Пролетна декорација на домот

Идеи и предлози

На прагот на пролетта сме, а нејзиното силно влијание врз човековата психа и расположение е поизразено со секој нов сончев ден. Позитивната енергија и добрите пролетни вибрации би требало да ги внесете и во сопствениот дом

Свежината и прозрачноста што нè опкружуваат во природата треба да ги внесете и во својот дом на разни начини за да добиете комплетно пролетно доживување.

Прво што треба да направите е да се слободите од парчињата што се натрупале во текот на зимата, а кои ви го задушуваат просторот. Со игра на бои и без големи парични вложувања, можете сами да ги освежите ѕидовите со боја на песок, бела или беж-нијанса, како и со бои што се карактеристични за рана пролет – нежно зелена, сина или боја на лаванда.

Со бојадисување можете да почнете во ходникот. Зелената боја ги истакнува белите елементи и оние во боја на дрво, а сама по себе изгледа свежо, па затоа се препорачува во темни и тесни простории.

По бојадисување на ѕидовите, сменете ја положбата на мебелот и на другите елементи во просторот. Често се случува, по некое време, мебелот во станот да ни здодее, па доколку ви дозволува просторот, преместете ја ТВ-зоната во друг агол или ротирајте ја трпезариската маса.

Ако сте во можност, купете нова комода, табуретки, мала ѕидна полица, клуб-маса или фотелја, кои визуелно ќе се вклопат во остатокот од ентериерот и ќе го освежат просторот. Освен купување нови парчиња мебел, некое можете да направите во сопствена режија.

Најизразени пролетни мотиви се растенијата, поради будењето на природата и нејзиното повторно раѓање. Со примена на билни и цветни мотиви на гарнитурите за седење, столчињата, завесите, украсните перничиња или на килимите, ќе бидете во склад со природното доживување што е насекаде околу нас.

Доколку сметате дека поставувањето завеси со цветни мотиви во сите простории во станот е пренападно, можете да ги комбинирате со еднобојни завеси. Еден прозорец може да биде во комбинација на две еднобојни завеси, а друг со завеса со цветен дезен.

Дали има побрз и полесен начин за пролетен ремонт на домот од прошетката на пазар и купување цветни букети? Лалиња, зумбули, фрезии… слободно препуштете им се на боите и мирисите на пролетта и уживајте во нив со сите сетила. Комбинирајте вази во разни форми и бои, групирајте неколку од нив и поставете ги на разни места во станот.

Трпезариската маса, масата во дневната соба, полиците, работната плоча во кујната, бањата… навистина, имате многу можности, па цвеќето нека биде насекаде во вашиот дом. Ова е најбрз и наједноставен начин да внесете радост и свежина во својот дом, мали промени што ве прават среќни, весели и посебни.

Освен вази со разна големина и форма, можат да ви послужат и декоративни шишиња, епрувети, високи чаши, бокали за вода, теглички… Има голем број опции, исто како и материјали, облици, текстури…

Доколку не сте тип што одгледува цвеќе, тогаш ефектот на пролетна ливада можете да го внесете преку разни принтови со цветни мотиви. Како и секоја пролет, во продавниците за декорации ќе најдете голем избор на декоративни перници, прекривки, постелнина, садови, чинии, вази, чаши со цветни мотиви.

Најдобар ефект во трпезаријата ќе постигнете со бел чаршав со крупни цветови. Масата можете да ја украсите со цвеќе ставено во обични теглички, поставени во дрвена гајбичка.

Текст и фото: Home Style

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.