Разговор со театарскиот режисер Ќендрим Ријани: „Полесно е да се работи со жени“

У&З маж

Разговаравме со еден од ретките театарски режисери кои не се плашат да работат со жени и гласно да говорат за актуелни женски прашања…

Театарскиот режисер Ќендрим Ријани моментално е актуелен со претставите „Три сестри“ во Албански театар и „Жени во собрание“ во Театар Комедија. Обете обработуваат важни женски теми, што е нетипичен избор за машки режисер, барем на нашите простори. Драмата „Три сестри“ на големиот Чехов и денес отвора значајни прашања за општествата во транзиција, во која желбата да се замине од државата е посилна од желбата да се остане во неа. „Жени во собрание“, пак, се заснова на мотиви од истоимениот текст на Аристофан, а во фокусот е донесувањето апсурден закон со кој им се забранува на жените да работат. Со Ќендрим разговаравме за положбата на жените во театарот, за нивната улога во општеството, но и за дамите што влијаеле врз неговиот професионален развој…

Во „Жени во собрание“ играат само жени. Сметаш ли дека застапеноста на силни машки и женски ликови во театарот е еднаква?

Во театарот каде што ја работев претставата, врз основа на делата што претходно биле поставени на сцената, јасно се гледа дека доминираат машки ликови. Тоа, всушност, влече корени и од минатото, кога во недостиг од актерки, женските улоги ги играле мажи, во име на комедијата. Спротивното, како што е тоа случајот во „Жени во собрание“, било и сè уште е невообичаено.

Кои жени од сферата на театарот, но и генерално, те имаат инспирирано во текот на твојата кариера?

Многу се, но ќе споменам некои од нив: американската актерка Стела Адлер; Хросвита, која важи за првата жена драматург; актерката Маргарет Хјуз; драмската писателка Винет Керол; албанската писателка Мусина Коколари; Фрида Кало; мајка Тереза; албанската просветителка Параскеви Киријази; Ана Франк; Марија Кири; американската воздухопловна пионерка Амелија Ерхарт; американското воено лице Наоми Паркер…

Сцена од „Жени во собрание“
Кој женски лик особено те фасцинира?

Непобитен факт е дека почнувајќи од антички времиња па до денес, во драматургијата доминираат машките карактери. Сепак, како режисер не можам а да не бидам фасциниран од Медеа, Електра, Леди Ана, Леди Макбет, Хеда Габлер или Нора.

Дали користиш еден пристап кога работиш со машки актери, а друг кога работиш со женски? Со кого е потешко да се работи?

Мојот начин на работа во основа е ист. Методот што го користам секогаш зависи од делото што го работам. Лично, многу полесно ми е да работам со жени, за мене тоа е благослов. Понекогаш се отежнува работата поради односот што го имаат жените меѓу себе…

Сцена од „Жени во собрание“
Иако велиме дека живееме во напредно општество со еднакви можности за мажите и за жените, колку е тоа навистина така?

Тоа ќе биде навистина така кога ова прашање ќе изгуби секаква смисла. Сè додека работите се делат на машки и женски, тоа значи дека сè уште не сме стасале на вистинското место. Во „Жени во собрание“ се обидов да го истражам моментот кога посилниот го третира послабиот како роб. Кога демократијата е кревка, еден од главните проблеми е начинот на распределба на слободата. Посилниот зема поголема слобода, на сметка на слободата на послабиот – тоа е така и во театарот и во животот.

Колку е значајна улогата на жената во театарот, но и во општеството генерално?

Театарот во основа е висок степен на едукација и како таков, тој е сосема некомплетен ако во центарот не фигурира ликот на жената.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, АРХИВА НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА

Александар Ристовски – Принц за машко-женските односи: „Боли колку сме исти!“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.