ПОДОБРО ЗДРАВЈЕ Александар Блажевски: „Многумина од пациентите се измамени од реклами на производи што лекуваат сѐ и сешто по принципот 2+1 гратис“

Нов телевизиски формат, кој ќе се емитува секој викенд, во сабота и во недела, во 15.15 часот, а има цел да промовира здрави навики и концепт на здрав живот, исклучиво преку докажани и реномирани доктори, врвни специјалисти и еминентни професори од нашата земја и странство.

Александар Блажевски, уредник и водител на новата ТВ-емисија во продукција на „Бекстејџ медија“, која од овој месец се емитува на Сител, зборува за интригантните и табу-теми што ќе бидат во фокусот на проектот.

Зошто и како го конципира „Подобро здравје“?

Искрено, не знам кога точно решив да почнам со осмислување на проектот. Провокации имаше неколку. Веќе подолго време сум дел од Утринската програма на телевизијата Сител и некои од темите и соговорниците ме инспирираа малку повеќе да подразмислам како и на кој начин медиумите го третираат здравјето.

Паралелно, во приватниот живот, морав да се соочам со болести и состојби кај мои блиски, кои често ме доведуваа до барање одговори на погрешни врати и, последно, а можеби и најважно, напливот на секакви наслови во интернет-просторот за волшебни лекови што лекуваат буквално сѐ и сешто.

Ја поминав 40-та година од мојот живот и решив дека е време да направам нов проект, посветен на здравјето и здравите навики. Можеби телевизиската публика досега повеќе ме доживуваше како забавен телевизиски лик, лице за квизови, забавни, музички и контактни емисии, но созревањето како водител и автор веројатно логично ме воведе во овој нов проект.

Некои од емисиите се снимени, можеш ли да ни откриеш нешто што ти беше шокантно или неочекувано како податок до кој дојде низ разговорите со стручњаците?

Фрапантно е колку повеќе веруваме во сензационалистички наслови за семоќното алое вера или лековитата чиа, отколку да се консултираме со врвни стручњаци во својата област. Полесно е да се дреме на социјални мрежи и да му се верува на Гугл, отколку да се направат консултации со специјалист. Живееме во динамично време, кога луѓето преку фејсбук-статуси бараат лекови, а во коментари истите тие луѓе предлагаат сѐ и сешто.

Неоспорно е дека интернетот може да биде и е многу корисна алатка, но треба да се истражува, да се споредува, да се чита и анализира. Пред само еден месец налетав на вест дека кога е во прашање здравјето, публиката сепак им верува на традиционалните медиуми. Токму затоа и вашиот магазин „Убавина и здравје“ е бренд на кој луѓето му веруваат со години.

Печатените и електронските медиуми имаат обврска да информираат правилно и точно, со проверени информации, а не само да бркаат сензационалистички наслови. А кога е во прашање здравјето, тука нема компромис кај традиционалните медиуми.

Затоа, веднаш во првите емисии, наспроти варовите води, содата, отровот од скорпија, со факти и научни докази зборуваме за борбата со карциномот со директорот на Онкологија, но, од друга страна, даваме шанса отворено да се зборува и за канабисот и неговата улога во оваа опасна болест со зелена алтернатива.

Во „Подобро здравје“ еминентни професори, доктори, научници и специјалисти зборуваат за своите трудови, практика, техники, а, од друга старана, пациентите ги споделуваат своите искуства. Без непотребни помпи и сензации, затоа што сите заслужуваме подобро здравје!

Колку беше комплицирано организациски, беа ли подготвени стручњаците да ти излезат во пресрет за да ги обработиш овие теми за кои ретко се зборува?

Искрено, изненаден сум што стручњаците веднаш беа расположени да влезат во проектот. Сите ние обичните луѓе некогаш и некаде сме биле пациенти, а многумина од нас налетале на несоодветен третман или биле незадоволни од укажаната услуга. На почетокот бев скептик. Знаете, ние цело лето снимавме емисии. Многу е тешко да донесеш добар гостин, а емисијата уште никој не ја видел на телевизија. Направивме неколку снимени проби и им ги пуштивме на потенцијалните соговорници. И тоа беше тоа.

Многу брзо ја разбраа поентата и несебично влегоа во проектот. Мислам дека конечно во оваа емисија, пред сѐ поради нејзината мисија, гостите се чувствуваат испочитувано. Македонија има докажани доктори, стручњаци и медицински работници, а медиумите не им дале соодветен третман и доверба. По снимањето на емисиите гледам насмевки, оптимизам и веднаш нови идеи за нови теми. Јас сум водител што е непосреден.

Прашувам работи што го интересираат обичниот човек, без многу стручни термини со кои се расфрлаат повеќето водители за да изгледале поумно пред публиката, честопати одговарајќи си сами на прашањето што го поставиле, па докторот треба само да потврди дека е така. И мислам дека гостите го препознаваат тоа, а публиката добива шанса да слушне одговори од стручњаци за кои честопати се бара термин повеќе.

Колкав тим учествува во реализација на проектот?

Искрено, тимот со состои од дваесетина луѓе. Можеби звучи чудно, но иако не е шоу-програма, туку емисија за здравје, за првпат кај нас имаме една огромна сценска изведба, со најнова техника и технологија, која проектот може да го впише во телевизиска продукција со која може да се гордееме. Над оваа бројка, тука е и тимот од „Бекстејџ медија“, кој работи на содржините, прашањата, темите и гостите, и паралелно тимот на телевизијата Сител, кој се грижи за промоцијата на проектот, па, така, доаѓаме до една сериозна бројка на луѓе.

Никогаш лично немам работено со толкава екипа, и покрај моето телевизиско искуство, а бидејќи телевизијата е тимска игра, верувам дека имаме одличен проект.

Од каде најчесто самиот црпиш информации за унапредување на сопственото здравје и животен стил?

Моја предност е што како јавна личност, полесно или почесто за сѐ што ме интересира поврзано со здравјето и здравиот начин на живот, можам да се обратам кај стручни луѓе. Со некои од нив се дружам приватно, некои сум ги имал како гости или сум работел со нив професионално. Но дали секој може да добие телефонски или лично одреден доктор за консултација или преглед?

Докторите од јавното здравје мигрираат во приватните болници, пациентите често не можат да дојдат до термини, имаме пациенти од мали градови што за сенешто треба да дојдат до главниот град и, на крајот, имаме прегледи и интервенции што чинат едно мало богатство, кое не може да си го дозволи секој.

И тука доаѓаме до главната причина зошто ја направивме „Подобро здравје“, а зошто многумина од пациентите се измамени од реклами на производи што лекуваат сѐ и сешто по принципот 2+1 гратис.

Дали и самиот си добар пример за редовна посета на ординациите за превентивни и скрининг-прегледи?

Морам да признаам дека не… Иако од мај, кога почнавме да работиме на проектот, малку станав поажурен и многу повеќе свесен колку е важно навременото јавување на лекар. Освен редовна посета на уролог и еднаш-двапати кај матичен лекар за крвна слика, пред почетокот на проектов многу ретко помислував на прегледи. Но знаете како, ако мене ме промени проектот и ми влијае позитивно, знам дека паралелно и кај публиката ќе менува навики. Ако барем кај еден пациент неделно влијаеме, сме ја постигнале целта.

Можам сега јас сосила, за да бидам допадлив, да кажам дека сум редовен, водам здрав начин на живот, внимавам на здравјето, ама само ќе се лажеме. Јас сум само еден обичен просечен граѓанин, кој е слика на македонското општество. Токму за таквите како нас постои „Подобро здравје“, секој викенд, сабота и недела, од 15.20 ч.

Што ти е најтешко за откажување од оние лоши навики, кои сите ги имаме, а на што се гордееш како одлука за поздрав живот?

Се гордеам што почнав да препознавам кога претерувам со нешто. Знаете, можеби тоа доаѓа со годините. Најтешко ми е да сум на диета. Голем љубител сум на храната, готвам, јадам и веќе мислам што следно да се јаде, хахаха. Но, ете, овие неколку месеци ослабев повеќе од 14 килограми, особено по снимањето на емисијата за зголемена и рекордна дебелина кај младите во Македонија, која е фрапантна.

Последнава година конечно почнав да го слушам моето тело, а не само мојот ум. Не сум заговорник на строги диети и популарни намирници. Калориите е добро да се бројат, одлична е брокулата, сѐ е супер, само што треба и да се живее. Умерено. Особено како што доаѓаат годините…

Дали ќе ја занемариш твојата препознатлива позиција во утрата на Сител или можеби товарот ќе падне на твојата незаменлива ТВ-партнерка?

Хахахаха, па, јас сум водел повеќе од десет проекти досега на трите најгледани национални телевизии: МТВ, А1 и Сител. Ако ми верувате, подобар проект од Утринската на Сител немам работено, а и со подобра партнерка и тим. Ми беше напорно на почетокот, кога бев одговорен уредник, и бев најсреќниот човек на светот кога се откажав од позицијата.

Сега комплетно уживам во уредувањето на сопствениот ден со Јована, во кој има многу повеќе време за креативност и водење. Иако пред тоа немавме големи меѓусебни професионални искуства, се покажа дека сме одличен водителски тандем. Секако и сега товарот е кај неа, само што сега ќе имам изговор плус:

Ај, ти заврши го сценариото, имам обврски со ‘Подобро здравје’, хахаха.

НАША ПРЕПОРАКА:

Гледајте „Подобро здравје“!

Каде? На ТВ Сител

Кога? Сабота и недела во 15.15 часот.

Повеќе информации на: www.podobrozdravje.mk/

Текст: Убавина и здравје

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.