Од табу-тема до симбол на отменост, снага и сексапил: Златна доба на сакото и панталоните во комплет

Дојде златна доба за сакоата и панталоните во комплет, кои изгледаат најдобро досега – додека порано жените ги носеа за да ги урнат табуата и за да го исмејат конзервативното општество, денес ги носат за да ги истакнат отменоста, снагата и сексапилот.

Дали некогаш сте се нашле на забава на која бил задолжителен елегантен дрес-код, а покрај вас, меѓу армијата на девојки во светкавци и штрас, поминала елегантна дама во костум?

Има нешто во тоа кога жената ќе се наметне со машко руво, што меѓу првите го забележа Сара Бернар, која во 1870 година се облече во „облека за момчиња“, пркосејќи им на правилата според кои жената мора да носи здолниште, а мажот панталони, и си играше со конверзативната јавност.

Во 1930-тите истото го имаше на ум години и Марлен Дитрих кога се сликаше во елегантен смокинг, со цилиндер на главата и со цигара во раката, како и Коко Шанел која, сакајќи да ја ослободи жената од корсетите и родовите улоги, облекуваше машки кошули и панталони. Еленор Рузвелт е првата дама што се сликаше во машки панталони во 1933 година, а по облеката со машки крој остана запаметена и актерката Кетрин Хепберн.

Машките костуми дури во 1968 година станаа дамски, кога дизјанерот Ив Сен Лоран им ги стесни ногавиците и ги приспособи на женската градба, а денес во своите колекции ги има речиси секој креатор. Со различни дезени, бои и форми, тие станаа чести не само меѓу моќните деловни жени и актерките на црвениот килим, туку и на улиците, а вклопени со салонки со висока потпетица и црвен кармин, симбол се на решителна жена која не се плаши да ги прекршува правилата.

 

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.