Амбасадорката на СР Германија порачува: „Северна Македонија може да се потпре и понатаму на поддршката од Германија“

Н.Е. Анке Холштајн за „Економист: Светот во 2021-та“

На сите нас ни посакувам добра и мирна 2021 година, а, пред сè, најдобро здравје!

Н.Е. Анке Холштајн, амбасадорка на СР Германија во Република Северна Македонија, своите предвидувања за најголемите предизвици на нашата земја во 2021 година ги открива во ексклузивното интервју за годишното издание „Економист: Светот во 2021-та“.

Најпрвин, кратко за приближувањето на Северна Македонија кон ЕУ: голема заедничка цел на Германија и на Северна Македонија беше да се почне со пристапните преговори со ЕУ пред крајот на годината, уште за време на германското претседателство со Советот. Но досега не успеавме во Советот на ЕУ да постигнеме единство кај сите земји-членки, кое е потребно за да отпочнат пристапните преговори.

Притоа, Македонија мораше да исполни повеќе од други – да ги спомнам Преспанскиот договор и промената на државното име. И последниот извештај на Европската комисија за земјата потврдува дека Северна Македонија е подготвена. Oдлoжувањето на почетокот на пристапните преговори, поради билатерални дивергенции, претставува повреда на европските вредности и норми.

Билатералните разидувања мора да се решат билатерално, надвор од пристапниот процес. Едно нешто би сакала да истакнам: Навистина станува збор само за одложување. Зеленото светло од сите земји-членки од март е одлука што е обврзувачка за сите земји-членки. Сметам на тоа дека конечниот старт ќе биде во 2021 година.

Дотогаш времето треба да се искористи ангажирано за продолжување на реформскиот курс, дури иако пропуштениот почеток сега во декември секако ја поткопува мотивацијата, но одложувањето не мора нужно да значи и забавување: Кога ќе се почне, Северна Македонија ќе биде добро подготвена и сѐ може да се одвива многу побргу. Северна Македонија може да се потпре и понатаму на поддршката од Германија.

Главната задача ширум светот во првите месеци од 2021 година ќе биде понатамошното справување со корона-пандемијата. Сите ние може да се надеваме дека на почетокот на годината ќе почне вакцинирањето. Меѓутоа, сигурно ќе помине уште многу време до постепеното враќање во нашето вообичаено секојдневие.

Дотогаш за сите нас важи да се однесуваме одговорно: да носиме маски, да држиме дистанца, да ги сведеме контактите на апсолутен минимум. Само ако сите ние, како поединци, го почитуваме тоа, тогаш здравствениот систем ќе биде во состојба да ги згрижи сите заболени. Како германска амбасада во Северна Македонија се обидовме малку да помогнеме – со опрема за болници, со респиратори, со амбулантни возила и слично.

Нашата највисока почит и благодарност му ја оддаваме на целиот медицински персонал, кој неуморно, веќе со месеци, е ангажиран далеку над границата на оптоварливост! Од почит кон него: во 2020 година нема да има поголеми прослави, ниту за Божик, ниту за Нова година.

Покрај медицинската битка против вирусот САРС-ковид2, целиот свет во 2021 година ќе се бори со економските последици од пандемијата. Туризмот во Северна Македонија, земја која поради своите природни убавини и впечатливи културно-историски места, вообичаено привлекува голем број гости, особено беше погоден. Да се надеваме дека пандемијата ќе се одвива на начин, кој ќе дозволи барем во извесна мера нормална сезона 2021.

Многу македонски претпријатија се дел од дистрибутивните синџири. И овде може да помогне само постепеното совладување на пандемијата, за побарувачката одново да го достигне вообичаеното ниво и доставувачките синџири повторно да функционираат. Владата донесе повеќе пакети за поддршка за да му помогне на македонското стопанство во овие тешки времиња. Враќањето кон стабилен економски раст е централен предизвик.

Од политички аспект, 2021 година ќе биде возбудлива година. Со нова влада во САД, најважниот трансатлантски партнер на Европа повторно ќе стане сојузник во ангажманот за мултилатерализмот, кој му е итно потребен на нашиот свет со сите свои проблеми, решливи од човештвото само заедно. На 26 септември во Германија ќе има избори, а ерата Меркел – политичарка која како никоја друга пред неа остави печат на лицето на Европа – ќе заврши.

Северна Македонија ќе одбележи 20 години од Охридскиот рамковен договор и ќе резимира каде се наоѓа мултиетничкото македонско општество 20 години по Охрид. Едно е јасно: ќе биде на целта дури тогаш, кога веќе нема да игра никаква улога во која етничка група некој припаѓа.

Други предизвици за Северна Македонија ќе бидат добрососедските односи во регионот: со Грција е постигнато многу од Преспанскиот договор. Тоа треба да продолжи. Со Бугарија како земја, која прва ја призна независната Северна Македонија, односите досега биле некомплицирани. Централната задача е сега, Договорот за пријателство со Бугарија ангажирано да се спроведе во дух и до буква и да се поправи штетата што настана поради полемиката во последните недели во билатералните односи.

Односите со соседите секогаш се деликатни, дали станува збор за приватни соседски односи или, пак, за односи преку државните граници. Тие треба добро да се негуваат. Дека тоа може да функционира, докажале, на пример, Германија и Франција, но потребно беше многу време, политичка волја и енергија. Заедничкиот германско-француски учебник по историја, кој веќе неколку години се користи во наставата во двете земји, е убав пример за тоа што соседни држави може да постигнат.

Владата со својата структура и нејзината програма е добро поставена за предизвиците за следниот период. Извештајот за земјата од Европската комисија може да служи како компас за следните реформи: општо, тој препорачува да се продолжи и да се зголеми ангажманот.

Во политиката, собранието треба да ја зајакне својата улога како место за конструктивна дебата. Разновидното граѓанско општество во Северна Македонија треба уште повеќе да биде слушнато и вклучено. Транспарентноста, принципот на успех и способноста за работа на јавната администрација треба и понатаму да се надградуваат. Притоа, од централно значење е продолжувањето на борбата против корупцијата – непотизмот, врските и политичкиот став, ниту при вработувањата, ниту воопшто не смеат да играат некаква улога.

Од суштинско значење е продолжувањето на реформите во правосудството; голем дел од населението нема доверба во правосудството. Можности за подобрување постојат и кај професионалните,  плуралистички и транспарентни медиуми.

Би посакала граѓанките и граѓаните во Северна Македонија подобро да ја почитуваат и да ја  заштитуваат својата убава природа. На располагање имаме само една природа, која мора да им ја зачуваме на нашите деца и внуци, тоа ни е обврска.

На сите нас ни посакувам добра и мирна 2021 година, а, пред сè, најдобро здравје!

Текст: Економист: Светот во 2021-та

Фото: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.