Излезете од маѓепсаниот круг: Дали знаете што е опсесивно-компулсивно растројство на личноста?

Бидете вити и здрави

Стручно мислење побаравме од психологот Моника Трајковска Јакимовска

Пандемијата на ковид-19 создаде постојана потреба од миење на рацете и пребришување на површините што ги допираме, па често знаеме да се пошегуваме дека сме развиле опсесивно-компулсивно растројство. Сепак, експертите би рекле дека сме далеку од тоа…

Речиси секој човек има понекоја „бизарна“ навика што ја практикува во секојдневното функционирање. Можеби секое утро имате потреба да ги исчеткате забите точно одреден број пати за да чувствувате дека ви се добро исчистени. Можеби се вознемирувате кога ќе забележите дека едно од пенкалата на вашата работна маса „фатило кривина“, па избегало малку од совршениот ред. Можеби постојано ги броите скалилата по кои се искачувате или самите си создавате „траекторија“ што мора да ја изодите на патот до работа, бидејќи сметате дека од тоа зависи дали ќе имате успешен ден. Доколку се препознавте во некое од овие сценарија, пред да си дијагностицирате самите опсесивно-компулсивно растројство, добро би било да дознаеме нешто повеќе за оваа психолошка состојба.

Стручен соработник: психолог Моника Трајковска Јакимовска
Компулсии или обични навики?

Опсесивно-компулсивно растројство (ОКР) е анксиозно нарушување, кое предизвикува интензивно чувство на непријатност. Опсесиите се неволни, постојани мисли или пориви што може да предизвикаат чувство на страв, вина, вознемиреност или мачнина. Настојувајќи да се ослободи од тие вознемирувачки импулси, личноста развива компулсивно однесување. За да ја разбереме подобро оваа психолошка состојба, од клучно значење е да ги разграничиме поимите навики и компулсии, а психологот Моника Трајковска Јакимовска ни ја посочи разликата помеѓу нив: „Сите ние имаме одредени навики што може да бидат доживеани како ‘бизарни’ од страна на други луѓе, но тоа не значи дека тие се предизвикани од психолошко растројство. Навиките не се ништо повеќе од научени однесувања, кои несвесно, односно механички, ги повторуваме во одредени ситуации (наутро, на работа, при качување по скали). Компулсиите, од друга страна, се однесувања што веруваме дека мора да ги направиме, бидејќи, во спротивно, ќе (ни) се случи нешто лошо. Нивното повторување е опсесивно и толку нападно што предизвикува силен бран на анксиозност. Еве како би размислувале лица со опсесивно-компулсивно растројство: ‘Морам да ги исчеткам забите точно 100 пати, во спротивно ќе ми останат бактерии во устата и ќе се разболам’; ‘Моите пенкала мора да се наредени во совршена линија, бидејќи ако не се, денот ќе ми биде многу лош’; ‘1, 2, 3, 4, 5… ако ги избројам сите скалила до канцеларијата, сè ќе помине во најдобар ред на интервјуто за работа’“.

Најчесто, овие мисли се повторувачки и влијаат врз квалитетот на животот. Можеби и вие мислите дека забите нема да ви бидат доволно чисти доколку не ги исчеткате одреден број пати, но ако личноста со ОКР го изгуби редот при броењето на четкањето на забите, ќе почне одново, повторувајќи го тоа сè додека мозокот не биде задоволен, дури и ако тоа доведе до раскрвавување на непцата. „Или, пак, ќе реди пенкала од почетокот до крајот на работното време, без да ги сработи работните задачи за тој ден. Навиките се само нешто што придружно го правиме во текот на денот, без разлика колку се бизарни, но компулсиите го одредуваат текот на денот и се надвор од нашата контрола“, додава Моника.

Во потрага по совршеност

Често настанува забуна и опсесивно-компулсивното растројство на личноста (ОКРЛ) се помешува со ОКР, но станува збор за нешто сосема друго. „Опсесивно-компулсивното растројство на личноста е сосема различна состојба, со специфични карактеристики и, иако има некои допирни точки со ОКР, се работи за друг вид психолошка болест. Лицата со опсесивно-компулсивно растројство на личноста немаат ниту опсесии ниту компулсии. Тие имаат исклучително силна потреба за ред во нивниот живот, како и да ги контролираат непосредната околина и однесувањето на луѓето околу нив (особено најблиските). Едноставно сè мора да е под контрола. Тие исто така се и перфекционисти во целосна смисла на зборот и не прифаќаат ништо помалку од совршеност, како од себе така и од другите“, објаснува Моника.

Извори на анксиозност и последици

Називите на двете психолошки состојби можеби ќе ве наведат да помислите дека станува збор за едното исто, но, сепак, тие потекнуваат од различни извори на анксиозност. „Оние што страдаат од опсесивно-компулсивно растројство немаат никаква контрола над својот живот и над своите опсесии и компулсии, а токму тоа е изворот на нивната анксиозност. Спротивно на тоа, оние со опсесивно-компулсивно растројство на личноста имаат толку голема контрола над својот живот и емоции што не можат да ја видат поголемата слика. Нивната потреба од совршеност им наметнува превисоки стандарди, кои никој не може да ги достигне, па оттука и се појавува нивниот извор на анксиозност“, открива Моника.

Освен тоа, тие се манифестираат на различен начин, иако доведуваат до слични последици – неспособност да се функционира нормално. Луѓето со ОКРЛ најчесто изгледаат ригидно, ладно и непристапно, а тоа ги спречува да одржуваат здрави врски со луѓето (пријателски, работни и љубовни). Претерано ѝ се посветуваат на работата, поради што практично немаат приватен живот и целосно се затворени за нови искуства и доживувања. Доколку не се третира, ова растројство на личноста може да стане многу сериозно и целосно да ја парализира личноста што страда од него. „Многумина си велат ‘ќе помине само од себе’, но шансите се дека ако ги игнорирате знаците подолго време, нештата само ќе се влошуваат, особено ако сте под стрес. Во најлош случај, ОКРЛ може да доведе до неможност да продолжите нормално да функционирате. Во таа ситуација, потребна е комбинација од фармаколошки и психотерапевтски третман за да се справите со состојбата“, порачува Моника.

Соочување и справување со проблемот

Според процените на психолозите, помеѓу 2 и 7 отсто (приближно 1 на 100 луѓе) од целата човечка популација страдаат од ОКРЛ. Но реалноста е дека не знаеме колку вистина има во ова, бидејќи оние што страдаат од ова растројство, најчесто не го доживуваат тоа како нешто сериозно и не бараат помош. Многу е тешко да се препознае човек со опсесивно-компулсивно растројство на личноста, особено поради тоа што главните карактеристики на оваа состојба се екстремен перфекционизам, ред и уредност – а сигурно и самите познавате најмалку три такви лица од вашето опкружување. „Психолозите и психотерапевтите користат одредени методи за да ги идентификуваат луѓето што страдаат од ова растројство. Ако личноста ги поседува овие карактеристики, но ги користи за да напредува во животот, тогаш таа не страда од ОКРЛ. Но ако се забележи дека токму тие карактеристики се причините за пречките во нејзиното секојдневно функционирање, тогаш ѝ се припишува оваа дијагноза“, заклучува Моника и додава дека најдоброто решение е да се побара стручна помош, поточно да се консултирате со когнитивно-бихевиорален психотерапевт: „Целта на когнитивно-бихевиоралната психотерапија е да го промени начинот на кој размислувате и со помош на низа техники да ве натера да ја погледнете ситуацијата од сите страни. Ова води кон пообјективно и пореално доживување на она што го перципирате како проблем, притоа намалувајќи ја неговата моќ врз вас и вашите мисли. Тоа ќе доведе и до драстично намалување на анксиозноста“, завршува психологот.

Продолжете на следната страница за да проверите дали можеби покажувате некои од знаците на ОКРЛ и за да дознаете како светски познатите личности се справуваат со овој проблем…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.