СТАРИТЕ ДОБРИ ВРЕМИЊА: Дали навистина сме биле посреќни во минатото?

У&З колумна

Дали порано навистина сме биле посреќни? Психолозите ќе кажат „не“.

Филип, мојот најдобар другар од градинка („од градинка“ е многу важен момент што се потенцира секој пат кога го претставувам), беше познат по своите тематски забави со 50-тина луѓе. Специјално за тој ден, неговата куќа кај последна 24 се претвораше во времеплов и нѐ носеше назад во декадата што беше одбрана како главна тема за неговата раскошна прослава. Така, еднаш влеговме во филмот на „Големиот Гетсби“, со музика од 1920-тите, пердуви на главата и многу златни детали. Друга година се претворивме во божици и богови од античко време, обвиени во чаршафи и завеси што ги имавме најдено по дома за да изгледаме што поавтентично. Потоа, нѐ потсети на сите екс-ју хитови кога се вративме во 1980-тите и во најносталгичната приказна на нашите простори позната како „во времето на Тито“. А кој може да заборави дека за еден свој роденден Филип ги покри сите ѕидови со целофан за да направи да се чувствуваме како да сме во спот од 2000-тите?

Овие родендени се планираа со месеци, музичката плејлиста беше селектирана уште во февруари, иако роденденот беше во мај, а гостите имаа задача да се подготват што подобро и што поверодостојно да се вклопат во одбраната тема. И сите го почитуваа тоа, немаше „одметници“ кои не беа маскирани и не беа влезени во одредениот филм. Сите сакаа да бидат поканети и неговите родендени се прераскажуваа со месеци, додека со нетрпение се очекуваше темата на следната роденденска прослава (нешто слично како Мет Гала, само подобро).

Носталгија за минатото

Но Филип веќе одамна не е организатор на овие славни забави (последната беше во 2017 година). Живот, обврски, приоритети. Потајно, цело друштво имавме искра надеж дека тоа ќе се смени сега, за неговиот јубилеен 30-ти роденден, и дека повторно ќе ни овозможи кратко бегство од реалноста. Тоа не се случи и ни преостана само со носталгија да ги гледаме спомените што ни се појавуваат на Фејсбук овој период од годината.
Кога сме кај спомените, социјалните мрежи многу лесно можат да направат да си помислиш дека порано си живеел подобро. Со новата алатка „memories“, секојдневно те потсетуваат колку си бил посреќен, позабавен и поисполнет изминатите години. Можеби си имал подобра работа, си постигнувал поголеми успеси, повеќе си патувал и си одел на повеќе забави. Деновите биле полесни и побезгрижни. Сѐ се чини розово и сјајно во „старите добри времиња“.

Па дали тоа навистина е така?

Дали порано навистина сме биле посреќни? Психолозите ќе кажат „не“. Тие велат дека за минатото размислуваме поапстрактно отколку за сегашноста. Секојдневниот живот е исполнет со сите оние дреболии што нѐ нервираат, а со кои мора да се справиме: сметки за плаќање, алишта за перење, тековни обврски… Кога размислуваме за минатото, не ги земаме предвид овие здодевни ситници, кои и тогаш биле дел од нашето секојдневје, туку се потсетуваме само на убавите мигови. Освен тоа, секогаш знаеме како се одиграло минатото. Неизвесноста предизвикува стрес. Сегашноста се чини понепријатна од минатото, зашто сѐ уште не знаеме каков ќе биде резултатот од одредени професионални и приватни подвизи што се дел од нашиот моментален живот.

Вистината е дека минатото никогаш не било толку безгрижно, само што така ни изгледа од оваа дистанца. И не сме си поминувале подобро тогаш за разлика од сега, така ни се чини зашто сме преоптоварени со други работи во моментот. Некои работи се менуваат, но тоа не значи дека се полоши од порано. Оваа година, за неговиот 30-ти роденден, го изненадивме Филип со шампањ, свеќички и здрави бомбици. Беше пресреќен зашто го спасивме од макотрпното учење што го имаше испланирано за тој ден. Отидовме на пијачка-две-три-четири-пет-шест, се смеевме, „заглавивме“ до 4 наутро и не се ни сетивме на неговите некогашни луксузни роденденски прослави. Бевме присутни во моментот. И бевме искрено среќни.

     Пишува: Марија Лукаревска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.