Разговор со психологот Кирил Мишев за сајбер-силеџиството: „Хејтот е, всушност, крик за помош!“

Кои се хејтерите на Интернет?

Сајбер-силеџиството може да остави сериозни траги врз менталното здравје на засегнатата личност

Ретки се текстовите на порталите под кои нема барем еден хејтерски коментар. Слична е ситуацијата и со објавите на профилите на познатите личности и инфлуенсери. Кога зборуваме за хејтање, не мислиме на конструктивните критики, туку на оние коментари што имаат за цел да го навредат или повредат некого. Сакавме подлабоко да ја проучиме оваа негативна појава во интернет-просторот која стана толку секојдневна што почнавме да ја сметаме за нешто нормално. Сепак, во одредени ситуации таа преминува во сајбер-силеџиство и може да остави сериозни траги врз менталното здравје на засегнатата личност. Токму затоа, на оваа тема поразговаравме со психологот Кирил Мишев.

Каде е границата меѓу хејтот и конструктивната критика?

Оваа тема ја чувствувам многу блиска, поради лични искуства , а исто така и поради многуте истражувања, каде што моите две тези беа посветени на влијанијето на социјалните медиуми врз  нашето ментално здравје.( Поточно на: самодовербата, анксиозноста, депресијата, нарцисоидноста и благосостојбата).

Целта на хејтот не е да ги посочи недостатоците и можните начини на подобрување. Неговата намера е да омаловажи и да провоцира служејќи се со зборови кои предизвикуваат анксиозност, депресија или лутина. Од друга страна, од конструктивната критика имаш можност да научиш, созрееш и напредуваш.

Може ли да им се направи психолошки профил на хејтерите?

Психолошкиот профил на личностите кои шират говор на омраза е разновиден. Најчесто станува збор за некој од овие три карактери:

1. Егоистична личност – Нивната омраза е поттикната од нивното големо его и ароганција. Тие никогаш не слушаат и ги извртуваат фактите за да докажат дека само нивното мислење е правилно.

2. Нарцисоидна личност – Веруваат дека целиот свет се врти околу нив. Што и да направите или кажете, ќе најдат начин да ја поврзат ситуацијата со себе. Кога некој ќе постигне успех, тие чувствуваат како да им било одземено нешто и како да ја пропуштила својата шанса да успеат.

3. Одложувачот – Тие се кријат зад нивните тастатури и само коментираат, неспособни да вложат труд или време за да постигнат нешто тие самите.

Колку хејтерите на Интернет навистина се такви и во вистинскиот живот?

Јас би го заменил зборот „хејтери“ со личности кои имаат многу ниска самодоверба и длабока завист. Тие имаат многу нерешени лични процеси, за што и самите не се свесни. Во реалноста, тие се многу кревки и нивниот „хејт“ кон другите, всушност, е крик за помош. Само што тоа не се забележува, бидејќи тие се напаѓачите и секогаш жртвата е во фокус, наместо да се направи објективна анализа на двете страни и да им се даде помош и на трауматизираната индивидуа која била предмет на хејтот и на индивидуата која го предизвикала тоа. Најчесто, луѓето кои користат зборови на омраза и самите се или биле жртви на истите тие.

Колку се опасни поединците кои шират омраза на Интернет?

Омразата, без разлика дали е свртена навнатре или нанадвор, создава деструктивна атмосфера во умот што се одразува на физичкото здравје и емоционалната благосостојба, а тоа доведува до многу несакани ефекти, па дури и обиди за самоповредување.

Како би ги советувал оние кои редовно се соочуваат со хејт?

Веројатно, секој од нас го почувствувал ова на своја кожа. Јас сè уште учам како да се справам со овие ситуации. Прво проверувам зошто ме повредува тој коментар. Дали е нешто на коешто треба да поработам? Додека го анализирам ова, не влегувам во конфликт, освен ако не сум во опасна ситуација. А за тоа, границата ја поставуваме сами. Сами треба да препознаеме дали нешто е опасно и дали треба да преземеме нешто или да побараме стручна помош. Секој треба да се запраша што претставува за него опасност или навреда. За жал, поради стравот и срамот да се побара помош, овие работи знаат да завршат и фатално по нечиј живот. Затоа, пред да напишете хејтерски коментар, запрашајте се: Дали тоа ќе ме направи посреќен/а? Што ќе постигнам со тоа? Почнете да се прифаќате и сакате себеси, без да барате валидација од другите. Тогаш ќе почувствувате што е љубов и ќе знаете да дадете љубов, а не омраза.

„Омразата се учи. Сите сме родени со капацитет за агресија, но и за сочувство. Кои тенденции ќе ги прифатиме, зависи од многу фактори. Клучот за надминување на омразата е образованието: дома, во училиштата и во заедницата.“

За Кирил Мишев

Кирил Мишев е магистер по клиничка психологија, лиценциран психолог и член на Комората на психолози. Тој е основач и претседател на Здружението за психолошко советување и едукација „Персона“ и е сертифициран клинички невропсихолог за невропсихолошки дијагностики. Ја продолжува својата пракса и едукација како гешталт-терапевт на Гешталт-институтот  во Индијанаполис во Соединетите Држави. Тој, исто така, е сертифициран консултант за човекови права при Американскиот институт за дипломатија и човекови права, Вашингтон.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Ќе завршам сѐ… УТРЕ: Колку често ги одложувате обврските?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.