дефинирање на три клучни сектори – металостругарство, преработка на овошје и зеленчук и алкохолни пијалаци – и развивме група компании кои заеднички ги надградуваат своите извозувачки стратегии.

Како компанија со стратешки партнери во сите сегменти: чиста воздух, чиста вода, секогаш е предизвик да одиме чекор понатаму. Побарувањата на компаниите во регионот се поголеми, ние настојуваме да обезбедиме квалитетно и одржливо решение, вели Ина Милошевска, и додава:

Како носители на ‘зелената револуција’, која е наше позитивно искуство, се соочуваме со предизвици како земја која не е член на ЕУ. Наша голема помош е искуството на партнерите кои поминале низ тој процес – настојуваме да го примениме кај нас, настојуваме да бидеме флексибилни, да вложуваме во едуциран кадар, кој ќе помогне низ целиот процес. Да, патот е тежок, но ние го гледаме како уникатна можност.

Промоцијата на годишникот Економист: Светот во 2024-та, кој шести пат излегува на македонски јазик под ексклузивна лиценца на Колор медија плус, се одржа во хотелот „Холидеј ИН“, во организација на издавачот и Represent Communications.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.