Ќе завршам сѐ… УТРЕ: Колку често ги одложувате обврските?

Ментално здравје

Лесно е да се најде изговор за одложување на обврските (зар смее да се пропушти некоја објава на Инстаграм?!) – но наместо постојано да ги оставате тешките задачи за утре, искористете го времето за да ги усовршите вашите вештини и да ги постигнете посакуваните цели. Еве како да престанете да ги одложувате обврските….

Дали почнувате да ја пишувате семинарската последните два дена пред да треба да ја предадете, иако сте имале цели две недели да работите на неа? Извештајот на работа го поднесувате во последните пет минути пред крајниот рок, иако не правевте ништо значајно цело утро? Почнувате да се интересирате за нуклеарна физика токму тогаш кога треба да ги завршите своите обврски?

Ако одговорот на овие прашања е да, тогаш можеби имате проблем со одложувањето. И не сте единствени. Ова често им се случува дури и на најорганизираните и најточните луѓе што ги познавате. Честото одложување на работите за последен момент доведува до стрес и анксиозност, а ако не се снаоѓате добро кога сте под притисок, дури и до неуспех. Па, како да го сведете одложувањето на минимум? Совет побаравме од нашиот стручен соработник Кирил Мишев, лиценциран психолог, едукант по невропсихологија и невродијагностика, магистер по клиничка психологија и основач на здружението за психолошко советување и едукација „Персона“ (@persona.mk) кој ни објасни зошто одложуваме за подоцна, какви последици можат да произлезат од тоа и како да се справиме со ова негативно однесување.

Активни и пасивни одложувачи

Дали сте свесни колку често ги одложувате обврските? Можеби не ни знаете дека го правите тоа, а оваа навика веќе се вкоренила во вашето секојдневно функционирање. Па, што е всушност прокрастинација? „Тоа е чин на непотребно одложување одлуки или дејства. Тоа е кога си велиш дека ќе ги направиш работите ‘утре’ или ‘кога ќе се чувствуваш подобро’. Станува збор за навика што ја практикуваме кога нешто не ни е пријатно и иако изгледа дека е прашање на волја, ситуацијата е многу посложена и може да доведе до низа негативни последици. На крајот, одбегнатата работа сѐ уште виси над вас, предизвикувајќи ви вина и стрес“, објаснува Мишев.

Во просек, утврдено е дека околу 80 отсто од луѓето ги одложуваат обврските или наоѓаат изговори. Некои истражувачи дури и го класифицираат одложувањето во два главни типа: пасивни и активни одложувачи. Пасивните ја одложуваат задачата затоа што имаат проблем да донесат одлука и да се придржуваат до неа, додека, пак, активните одложувачи ја одложуваат намерно, бидејќи работата под притисок им овозможува да почувствуваат предизвик и мотивација.

Зошто одложуваме?

Веројатно знаете како изгледа маѓепсаниот круг на прокрастинација. Најчесто, работите што ги одложуваме се здодевни, напорни, одземаат многу време или немаат значење за нас, а понекогаш се грижиме дека резултатите нема да бидат совршени. Сепак, Мишев ни откри дека вистинските причини поради кои одложуваме се вкоренети длабоко во човечкото однесување: „Имаме тенденција да ја гледаме иднината како помалку реална или конкретна. Подоцнежните проблеми што можат да произлезат од нашето одложување (или награди ако ги завршиме обврски навреме) ни изгледаат помалку реални. Па, така, еден од најголемите фактори за прокрастинација е идејата дека треба да се чувствуваме инспирирано или мотивирано да работиме на некоја задача во одреден момент. Но постојат и разни демотивирачки фактори, како што се анксиозноста и стравот од неуспех.“

Всушност, одложувањето често води до јаз меѓу тоа како имаме намера да постапиме и како постапуваме во реалноста: „Реалноста е дека ако чекате да се најдете во вистинската рамка на умот за да извршите одредени задачи (особено ако се непријатни), веројатно ќе откриете дека вистинското време никогаш не доаѓа и задачата никогаш нема да биде завршена“, заклучува психологот.

ИЗГОВОРИ, ИЗГОВОРИ, ИЗГОВОРИ…

Нашиот соговорник ни откри и кои се најчестите изговори што ги користат луѓето што имаат проблем со хроничното одложување…

1. Можам да го направам тоа утре

2. Не е доволно важно

3. Немам доволно време за да работам на тоа

4. Премногу ми е тешко да се справам со оваа задача

5. Обврската е премногу важна: треба да ѝ посветам целосно внимание, а сега немам концентрација

6. Премногу сум уморен/а (лут/а, тажен/а или под стрес)

7. Премногу ме мрзи во моментов

8. Премногу сум зафатен/а

9. Немам мотивација моментално

10. Ќе почекам да добијам инспирација

11. Не можам да се фокусирам кога работната маса ми е во хаос, морам прво да ја средам

12. Ја немам потребната опрема за да почнам

Кои се последиците?

Ако одложувањето стане хронично, тоа може да има сериозно влијание врз секојдневниот живот на една личност. Во ваков случај, не станува збор само за слаби вештини за управување со времето туку за главен дел од животниот стил, а тоа го потврдува и психологот, кој ни ги наброја најчестите последици што можат да произлезат од оваа навика:

  • поголем стрес и ризик од болести
  • несоница и гастроинтестинални нарушувања
  • зголемен ризик од хипертензија и кардиоваскуларни болести
  • нарушување на социјалните односи
  • незадоволство од страна на пријателите, семејството и соработниците
  • последици од заостанати сметки и даночни пријави

Преземете ги работите во свои раце

Надминувањето на прокрастинацијата не е лесно, но е можно, само треба прво да препознаете дека имате проблем, а потоа да ги преземете вистинските чекори. Кирил Мишев ни препорача неколку техники што би можеле да ви помогнат…

НАПРАВЕТЕ СПИСОК СО ЗАДАЧИ: Тоа ќе ви помогне да останете на вистинскиот пат. Поставете и рок за секоја задача.

ПОЧНЕТЕ СО МАЛИ ЧЕКОРИ: Поделете ги обврските од вашата листа на помали цели, за да не ви изгледаат задачите толку тешки.

ПРЕПОЗНАЈТЕ ГИ ПРЕДУПРЕДУВАЧКИТЕ ЗНАЦИ: Обрнете внимание на тоа кога ќе помислите да ги одложите обврските и обидете се да ги заобиколите тие мисли. Ако почнете да размислувате така, принудете се да потрошите неколку минути работејќи на вашата задача.

ЕЛИМИНИРАЈТЕ ЈА РАСЕАНОСТА: Запрашајте се што најмногу ви го одвлекува вниманието – дали е тоа Инстаграм, Фејсбук или телевизијата – и исклучете ги тие извори на расеаност.

НАГРАДЕТЕ СЕ: Кога навреме ќе завршите со некоја ставка од списокот со задачи, честитајте си и наградете се така што ќе си дозволите да правите нешто што ви е забавно.

Доколку не можете сами да се справите со проблемот, пожелно е да побарате помош од психотерапевт, а наша препорака е да го направите тестот НА СЛЕДНАТА СТРАНИЦА, кој ќе ви открие дали имате тенденција да ги одложувате обврските.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.