Торта Египќанка: Жолтиот фил и грилијашот ѝ даваат шмек каков што нема ниту еден друг десерт!

Мора да го пробате ова!

Една од најубавите торти

Совршена е за свечени пригоди, а се приготвува за миг!

Состојки:

За корите:

  • 2 белки
  • 2 големи лажици шеќер
  • 1 голема и рамна лажица брашно
  • 40 г мелени ореви

За жолтиот фил:

  • 6 жолчки
  • 6 големи лажици шеќер
  • 4 и пол големи лажици брашно
  • 2 кесички ванилин шеќер
  • 400 мл млеко
  • 150 г путер

За грилијашот:

  • 150 г шеќер
  • 100 г мелени ореви
  • 200 мл течна слатка павлака
  • мелени ореви за посипување и шлаг за декорација
Приготвување:

Прво пригответе го филот од жолчки. Кратко изматете ги жолчките и шеќерот со миксер, додајте ванилин шеќер и разредете со малку млеко. Преостанатото млеко оставете го да зоврие, па во него додајте ја смесата од жолчки и брашно и загревајте ја додека се згусне.

Сварениот фил сипете го во помала чинија и оставете го на страна да се лади со повремено мешање додека се создаде коричка на површината.

Пригответе го карамел-филот. Во помало тенџере ставете го шеќерот на рингла да се стопи, но внимавајте да не загори. Кога шеќерот ќе добие златно-жолта боја и ќе стане течен, додека е врел сипете го на хартија за печење и оставете го потполно да се олади и стегне.

Потоа, на ред се корите. Во подлабок сад изматете ги белките за да станат пенести, па додавајте шеќер лажица по лажица. Кога ќе добиете цврста и сјајна пена, внимателно со лажица додајте брашно и мелени ореви и измешајте. Смесата поделете ја на три еднакви дела и печете ја во три калапа со пречник од 20 см. Ако можете, печете ги корите во исто време, така ќе ја забрзате подготовката. Корите може да се печат и една по една, но тогаш мора посебно да ја матите смесата за секоја кора. Ако немате калап со таа големина, можете да нацртате круг од 20 см на хартија за печење и така да ги печете. Корите се печат на 170 степени околу 20 минути, додека добијат светло жолта боја на површината. Оставете ги корите да се оладат.

Пенесто изматете го омекнатиот путер и во него лажица по лажица додавајте од сварениот фил од жолчки. Матете со миксер уште една-две минути, за да добиете убав, воздушест крем.

Стврднатиот шеќер со сукало здробете го на ситни парчиња. Тој може и да се измели со машина за ореви, доколку сакате.

Во подлабок сад цврсто изматете шлаг, односно течна слатка павлака. Во шлагот измешајте го здробениот шеќер (оставете една-лажици за посипување по тортата) и смелените ореви.

Потоа, следи филувањето на тортата. Поделете го жолтиот фил на три дела, бидејќи тортата и однадвор се премачкува со фил, а шлагот се дели на два дела. На чинија ставете ја првата кора и премачкајте ја прво со жолт фил, па со фил од шлаг, потоа повторно кора па жолт фил и шлаг, и на крај оди третата кора. Целата торта премачкајте ја со жолт фил, посипете ја со ореви и со запржен шеќер и украсете ја со шлаг. Готовата торта оставете ја да преноќи, па послужете ја следниот ден.

Добар апетит!

Кремлива торта од чоколадо: Старински класик со само 2 јајца – многу е сочна и вкусна!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.