Јуни во „Убавина и здравје“

#онаштонавистинаеважно

Дојде лето! Време е за одмор, за љубов, за прошетки во природа, за патувања, за живописни бои и освежувачки вкусови, но и за новиот број на вашиот омилен магазин „Убавина и здравје“. Во секој примерок, покрај тоа што ќе имате можност да се запознаете со најновите трендови во светот на модата, убавината и негата, ќе најдете и пријатни изненадувања што само за вас ги приредија Revalid, Podravka и Orbit.

Па, ајде да почнеме! Во најновата епизода на „Убавина и здравје“ ќе ве воведе главната уредничка Јована Стојменовиќ.

Првото нешто што сигурно ќе ви падне во очи кога ќе ја здогледате новата „Убавина“ е убавицата што ја краси јунската насловна страница – Џиџи Хадид, супермоделка на новата доба која секогаш гледа само напред.

„Мора да научиш да продолжиш понатаму, без да размислуваш за она што се случило, туку за она што следува“, порачува ѕвездата од насловната, а вие ќе имате можност да ја прочитате целата нејзина животна приказна.

Во рамките на темите на бројот, ќе имате прилика да дознаете нешто повеќе за неколку возбудливи и гламурозни занимања што делуваат едноставно, но всушност се многу потешки одошто мислите. Трите влијателни дами, Јована Зука, Теона Митевска и Андријана Станковска ќе ве запознаат со нивните топ-професии и ќе ве одведат зад сцената

Но доста зборуваме за работа! Лето е! Време е за одмор, но и за страст! Дознајте што ни порачуваат ѕвездите и забавувајте се со нашиот голем летен хороскоп: Овенот ќе се забавува, Лавот ќе се впушта во авантура, а на Стрелецот му се закануваат големи искушенија…

Без оглед на тоа што ви го предвидуваат ѕвездите, ова лето е само едно делче од сложувалката наречена живот. Од вашата сложувалка, што вие треба да ја наредите и довршите, а повеќе за тоа ќе ви раскаже заменик-уредничката на „Убавина и здравје“.

Во сегментот „убавина“ ќе дознаете како соодветно да се подготвите за сончевите зраци и што треба да содржи вашата торба за на плажа, а провокативната Миа Костова ќе ви ги открие нејзините бјути тајни во нашиот разговор за негата.

А зошто да не пробате сами да направите природни препарати за нега? Советите и рецептите на нашата соговорничка, Вики Андонова, сигурно ќе ве инспирираат.

Продолжуваме со јунската модна приказна која овој пат е малку поразлична. Фотографот Александар Велов и модната уредничка на „Убавина и здравје“, Магдалена Медичи, ќе ви покажат како да останете шик и тогаш кога сте надвор од урбаната џунгла.

А дали можеби сакате да ја дознаете тајната на долговечноста? Ви ги пренесуваме навиките на луѓето кои живеат во сините зони. Доколку, пак, ве загрижува тоа што не можете без слатко, не грижете се! Можеби воопшто не е до вас, а и сигурни сме дека ќе ви помогнат стручните искуства и совети на нутриционистката Цвета Динева.

Каде на одмор? Може ли да ви ги предложиме најмагичните острови што постојат на планетата Земја?

Откако ќе ги испливате морските површини во Хрватска, Шпанија, Франција и Грција, вивнете се високо во облаците заедно со Силвија Митевска, која ќе ви покаже како да останете силни и свои.

„Жените треба да се ослободат од притисокот да бидат совршени по секоја цена. Силна жена значи да бидеш своја. Да се познаваш и сакаш себеси. Силна жена значи да си веруваш себеси“, порачува жената која успева да се справи со повеќе животни улоги.

Инспиративните личности се задолжителен дел од секој број на „Убавина и здравје“, а еден од нив е и младиот писател Стефан Марковски според кого „животот е неисцрпна потрага по љубов“.

Пронајдете ја вашата летна инспирација, пронајдете љубов, пронајдете го вашето совршено место за оддишка… Ова лето нека биде само ваше! Затоа што вие го заслужувате она што навистина е важно…

Лукаревска,

заменик-уредничка на „Убавина и здравје“

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време