Санел Кустурица: Им остануваме посветени на нашите клиенти и на нивната финаниска сигурност

Претседателот на УО на Шпаркасе Банка за Економист: Светот во 2024-та

Шпаркасе Банка, како општествено одговорна компанија, преку продуктите кои ги лансираше изминатиот период испрати јасна порака дека на нашите клиенти им гарантираме сигурност.

Глобалната економија бавно закрепнува од последиците на пандемијата, воениот конфликт на Украина и драматичниот пораст на трошоците за живот. И покрај сериозните нарушувања на пазарите на енергија и храна, како резултат на воените конфликти и драматичното заострување на глобалните монетарни и финансиски услови за справување со високата инфлација, глобалната економија се развива, но со намалена динамика.

Прогнозите укажуваат на забавување на глобалниот раст од 3,5% во 2022 година на 3,0% 2023 година и 2,9% во 2024 година, далеку под историскиот просек од 3,8%. Се предвидува постојано опаѓање на глобалната инфлација, од 8,7% во 2022 година на 6,9% во 2023 и 5,8% во 2024 година, поради построгата монетарна политика потпомогната од пониските меѓународни цени на суровините.

Имајќи го предвид ова, глобалната економија ќе продолжи да се соочува со значајни предизвици и во 2024 години која носи неизвесности. Дополнителен негативен притисок предизвикуваат зголемените каматни стапки со што се очекува дека монетарната политика ќе остане рестриктивна сè додека се појават јасни знаци за одржливо намалување на основниот инфлациски притисок, зголемените цени на енергијата и значајните геополитички ризици и неизвесности поврзани со воените судири во Украина и Блискиот Исток, кои ќе имаат пролонгиран ефект. Сепак, постојат драстично различни перспективи за различни делови од глобалната економија помеѓу САД кои се докажаа како доста отпорна економија, имајќи ги предвид силните скокови на каматните стапки кои се случија, додека Кина и ЕУ се соочуваат со потешкотии во трговската размена и сѐ повеќе растечките геополитички тензии.

Оттука, неопходни ќе бидат засилени напори за соодветен одговор на монетарната и фискалната политика, како и политики насочени кон поттикнување на економскиот раст, конкурентноста, инвестициите и меѓународната трговија. Посебно внимание предизивикуваат потребите за спроведување структурни реформи насочени кон оживување на економскиот раст и подобрување на неговиот квалитет, пред сѐ како добро осмислен одговор на итните предизвици поврзани со загрижувачкиот тренд на стареење на населението, ефектите од климатските промени и дигитализацијата. Зелената транзиција како врвен приоритет на агендата што ја потврдија светските лидери на COP28 во Дубаи, ќе предизвика засилена конкуренција и потрага по зелени ресурси кои можат да ја променат геополитичката структура на глобално ниво, додека револуцијата на вештачката интелегенција ќе го трасира патот на идниот развој на иновации во општествата и бизнисот, но и ќе донесе структурни промени на пазарот на трудот.

Што се однесува до економијата во Еврозоната, процесот на дезинфлација ќе продолжи со стабилно темпо, иако временската точка на почеток на намалување на каматните стапки од страна на ЕЦБ е неизвесна, со што и економскиот раст нема да биде значаен, но ќе постои стабилна економска активност. Севкупно, годишниот просечен раст на реалниот БДП во Еврозоната се очекува да се забави од 3,4% во 2022 година на 0,7% во 2023 година, пред да се поврати на 1,0% во 2024 година и на 1,5% во 2025 година. Имајќи го предвид ова, овие трендови ќе се одразат и на домашната економска активност со раст на БДП од околу 3% следната година, но и одложена стабилизација на инфлацијата која во 2024 ќе биде сѐ уште над долгорочниот таргет од 2%, односно би се движела до ниво од 4%.

Шпаркасе Банка, како општествено одговорна компанија, преку продуктите кои ги лансираше изминатиот период испрати јасна порака дека на нашите клиенти им гарантираме сигурност. Единствени на пазарот понудивме фиксна каматна стапка кај кредитни продукти со што на долг период (до 10 години) ги заштитивме од негативното влијание на растечките каматни стапки. Понудивме и исклучително поволни каматни стапки кај нашите депозитни продукти што обезбедуваме можност за остварување повисоки приходи.

Посебно сме горди на нашата значајна вклученост во поддршката на т.н. „зелена економија”, во чии рамки во последниве неколку години имаме финансирано над 56 проекти и инвестиции, со вкупен износ од околу 98 мил. евра, што нè прави апсолутни лидери на пазарот. Активностите во овој сегмент остануваат значаен фокус за Банката и во 2024 година заради импактот кој истите го имаат во општествена смисла.

Шпаркасе Банка е фокусирана кон целосна дигитална трансформација, која очекуваме да придонесе кон олеснување на достапноста на нашите производи како и забрзување и унапредување на услугите кон нашите клиенти. Банката интензиво работи на напредни проекти кои ќе овозможат целосно дигитално патување при користење на широк спектар на сервиси преку дигитални канали. По успешното имплементирање и евалуација на корисничкото искуство на процесот на дигитално потпишување  интерно во Банката, ќе го прошириме и во интеракцијата со клиентите преку воведување на можност за онлајн ажурирање на податоците како и целосен онбординг на клиентите преку дигитални канали.

Во рамките на Sparkasse Life платформата, обезбедивме поддршка на младите преку лансирање на специјален кобрендиран картичен продукт за исплатата на субвенциониран студентски оброк во соработка со Министерството за образование и наука. Отидовме и чекор подалеку преку обезбедување целосно бесплатно користење на студентскиот пакет Вајб Он, но и ги наградуваме корисниците за користењето со што инвестираме во нивната финансиска едукација.

Текст: Економист: Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.