Писмо од читателка: „Мојот сопруг отсекогаш бил женкар и неодговорен“

Не воздржувајте се да побарате стручна помош!

Мојот сопруг, кој отсекогаш бил женкар и не многу одговорен, е ист како и кога се забавувавме – без разлика што сега имаме деца. И понатаму живее како да е ерген, слободен, излегува  се забавува, а од мене очекува да се грижам за домаќинството и за децата.

Јас некако успевам во тоа. Кога се мажев, тој беше премија, многумина ми завидуваа што ме избра токму мене. Токму затоа за своите маки не разговарам со никого. Мојата жртва одвреме-навреме умее да ја награди со насмевка или со прегратка, а јас се радувам како сираче на трошки нежност.

Стопати помислував да ја прекинам оваа фарса од брак, но срам ми е да се вратам кај родителите, да ја признаам грешката и да се изложам на евентуалните осуди од околината, пишува Сандра од Прилеп, а одговара нашата стручна соработничка, психотерапевтката м-р Снежана Апостолова.

Разбирам дека со текот на времето човекот може да стане жртва на туѓите потреби, но исто така и на сопствените предрасуди, стравови и сомнежи. Сепак, не ми е јасен фактот колку вие, всушност, уживате во таа своја улога – омнипотенција, способност да направите сè и на сите да им бидете на располагање – односно, колку, на тој начин, се натпреварувате со самите себеси, а колку сте ѝ наклонети на идејата за својот брак.

Ми изгледа како да сметате дека сте обврзани да поднесувате жртва, поради ставот што го имаат луѓето кон разведените жени, но и поради севкупниот крах на проектот наречен „добив премија во вид на маж што сите го посакуваат“.

Она што го заборавивте е вашето право и понатаму да избирате по сопствена желба, затоа што, во спротивно, останува впечатокот дека сте заробени со премијата што всушност и не е премија. Дали сте заробени со неговото однесување и барања, или ве заробиле суетата, стравовите и некои лични амбиции, потребата да оставите одреден впечаток врз недефинирана група луѓе – одговорот го знаете само вие.

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.