РОЗОВО МЕНИ: Креативни специјалитети кои ќе ја разубават секоја ваша свечена прослава!

Рецепти

Вкусни деликатеси од нашите блогери за храна

Им дадовме интересен предизвик на нашите извонредни гастро-блогери да ни приготват розови, свечени специјалитети, а тие повторно нè воодушевија со својата умешност и креативност. Уживајте во нашето розово мени!

РОЗОВИ РАВИОЛИ

Нема ништо поразновидно, поедноставно и поелегантно од свежите тестенини! „Изобилието на видови, сосови, едноставноста на состојките, трудот и љубовта што се вложуваат во приготвувањето свежи тестенини, се рецепт за совршен оброк за семеен роденденски ручек, интимна вечера со пријателите или партнерот, па дури и за свечена прослава по повод 15 години постоење“, вели Ивана Темелкоска (@madmona7), која ни ги приготви овие вкусни равиоли во ароматичен сос.

Состојки:

За тестото:

  • 165 г брашно
  • 1 јајце
  • 60 г пире од цвекло
  • За филот:
  • 100 г рикота или урда (да не содржи многу вода!)
  • 50 г ситно сечкан спанаќ
  • прстофат сол и бибер

За сосот:

  • 200 мл млечна павлака за готвење
  • 2 чешниња лук
  • 1/2 лажиче дробена мајчина душица
  • сол со тартуфи

Приготвување:

1. Просејте го брашното на работна маса и направете дупка во средината. Скршете го јајцето во дупката, додајте го пирето од цвекло и измешајте полека со виљушка. Со виљушката полека земајте од брашното и мешајте додека добиете средно меко, малку лепливо тесто.

2. Убаво измесете го тестото со рака, додека стане еластично и престане да се лепи. Месете го силно, околу 20 минути, формирајте топче, па покријте го со растеглива фолија и оставете го да одмори околу 30 минути.

3. Пригответе го филот така што ќе ги измешате рикотата и спанаќот.

4. Поделете го тестото на 4 дела. Згмечете го тестото со рака, за да добие висина од околу 2 см. Расучете го тестото неколку пати, преклопувајќи го повремено, па потоа со превртувања расучете го до горенаведената дебелина.

5. Врз една лента тесто, на еднакво растојание од околу 10 см, ставете топчиња од филот со еднаква големина, па преклопете со друга лента. Залепете го тестото едно за друго околу филот и потоа извадете равиоли со калапи или со чаша. Редете ги на набрашнета површина и покријте ги со крпа додека го искористите целото тесто.

6. Во големо тенџере зовријте поголемо количество вода со лажиче сол и варете ги равиолите по 10 минути во неколку тури за да не се залепат едни за други.

7. Додека се варат, пригответе го ароматичниот сос. На малку путер, кратко пропржете ги лукот и мајчината душица. Додајте млечна павлака и гответе 15-тина минути на тивок оган, додека се згусне павлаката. На крај посипете со сол со тартуфи.

8. Послужете го јадењето, така што прво ќе ставите сос, па неколку равиоли, а на крај посипете со суви билки, сечкани ореви и бибер. На здравје!

БАДЕМОВИ ПУСЛИЦИ СО СОРБЕТ ОД МАЛИНИ

Пуслиците се десерт што секогаш потсетува на детство и на убави мигови. Но овие на Ивана Костадиновска (@lostinbaking) се со посебен шмек, бидејќи се збогатени со неодолив сорбет од малини и ванила, па затоа и се идеален избор за свечена трпеза.

Состојки:

  • 250 г шеќер во прав
  • 4 белки
  • 200 г мелени бадеми
  • 1 ванила-стапче
  • прстофат сол
  • неколку капки лимон
  • сорбет од малини
  • свежи малини

Приготвување:

1. Во сад се матат белките заедно со солта и лимонот околу 1 минута. Се додава шеќерот во прав (на двапати) и се продолжува со матење (8-10 минути), додека се добие цврст снег што се задржува на маталките. Се додаваат мелените бадеми заедно со ванилата и внимателно се меша со шпатула за да се изедначи смесата.

2. Приготвената смеса се префрла во шприц и потоа, во плех обложен со хартија за печење, се формираат пуслици со дијаметар од 7 см. Пуслиците се печат во претходно загреана рерна на 120˚Ц, околу 30 минути.

3. Откако ќе се оладат пуслиците, по две половини се слепуваат со сорбет од малини и се сервираат со свежи малини и шеќер во прав.

РОЗОВА КАДИФЕНА ТОРТА

Тортата е круна на секоја роденденска прослава, а Дијана Иваноска ја приготви совршената розова кадифена торта! Изгледа фантастично, а вкусот освојува на прво залаче. Побарајте уште вакви специјалитети на инстаграм-профилот @dashofspicee.

Состојки:

За тестото:

  • 230 г путер
  • 120 г шеќер во прав
  • 42 г млеко
  • 12 г мед
  • 1 лажиче екстракт од ванила
  • 50 г бадемово брашно
  • 180 г брашно
  • 5 г прашок за печиво
  • 4 белки (160 г)
  • 80 г шеќер
  • розова прехранбена боја (по избор)

За кремот:

  • 500 мл млечна павлака за готвење
  • 170 г шеќер во прав
  • 450 г маскарпоне
  • 2 лажичиња екстракт од ванила
  • розова прехранбена боја

За овошниот дел:

  • 240 г малини
  • 150 г шеќер
  • 3 рамни лажици густин
  • 3 лажици вода

Приготвување:

1. Загрејте ја рерната на 175˚Ц. Обложете 3 тавчиња, со пречник од 18 см, со хартија за печење.

2. Изматете го путерот со шеќерот во прав додека стане светол и кремлив. Додајте ги медот, ванилата и постепено додавајте го млекото додека матите.

3. Во друг сад измешајте ги брашното и бадемовото брашно со прашокот за печиво. Изматете ги белките со шеќерот за да добиете цврст снег. Ставете ги сувите состојки во смесата со путер и убаво изматете. Ставете малку прехранбена боја и изматете кратко.

4. Постепено додавајте ги белките и полека мешајте за да не се изгуби волуменот на смесата. Поделете го тестото еднакво во трите тавчиња и печете 25-30 минути.

5. Во тенџере на оган ставете ги малините и шеќерот да се варат. На страна, измешајте го густинот со вода за да нема грутки. Кога ќе зоврие овошјето, додајте го густинот и варете неколку минути додека се згусне. Оставете го да се олади целосно.

6. Изматете ја слатката павлака со шеќерот. Кога ќе се згусне, додајте маскарпоне, ванила и малку од бојата. Матете до изедначување.

7. Нанесете од кремот по краевите на тестото. Во средина ставете половина од овошната смеса и покријте со уште малку од кремот. Повторете ја постапката и на крајот, целата торта филувајте ја со кремот.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

РОДЕНДЕНСКО МЕНИ: Вкусни и оригинални рецепти за вашата свечена трпеза!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.