Љубовта не мора да почне со вљубување? Но ако не се вљубиме, како ќе го избереме партнерот?

Љубовни формули

Напорно е со некого да живееме и постојано да се прашуваме колку ќе ни трае врската. Не треба да се сомневаме однапред, туку само кога ќе има причина за тоа: партнер што едно зборува, а друго прави, или нагло го менува однесувањето.

Разни знаци се причина за сомнеж, но постојано сомневање и исчекување на нешто лошо накрај навистина може да доведе до прељуба, и тоа од страна на партнер што, да му се верувало, никогаш не би го направил тоа. Парадоксално, зар не?!

Да не заборавиме дека луѓето во брак ги држат неколку работи. Првата причина е љубовта, а втората е од економска природа – заедно полесно ќе земат кредит, ќе купат стан…

Трета причина се децата, но младите родители често забораваат дека сега имаат две улоги – тие се мама и тато, но и маж и жена. Понекогаш партнерите повеќе време поминуваат како мама и тато, занемарувајќи го меѓусебниот однос, што води до отуѓување.

Теориски е возможно истовремено да се биде вљубен во две личности, иако мошне ретко се случува, бидејќи не е вообичаено во исто време да се појават двајца за кои мислите дека се идеален партнер за вас.

Од друга страна, љубовта има поголем капацитет, па можат да се сакаат две личности. Но и тој капацитет е ограничен, бидејќи во прв ред љубовта е ексклузивно чувство. Но порано или подоцна треба да дојде до расплеткување на таквиот однос.

Во практиката, психолозите често среќаваат жени што ги сакаат своите сопрузи, но се вљубуваат во други мажи, па заклучуваат:

„Штом се вљубив, значи дека повеќе не го сакам маж ми“.

Се разведуваат, а накрај се воспоставува дека тоа било лоша одлука. Новата врска трае месец-два, додека таа да сфати дека сепак го сака својот маж, а дека ова другово било чиста занесеност.

Понекогаш сите правиме грешка. Психотерапевтите сметаат дека луѓето секогаш се однесуваат логично, колку и да изгледаат чудно некои нивни постапки. Задачата на психотерапевтот е да им помогне на луѓето во откривање на својата логика. На пример, мажот ја мачи жената и таа се согласува на тоа.

Од страна гледано, може да се каже дека таа е мазохист, но кога ќе навлеземе во нејзината логика, забележуваме дека таа длабоко верува дека љубовта е жртвување. Така доаѓа до парадоксот да се откаже од сè за да ја докаже својата љубов, што е спротивно на самата љубов.

На луѓето често им е тешко да го прифатат фактот дека на физичко и психичко малтретирање се согласуваат и жените што околината ги смета за деловни, успешни и атрактивни. Но повеќето психолози истакнуваат дека не е добро да се проценува од страна.

Тие тврдат дека кога ќе се сретнат садист и мазохист, нивните односи на набљудувачот му изгледаат многу грдо, но ним може да им биде убаво. Ако никој не се буни, не треба да се мешаме. Се разбира, сосема е поинаква ситуацијата кога жртви се децата.

Не е реткост одредени личности секогаш да одат во „лов“ на „забрането овошје“, т.е. на лица што се во врска. Тие целат на зафатените, било поради возбудата што им ја носи самиот процес на „лов“, било поради своевидна завист.

А љубомората има корени и во љубовните трачеви. Имено, кај луѓето трачарењето е особено изразено, а зад таквото размислување главно стои љубомора. Ако е некој подобар од нас, значи дека ние сме полоши, а тоа нè боли.

За да ја намалиме таа разлика, „ќе ги повлечеме во калта“. И други култури ја познаваат зависта, но таа е често конструктивна. Тие размислуваат во стилот „таа го има тоа, и јас ќе се потрудам…“. Во таа смисла зависта е основа на капитализмот.

Склоност кон идеализирање

 Жените се посклони кон идеализирање од мажите, бидејќи љубовта е женска вредност. Девојчињата растат со приказните дека еден ден ќе имаат деца, дека ќе се грижат за нив и за куќата, а на момчињата им се зборува дека ќе го откријат ова или она, заработат пари, дека ќе бидат важни и моќни… Жените имаат поголеми очекувања, па со тоа и поголеми илузии.

Иако често се мисли дека сите денешни девојки се склони кон материјализам, па на сè гледаат низ призмата на финансиите, тоа најмногу зависи од воспитувањето. Колку е поголема кризата, толку родителите повеќе настојуваат да ги заштитат своите деца.

Растат генерации разгалени деца, а резултат е нарцисоидност, која не е ништо друго туку нечувствителност кон другите. Децата се научени да примаат љубов, а не да даваат. Научени се да им се угодува, па кога ќе пораснат, очекуваат дека ќе најдат партнер што ќе прават сè што правеле нивните родители.

Така се јавува идејата за спонзор. На пример, родителите им угодувале на ќерките и покрај тоа што немале доволно пари, па таа сега бара постар маж, добро ситуиран, подготвен да ги исполни сите нејзини желби.

Со поголеми очекувања подлабоко паѓаме кога нема да ни се исполнат. Имено, едноставно е невозможно нашиот идеален партнер да остане еднакво совршен и по пет години, како во првите денови од врската.

Колку повеќе сме вложувале надеж во врската, и колку повеќе сме се плашеле од осаменост – а поради стравот некого идеализираме и ги негираме неговите мани, толку потешко ќе ни биде кога ќе ги забележиме.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.