Нашата цел е во 2021 година да продолжиме да го градиме зацртаниот план и да ја зголемиме конкурентноста, не само кај нас, туку и во регионот

РКМ - Успешен стартап во македонската економија

Ратко Капушевски, сопственик и директор на компанијата , за „Економист: Светот во 2021“

РКМ е компанија што работи во областа на енергетиката, каде што основна дејност е трговијата со нафтени деривати. Станува збор за успешна стартап-фирма, која снабдува голем дел од македонските фабрики со индустриски деривати – мазут М1 ХЦ и петролеум.

РКМ е регистрирана во 2015 година, но активна е на македонскиот пазар од 2019 година. Фирмата е во сопственост на Ратко Капушевски, најмладиот директор именуван од страната на владата во 2009 година на само 22 години на Националната агенција за европски програми и мобилност, кој потоа заминува во спортскиот центар „Борис Трајковски“, па заминува како генерален директор во приватна холдинг-фирма каде што член беше и европскиот шампион РК Вардар. Тоа беше сосема доволна причина да поразговараме со него за годишното издание „Економист: Светот во 2021-та“ за тоа какво мислење има за годината зад нас и какви му се прогнозите за оваа година на економиски план.

Опширна  кариера и големо работно искуство за само 34 години. Што ви е најдраго од тоа?

Секоја епизода од кариерата си има своја убава страна од медалот, како и тежина од другата страна. За националната агенција бев многу критикуван поради младоста, но горд сум што успеав од европската комисија да го зголемам буџетот за потребите на македонското образование и образовните програми што се во Агенцијата.

За спортскиот центар „Борис Трајковски“ можам да кажам дека посетеноста денешна и оперативата се сликата на мојот придонес во фирмата. Сите општествени јавни добра во комплексот ми се драги и горд сум за денешниот резултат и фреквенцијата на граѓаните во комплексот, иако да се реализира тој проект беше искрено многу макотрпно. Мислам дека е една успешна приказна во Скопје што ја креира спортската култура на живеењето.

Во групацијата каде што заминав во приватниот сектор во 2014 година стекнав убави искуства за бизнисот како треба, но и како не треба. Колку и неславно да заврши моето разделување со сопственикот, горд сум што бев генерален директор и проект-менаџер на општествено-јавните проекти за спортот, како и целиот мој придонес за успесите на РК Вардар и ФК Вардар, пред сѐ, во спортските академии, кои денес веќе даваат свои резултати.

Како ја оценувате изминатава 2020 година?

2020 година беше исклучително тешка година за светот, па и за нас во македонската економија и бизнис. Од бизнис-аспект сметам дека нѐ одржа домашното производство и научивме сите за неговата исклучителна важност во економијата. Малите и средните претпријатија се секогаш зависни од домашното производство, кој е основен двигател на државната економија.

Ние, како фирма, сме комплетно зависни од македонските индустриски капацитети бидејќи, пред сѐ, сме нивен партнер при снабдувањето со енергенси. Почувствувавме падови од дел од партнерите, но опстоивме преку еден бизнис бон-тон, кој нѐ одржа во живот. Банките беа коректен партнер во кризата според мене како стартап-компанија.

Дали според вас оваа година е треба да се заборави или оваа година беше предизвик за развој?

И покрај сите турбуленции со кои се соочивме оваа година, ние како РКМ успеавме да ја преживееме. Во трговијата со нафтени деривати, мазут и петролеум, и покрај намалената побарувачка, целта беше да изградиме еден одржлив систем на работа. Иако сме релативно млади на пазарот, сепак успешно работиме и придонесуваме за добра пазарна економија.

Годинава на бизнис-план можам да кажам дека беше добра за стекнување едно искуство и реално ја искористив како можност за зголемување на портфолиото со успешни индустриски капацитети. Сметам дека ја преживеавме годината, но најсреќен сум што во самата криза успеав да влезам на надворешни пазари со претставништва и реализација на договори за 2021 година. Имаме амбициозен бизнис-план за 2021 година, што сметам дека ќе нѐ постави во најуспешните 300 фирми во нашата економија.

Каква е позицијата на македонските компании во регионот и дали недобивањето датум за ЕУ, според вас, ќе влијае врз развојот на компанијата и конкуренцијата во регионот?

Компанијата РКМ е успешно позиционирана во Македонија и успешно се справува и во регионот. Активни сме и на пазарите во неколку држави на Балканот, особено во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Хрватска, со свои претставништва, кои придонесоа да се одржиме во живот за време на пандемијата. Добрата понуда и побарувачката е клучна во аспирациите за работа во регионот, како и поголемиот пазар и можностите што се нудат.

Во однос на недобивањето на датумот за почеток на преговорите за ЕУ, можеби нема да влијае нешто посебно во работењето на РКМ од тоа што влијае досега, но мислам дека ќе продолжиме со административните бариери што ги имаме и денеска. ЦЕФТА ни е од особен придонес за нашето балканско работење, а регулаторната комисија сметам дека успешно се справи со формирањето на малопродажните цени при варијациите од светската берза.

Датумот сметам дека е од исклучително голем интерес за секојдневното живеење на граѓаните и верувам дека ќе ја имаме таа среќа нашата генерација да го живее европскиот стандард.

 Какви очекувања имате за следната 2021? Дали очекувате нормализирање на економијата и враќање на старите навики и нормалното функционирање?

Да бидам искрен, старите навики и нормалното функционирање ги очекувам од второто тримесечје. Полека започнуваат да се нормализираат работите. Нашата цел е во 2021 година да продолжиме да го градиме зацртаниот план и да ја зголемиме конкурентноста, не само кај нас, туку и во регионот. Планираме да отвораме нови пазари на дејствување и да изградиме уште посилен бренд, кој ќе биде препознатлив во јавноста преку социјално одговорни проекти, кои ќе придонесат за едно поубаво општество за сите нас.

Текст: Економист: Светот во 2021-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.